Јован
Глава 6
- 1
Потоа Исус отиде на другата страна на Галилејското Море, наречено Тиверијадско.
- 2
И по Него одеше многу народ, зашто ги гледаа знаците што ги правеше над болните.
- 3
А Исус отиде во гората и таму седеше со Своите ученици.
- 4
И наближуваше јудејскиот празник Пасха.
- 5
Исус, пак, кога ги подигна очите и виде дека кон Него доаѓа многу народ, му рече на Филип: „Од каде да купиме леб, за да јадат овие?“
- 6
А тоа го рече за да го испита, зашто сам знаеше што ќе направи.
- 7
Филип Му одговори: „Ни леб за двесте денарии нема да биде доволен за секој од нив да добие по малку.“
- 8
Еден од Неговите ученици, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече:
- 9
„Овде има едно момче со пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку многу луѓе?“
- 10
Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“ А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.
- 11
Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги раздели на оние што седеа; исто така и од рибите, колку што сакаа.
- 12
А кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не се изгуби ништо!“
- 13
И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошеви со парчиња што им преостанаа на оние што јадеа.
- 14
А луѓето, кога го видоа знакот што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот!“
- 15
Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да Го направат цар, се оддалечи Сам во гората.
- 16
А приквечер, Неговите ученици слегоа до морето,
- 17
влегоа во чамец и тргнаа преку морето кон Капернаум. Веќе беше темно, а Исус уште не беше дошол кај нив.
- 18
Морето, пак, се разбрануваше, зашто дуваше силен ветар.
- 19
Кога отпловија околу пет до шест километри, Го видоа Исус како оди по морето и се приближува кон чамецот, па се исплашија.
- 20
Но Тој им рече: „Јас сум, не плашете се!“
- 21
Тогаш сакаа да Го примат во чамецот, и чамецот веднаш стигна до брегот кон кој одеа.
- 22
Следниот ден народот што стоеше од другата страна на морето виде дека таму немаше друг чамец освен оној еден и дека Исус не влегол со Своите ученици во чамецот, туку Неговите ученици заминале сами.
- 23
Но од Тиверијада дојдоа други чамци близу до местото каде што јадеа леб, откако Господ беше заблагодарил.
- 24
Кога народот виде дека таму ги нема ни Исус ни Неговите ученици, влегоа во чамците и дојдоа во Капернаум, барајќи Го Исус.
- 25
И, штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: „Учителе, кога дојде овде?“
- 26
Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: Ме барате не затоа што видовте знаци, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте.
- 27
Не работете за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот, која ќе ви ја даде Човечкиот Син; зашто Него Го запечати Бог Таткото.“
- 28
А тие Му рекоа: „Што да правиме, за да извршуваме Божји дела?“
- 29
Исус им одговори: „Божјото дело е ова: да верувате во Оној Кого Тој Го испрати.“
- 30
А тие Му рекоа: „Каков знак ќе направиш за да видиме и да Ти поверуваме? Што ќе сториш?
- 31
Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: ‚Леб од небото им даде да јадат.‘“
- 32
Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не Мојсеј ви даде леб од небото, туку Мојот Татко ви дава вистински леб од небото.
- 33
Зашто Божјиот леб е Оној Кој слегува од небото и му дава живот на светот.“
- 34
Тогаш тие Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб!“
- 35
Исус им рече: „Јас сум лебот на животот. Кој доаѓа кај Мене нема да огладни, и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни.
- 36
Но ви реков дека Ме видовте, но сепак не верувате.
- 37
Сѐ што Ми дава Таткото ќе дојде кај Мене; и оној што доаѓа кај Мене нема да го истерам надвор.
- 38
Зашто слегов од небото не за да ја вршам Својата волја, туку волјата на Оној Кој Ме испрати.
- 39
А волјата на Оној Кој Ме испрати е да не изгубам ништо од сѐ што Ми дал, туку да го воскреснам во последниот ден.
- 40
А волјата на Мојот Татко е секој што Го гледа Синот и верува во Него да има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“
- 41
Јудејците негодуваа против Него затоа што рече: „Јас сум лебот што слезе од небото.“
- 42
И зборуваа: „Зар не е Овој Исус, синот на Јосиф, чиј татко и чија мајка ги познаваме? Како тогаш Тој вели: ‚Слегов од небото.‘“
- 43
Исус им одговори: „Не негодувајте меѓу себе.
- 44
Никој не може да дојде кај Мене ако не го привлече Таткото Кој Ме испрати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
- 45
Кај пророците е напишано: ‚И сите ќе бидат поучени од Бог.‘ Секој што чул од Таткото и се научил, доаѓа кај Мене.
- 46
Не дека некој Го видел Таткото, освен Оној Кој е од Бог; Тој Го видел Таткото.
- 47
Вистина, вистина ви велам: кој верува има вечен живот.
- 48
Јас сум лебот на животот.
- 49
Вашите татковци јадеа мана во пустината и умреа.
- 50
А ова е леб што доаѓа од небото, и оној кој јаде од него, нема да умре.
- 51
Јас сум живиот Леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој Леб, ќе живее довека; а Лебот што Јас ќе го дадам е Моето тело за животот на светот.“
- 52
Јудејците пак почнаа да се препираат меѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?“
- 53
Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, немате живот во себе.
- 54
Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
- 55
Зашто Моето тело е вистинска храна, а Мојата крв е вистински пијалак.
- 56
Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв останува во Мене, и Јас во него.
- 57
Како што Ме испрати живиот Татко и Јас живеам преку Таткото, така и оној што Ме јаде ќе живее преку Мене.
- 58
Ова е лебот што слезе од небото, не како маната што ја јадеа вашите татковци, а сепак умреа; кој јаде од овој леб, ќе живее довека.“
- 59
Ова го кажа Исус во синагогата, кога поучуваше во Капернаум.
- 60
Тогаш многумина од Неговите ученици, кога го чуја тоа, рекоа: „Тежок е овој збор; кој може да го слуша?“
- 61
А Исус, знаејќи во Себе дека Неговите ученици негодуваат поради тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува?
- 62
А што ако Го видите Човечкиот Син да се вознесува горе, каде што бил порано?
- 63
Духот е Тој што оживува; телото не носи никаква полза. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот.
- 64
Но има меѓу вас и некои што не веруваат.“ Исус знаеше од почетокот кои се тие што не веруваат и кој е тој што ќе го предаде.
- 65
И рече: „Затоа ви реков дека никој не може да дојде кај Мене ако не му е дадено од Мојот Татко.“
- 66
Оттогаш многумина од Неговите ученици се повлекоа и повеќе не одеа со Него.
- 67
Тогаш им рече Исус на дванаесетте: „Да не сакате и вие да си отидете?“
- 68
Симон Петар Му одговори: „Господи, кај кого да одиме? Ти имаш зборови на вечен живот.
- 69
И ние поверувавме и познавме дека Ти си Светиот Божји.“
- 70
Исус им одговори: „Не ве избрав ли Јас дванаесетмина? Но еден од вас е ѓавол.“
- 71
А зборуваше за Јуда Искариот, синот на Симон, зашто тој, како еден од дванаесетте, ќе Го предаде.