Јован
Глава 8
- 1
[Подоцнежна текстуална варијанта: А Исус отиде во Елеонската гора.]
- 2
[Подоцнежна текстуална варијанта: Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше кај Него. А Тој седна и ги поучуваше.]
- 3
[Подоцнежна текстуална варијанта: Тогаш учителите на Законот и фарисеите доведоа кај Него една жена, фатена во прељуба; ја поставија среде сите,]
- 4
[Подоцнежна текстуална варијанта: Му рекоа: „Учителе, оваа жена беше фатена во прељуба.]
- 5
[Подоцнежна текстуална варијанта: А Мојсеј во Законот ни заповеда: таквите да ги каменуваме; Ти, пак, што велиш?“]
- 6
[Подоцнежна текстуална варијанта: Ова го кажуваа за да Го искушаат и да имаат за што да Го обвинат. Но Исус се наведна и со прст пишуваше по земјата.]
- 7
[Подоцнежна текстуална варијанта: Но кога продолжија да Го запрашуваат, Тој се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!“]
- 8
[Подоцнежна текстуална варијанта: И пак се наведна долу и пишуваше по земјата.]
- 9
[Подоцнежна текстуална варијанта: Кога го чуја тоа, почнаа да си заминуваат еден по еден, почнувајќи од постарите. Исус остана Сам, а жената стоеше среде.]
- 10
[Подоцнежна текстуална варијанта: Исус се исправи и ѝ рече: „Жено, каде се? Никој ли не те осуди?“]
- 11
[Подоцнежна текстуална варијанта: Таа рече: „Никој, Господи.“ Исус ѝ рече: „Ни Јас не те осудувам. Оди и отсега не греши повеќе.“]
- 12
Исус повторно им рече: „Јас сум Светлината на светот. Кој оди по Мене нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот.“
- 13
Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинско.“
- 14
Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде сум дошол и накаде одам; а вие не знаете од каде доаѓам ниту каде одам.
- 15
Вие судите по телото, Јас не судам никому.
- 16
А и кога судам, Мојот суд е вистински, зашто не сум Сам, туку Јас и Таткото, Кој Ме прати.
- 17
А во вашиот Закон е напишано дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско.
- 18
Јас сум Оној што сведочи за Себе, и Таткото, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“
- 19
Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Татко?“ Исус одговори: „Не Ме познавате ни Мене ни Мојот Татко. Ако Ме познававте Мене, ќе Го познававте и Мојот Татко.“
- 20
Овие зборови ги кажа Исус кај ризницата, кога поучуваше во храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час.
- 21
Пак им рече Исус: „Јас си одам и ќе Ме барате, и во својот грев ќе умрете. Каде што одам Јас, вие не можете да дојдете.“
- 22
Тогаш Јудејците рекоа: „Да не сака да се самоубие и затоа вели: ‚Каде што одам Јас, вие не можете да дојдете?‘“
- 23
И им рече: „Вие сте одоздола, а Јас сум одозгора; вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет.
- 24
Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; зашто, ако не поверувате дека Јас Сум, ќе умрете во своите гревови.“
- 25
Тогаш Му рекоа: „Кој си Ти?“ Исус им рече: „Она што ви го кажувам од почетокот.
- 26
Многу имам за вас да зборувам и да судам; но Оној што Ме прати е вистински и она што сум чул од Него, тоа му го кажувам на светот.“
- 27
Но не разбраа дека им говореше за Таткото.
- 28
А Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Човечкиот Син, тогаш ќе дознаете дека Јас Сум и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Татко, така и зборувам.
- 29
Оној Кој Ме испрати е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.“
- 30
Кога Тој го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него.
- 31
Тогаш Исус им рече на Јудејците што поверуваа во Него: „Ако останете во Мојот збор, навистина сте Мои ученици;
- 32
И ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“
- 33
Му одговорија и рекоа: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни!‘“
- 34
Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб е на гревот.
- 35
А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно.
- 36
И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
- 37
Знам дека сте Авраамово потомство, но сакате да Ме убиете, зашто Мојот збор нема место во вас.
- 38
Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Татко; а вие го правите она што сте го чуле од вашиот татко.“
- 39
Му одговорија: „Наш татко е Авраам.“ Исус им рече: „Ако бевте Авраамови деца, ќе ги вршевте Авраамовите дела.
- 40
А сега барате да Ме убиете – Мене, Човек Кој ви ја кажа вистината што ја чу од Бог. Авраам не постапи така.
- 41
Вие ги вршите делата на својот татко.“ А тие Му рекоа: „Ние не сме родени од блудство; еден татко имаме – Бог.“
- 42
Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, ќе Ме љубевте, зашто Јас излегов и дојдов од Бог. Не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме испрати.
- 43
Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да го слушате Мојот збор.
- 44
Ваш татко е ѓаволот, и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко. Тој беше човекоубиец од почетокот и не остана во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, зборува од своето, зашто е лажец и татко на лагата.
- 45
А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате.
- 46
Кој од вас може да Ме обвини за грев? А ако ја кажувам вистината, зошто не Ми верувате?
- 47
Кој е од Бог, ги слуша Божјите зборови. Вие затоа не слушате, бидејќи не сте од Бог.“
- 48
Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли со право дека си Ти Самарјанин и дека имаш демон?“
- 49
Исус одговори: „Јас немам демон, туку Го почитувам Својот Татко, а вие Ме обесчестувате.
- 50
Но Јас не ја барам Својата слава; има Друг што ја бара и суди.
- 51
Вистина, вистина ви велам: ако некој го пази Мојот збор, нема да види смрт довека.“
- 52
Тогаш Јудејците Му рекоа: „Сега знаеме дека имаш демон. Авраам умре, и пророците, а Ти велиш: ‚Ако некој го пази Мојот збор, нема да вкуси смрт довека.‘
- 53
Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој умре? И пророците умреа. За кого се сметаш Ти?“
- 54
Исус одговори: „Ако се славам Сам, тогаш Мојата слава е ништо; Мојот Татко е Оној што Ме прославува, за Кого вие велите: ‚Тој е наш Бог.‘
- 55
Но не Го познавате, а Јас, пак, Го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како вие. Но Јас Го знам и го пазам Неговиот збор.
- 56
Вашиот татко Авраам се радуваше што ќе го види Мојот ден; го виде и се зарадува.“
- 57
Тогаш Јудејците Му рекоа: „Уште немаш ни педесет години – а си го видел ли Авраам?“
- 58
Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: пред да се роди Авраам, Јас Сум.“
- 59
Тогаш кренаа камења за да фрлат врз Него; но Исус се сокри и излезе од храмот.