Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 7

  1. 1

    Потоа Исус одеше по Галилеја и не сакаше да оди во Јудеја, бидејќи Јудејците сакаа да Го убијат.

  2. 2

    А се приближуваше јудејскиот Празник на шаторите.

  3. 3

    Тогаш Неговите браќа Му рекоа: „Замини одовде и оди во Јудеја, за и Твоите ученици да ги видат делата што ги правиш.

  4. 4

    Зашто никој не прави нешто тајно ако сака да биде познат. Ако ги правиш овие дела, покажи се на светот.“

  5. 5

    Зашто и Неговите браќа не веруваа во Него.

  6. 6

    Исус им рече: „Моето време уште не дошло, а вашето време секогаш е погодно.

  7. 7

    Светот вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него дека делата му се лоши.

  8. 8

    Вие одете на празникот; Јас не одам на овој празник, зашто Моето време уште не се исполнило.“

  9. 9

    Откако го рече тоа, остана во Галилеја.

  10. 10

    Но, штом отидоа Неговите браќа, отиде на празникот и Тој, но не јавно, туку тајно.

  11. 11

    А Јудејците го бараа на празникот и велеа: „Каде е Оној?“

  12. 12

    Меѓу народот имаше многу шепотење за Него. Едни велеа: „Добар е“, а други: „Не, туку го заведува народот.“

  13. 13

    Сепак, никој не зборуваше отворено за Него поради стравот од Јудејците.

  14. 14

    А кога празникот беше на половина, влезе во храмот и поучуваше.

  15. 15

    И се чудеа Јудејците, велејќи: „Како ги познава Овој Писмата, кога не учел?“

  16. 16

    Исус им одговори: „Моето учење не е Мое, туку на Оној Кој Ме испрати.

  17. 17

    Ако некој сака да ја врши Неговата волја, ќе дознае дали ова учење е од Бог или Јас зборувам Сам од Себе.

  18. 18

    Кој зборува сам од себе, ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го испрати, Тој е вистинит и во Него нема неправда.

  19. 19

    Зар не ви даде Мојсеј Закон? Но никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?“

  20. 20

    Народот одговори: „Демон имаш! Кој сака да Те убие?“

  21. 21

    Одговори Исус и им рече: „Едно дело извршив и сите се чудите.

  22. 22

    Мојсеј ви даде обрежување, макар што тоа не е од Мојсеј, туку од татковците – и вие во саботен ден го обрежувате човекот.

  23. 23

    Ако човек прима обрежување во сабота, за да не се наруши Мојсеевиот Закон, зошто се гневите на Мене затоа што во сабота исцелив цел човек?

  24. 24

    Не судете според надворешноста, туку судете праведно!“

  25. 25

    Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не е ли Овој, Кого сакаат да го убијат?

  26. 26

    Еве, Тој зборува јавно и ништо не Му велат! Да не разбраа навистина поглаварите дека Овој е Христос?

  27. 27

    Но за Овој знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.“

  28. 28

    Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика: „И Мене Ме познавате и знаете од каде сум. Сепак, не дојдов Сам од Себе; вистинит е Оној Кој Ме испрати, Кого вие не Го познавате.

  29. 29

    Јас, пак, Го знам, зашто сум од Него и Тој Ме прати.“

  30. 30

    Тогаш бараа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто Неговиот час уште не беше дошол.

  31. 31

    И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи повеќе знаци отколку што направи Овој?“

  32. 32

    Фарисеите чуја дека народот така зборува за Него, па тие и првосвештениците испратија слуги да Го фатат.

  33. 33

    Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа одам кај Оној Кој Ме испрати.

  34. 34

    Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете.“

  35. 35

    Тогаш Јудејците си рекоа: „Каде ќе оди Овој, па ние да не Го најдеме? Да не сака да оди кај расеаните меѓу Елините и да ги поучува Елините?

  36. 36

    Што значат овие зборови: ‚Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете‘ и ‚Каде ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете‘?“

  37. 37

    А во последниот голем ден од празникот Исус застана и извика со висок глас, велејќи: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие!

  38. 38

    Кој верува во Мене, како што вели Писмото, од неговата внатрешност ќе потечат реки од жива вода.“

  39. 39

    Ова го рече за Духот, Кого требаше да Го примат оние што веруваат во Него; зашто Духот уште не беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.

  40. 40

    А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: „Навистина, Овој е пророк!“

  41. 41

    Други велеа: „Овој е Христос.“ А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос?

  42. 42

    Не вели ли Писмото дека Христос доаѓа од Давидовото потомство и од Витлеем, селото од кое потекнуваше Давид?“

  43. 43

    И така настана во народот расправија за Него.

  44. 44

    А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.

  45. 45

    Слугите се вратија кај првосвештениците и фарисеите, а тие ги прашаа: „Зошто не Го доведовте?“

  46. 46

    Слугите одговорија: „Никогаш човек не зборувал така.“

  47. 47

    Фарисеите им одговорија: „Да не сте и вие измамени?

  48. 48

    Поверувал ли некој од поглаварите и фарисеите во Него?

  49. 49

    Но овој народ, кој не го знае Законот, е проклет.“

  50. 50

    Никодим, пак, кој беше дошол кај Него порано, а беше еден од нив, им рече:

  51. 51

    „Зар нашиот Закон суди човек, ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?“

  52. 52

    Му одговорија: „Да не си и ти од Галилеја? Истражи и види дека не се појавува пророк од Галилеја.“

  53. 53

    [Подоцнежна текстуална варијанта: И секој си отиде во својот дом.]