Јован
Глава 5
- 1
Потоа имаше јудејски празник и Исус се искачи во Ерусалим.
- 2
А во Ерусалим, кај Овчата порта, има бања, која на еврејски се нарекува Бетзата, со пет тремови.
- 3
Во нив лежеа многу болни, слепи, куци и изнемоштени.
- 4
[Во подоцнежни ракописи стои: „Тие го чекаа раздвижувањето на водата. Зашто одвреме-навреме Господов ангел слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест што ја имаше.“]
- 5
Имаше таму и еден човек, кој боледуваше триесет и осум години.
- 6
Кога Исус го виде како лежи и дозна дека веќе долго време е болен, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“
- 7
Болниот Му одговори: „Господи, немам човек да ме спушти во бањата кога водата ќе се раздвижи; а додека јас дојдам, друг слегува пред мене.“
- 8
Исус му рече: „Стани, земи ја својата постелка и оди си!“
- 9
И веднаш оздраве човекот, ја зеде својата постелка и одеше. А тој ден беше сабота.
- 10
Поради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја земеш својата постелка!“
- 11
Тој им одговори: „Оној што ме исцели ми рече: ‚Земи ја својата постелка и оди.‘“
- 12
А тие го прашаа: „Кој е човекот што ти рече: ‚Земи ја и оди‘?“
- 13
Но исцелениот не знаеше кој е, бидејќи Исус се беше оддалечил, а на тоа место имаше многу народ.
- 14
А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“
- 15
А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној што го исцелил.
- 16
И затоа Јудејците Го гонеа Исус, зашто тоа го правеше во сабота.
- 17
А Исус им одговараше: „Мојот Татко досега работи, и Јас работам.“
- 18
Затоа Јудејците уште повеќе бараа да Го убијат, зашто не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бог Го нарекуваше Свој Татко, правејќи се еднаков со Бог.
- 19
Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, туку само она што гледа дека го прави Таткото; зашто што прави Тој, тоа го прави и Синот.
- 20
Зашто Таткото Го љуби Синот и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже уште поголеми дела од овие, за вие да се чудите.
- 21
Зашто, како што Таткото ги воскреснува мртвите и им дава живот, така и Синот им дава живот на оние на кои сака.
- 22
Таткото не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот;
- 23
за сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Таткото. Кој не Го почитува Синот, не Го почитува ни Таткото Кој Го испрати.
- 24
Вистина, вистина ви велам: кој го слуша Мојот збор и верува во Оној Кој Ме испрати, има вечен живот и не доаѓа на суд, туку преминал од смрт во живот.
- 25
Вистина, вистина ви велам: доаѓа часот, и сега е, кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и оние што ќе го чујат ќе живеат.
- 26
Зашто, како што Таткото има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе.
- 27
И Му даде власт да врши суд, зашто е Човечки Син.
- 28
Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот кога сите што се во гробовите ќе го чујат Неговиот глас,
- 29
и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло – ќе воскреснат за осудување.
- 30
Јас не можам ништо да правам Сам од Себе. Како што слушам, така судам; и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Својата волја, туку волјата на Оној Кој Ме испрати.
- 31
Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да биде вистинско.
- 32
Но има друг кој сведочи за Мене; и знам дека е вистинско тоа сведоштво, со кое Тој сведочи за Мене.
- 33
Вие пративте кај Јован и тој ви посведочи за вистината.
- 34
Но Јас не примам сведоштво од човек; туку го кажувам ова, за да се спасите вие.
- 35
Тој беше светилка што гори и свети, а малку време сакавте да се порадувате на неговата светлина.
- 36
Но Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото: делата што Таткото Ми ги даде да ги довршам – токму тие дела што ги вршам – сведочат за Мене дека Таткото Ме испрати.
- 37
И Таткото Кој Ме испрати Сам сведочи за Мене. Вие никогаш не сте го чуле Неговиот глас, ниту сте го виделе Неговиот лик.
- 38
И Неговиот збор не останува во вас, зашто не верувате во Оној Кого Тој Го испрати.
- 39
Ги истражувате Писмата, зашто мислите дека во нив имате вечен живот; а токму тие сведочат за Мене.
- 40
Но не сакате да дојдете кај Мене, за да имате живот.
- 41
Не примам слава од луѓе.
- 42
Но ве познавам: ја немате Божјата љубов во себе.
- 43
Јас дојдов во името на Мојот Татко и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите.
- 44
Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата што е од единствениот Бог не ја барате?
- 45
Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Таткото; има кој да ве обвинува – Мојсеј, на кого вие се надевате.
- 46
Зашто, ако му верувавте на Мојсеј, ќе Ми верувавте и Мене, бидејќи тој пишуваше за Мене.
- 47
А ако не верувате на неговите списи, како ќе им поверувате на Моите зборови?“