Прескокни кон главната содржина

Јов

Глава 39

  1. 1

    „Знаеш ли кога се котат дивите кози по карпите? Го следиш ли времето кога срните ги раѓаат своите млади?

  2. 2

    Ги броиш ли месеците додека се бремени? Знаеш ли кога ќе се породат?

  3. 3

    Се наведнуваат и ги раѓаат своите млади, па се ослободуваат од породилните болки.

  4. 4

    Нивните млади зајакнуваат и растат на отворено; заминуваат и повеќе не се враќаат кај нив.

  5. 5

    Кој го пушти дивото магаре на слобода? Кој му ги одврза врските?

  6. 6

    Јас му ја дадов пустината за дом и солената земја за живеалиште.

  7. 7

    Тоа се потсмева на градската врева и не ги слуша повиците на оној што го тера на работа.

  8. 8

    Планините му се пасиште и таму ја бара секоја зелена билка.

  9. 9

    Ќе сака ли дивиот вол да ти служи? Ќе ја помине ли ноќта покрај твоите јасли?

  10. 10

    Можеш ли со јаже да го врзеш дивиот вол за браздата? Ќе ги ора ли долините зад тебе?

  11. 11

    Ќе се потпреш ли на него затоа што има голема сила? Ќе му ја довериш ли својата работа?

  12. 12

    Ќе веруваш ли дека ќе ти го донесе житото и ќе го собере на твоето гумно?

  13. 13

    Крилјата на нојката радосно мавтаат, но дали нејзините крилја и пердуви се како на штркот?

  14. 14

    Таа ги остава своите јајца на земјата и ги затоплува во правта,

  15. 15

    заборавајќи дека нога може да ги скрши и полски ѕвер да ги згази.

  16. 16

    Сурово постапува со своите млади како да не се нејзини; не се грижи дека трудот може да ѝ биде залуден.

  17. 17

    Зашто Бог ѝ ја скратил мудроста и не ѝ дал разбирање.

  18. 18

    Но кога ќе се крене и ќе потрча, му се потсмева и на коњот и на неговиот јавач.

  19. 19

    Дали ти му ја даде силата на коњот? Дали ти му го облече вратот со грива?

  20. 20

    Дали ти го правиш да скока како скакулец? Неговото силно ’ржење влева страв.

  21. 21

    Со копитото ја удира земјата и се радува на својата сила; тргнува во пресрет на оружјето.

  22. 22

    Му се потсмева на стравот и не се плаши; не се повлекува пред мечот.

  23. 23

    Над него ѕвечи тоболецот, блескаат копјето и фрлачкото копје.

  24. 24

    Со возбуда и жестина ја голта земјата и едвај мирува кога ќе го чуе звукот на трубата.

  25. 25

    Штом ќе се огласи трубата, тој вели: ‚Ха!‘ Оддалеку ја насетува битката, викотницата на заповедниците и воениот повик.

  26. 26

    Зар по твоја мудрост соколот се издига и ги шири своите крилја кон југ?

  27. 27

    Зар по твоја заповед орелот се крева високо и го прави своето гнездо на височина?

  28. 28

    Живее и ноќева на карпата, на карпест врв и непристапна тврдина.

  29. 29

    Оттаму го бара пленот; неговите очи гледаат далеку.

  30. 30

    Неговите младенчиња пијат крв, и каде што има убиени, таму е и тој.“