Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 4

  1. 1

    Кога Исус дозна дека фарисеите чуле дека Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован

  2. 2

    (иако Сам Исус не крштаваше, туку Неговите ученици),

  3. 3

    ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја.

  4. 4

    Требаше да мине преку Самарија.

  5. 5

    Така дојде во самарјанскиот град Сихар, близу земјиштето што Јаков му го даде на својот син Јосиф.

  6. 6

    Таму беше изворот на Јаков. Исус, изморен од патувањето, седна покрај изворот. Беше околу шестиот час.

  7. 7

    Дојде една жена од Самарија да нацрпи вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“

  8. 8

    Неговите ученици беа отишле во градот да купат храна.

  9. 9

    Самарјанката Му рече: „Како можеш Ти, Јудеец, да бараш од мене, Самарјанка, да Ти дадам да пиеш?“ Зашто Јудејците не се дружеа со Самарјаните.

  10. 10

    Исус ѝ одговори: „Кога би го знаела Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘, ти би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“

  11. 11

    Жената Му рече: „Господи, немаш ни со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок. Од каде тогаш ја имаш живата вода?

  12. 12

    Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец и од него пиеше и самиот, и неговите синови, и неговиот добиток?“

  13. 13

    Исус ѝ одговори: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни.

  14. 14

    А кој ќе пие од водата што Јас ќе му ја дадам, нема да ожедни довека; туку водата што ќе му ја дадам ќе стане во него извор на вода што извира за вечен живот.“

  15. 15

    Жената Му рече: „Господи, дај ми од таа вода, за да не ожеднувам и да не доаѓам овде да црпам.“

  16. 16

    Исус ѝ рече: „Оди, повикај го својот маж и дојди тука!“

  17. 17

    Жената Му одговори: „Немам маж.“ Исус ѝ рече: „Добро кажа: ‚Немам маж‘,

  18. 18

    зашто си имала петмина мажи, а оној што го имаш сега не ти е маж. Тоа вистинито го кажа.“

  19. 19

    Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк.

  20. 20

    Нашите татковци се поклонуваа на оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.“

  21. 21

    Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми: доаѓа часот кога ниту на оваа планина, ниту во Ерусалим ќе Му се поклонувате на Таткото.

  22. 22

    Вие се поклонувате на она што не го знаете; ние се поклонуваме на она што го знаеме, зашто спасението е од Јудејците.

  23. 23

    Но доаѓа часот, и сега е, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина; зашто Таткото бара такви да Му се поклонуваат.

  24. 24

    Бог е Дух; и оние што Му се поклонуваат треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.“

  25. 25

    Жената Му рече: „Знам дека доаѓа Месијата, Кој се нарекува Христос; кога ќе дојде, Тој ќе ни објави сѐ.“

  26. 26

    Исус ѝ рече: „Јас сум – Оној Кој зборува со тебе.“

  27. 27

    Во тој миг дојдоа Неговите ученици и се зачудија што разговара со жена; сепак никој не рече: „Што бараш?“ или: „Зошто разговараш со неа?“

  28. 28

    А жената ја остави својата стомна и отиде во градот и им рече на луѓето:

  29. 29

    „Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Тој Христос?“

  30. 30

    Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.

  31. 31

    Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Учителе, јади!“

  32. 32

    Но Тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете.“

  33. 33

    Тогаш учениците си велеа еден на друг: „Да не Му донел некој да јаде?“

  34. 34

    Исус им рече: „Мојата храна е да ја вршам волјата на Оној Кој Ме испрати и да го довршам Неговото дело.

  35. 35

    Не велите ли: ‚Уште четири месеци, па доаѓа жетвата‘? Ете, ви велам: подигнете ги очите и погледнете ги нивите – веќе се бели за жетва.

  36. 36

    Жетварот прима плата и собира плод за вечен живот, та заедно да се радуваат и сејачот и жетварот.

  37. 37

    Зашто во ова се потврдува поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее.‘

  38. 38

    Јас ве испратив да го жнеете она за кое вие не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“

  39. 39

    И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него поради зборовите на жената, која сведочеше: „Ми кажа сѐ што сум направила.“

  40. 40

    Кога дојдоа, пак, Самарјаните кај Него, Го помолија да остане кај нив. И Тој остана таму два дена.

  41. 41

    И уште повеќе поверуваа поради Неговиот збор;

  42. 42

    А на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме само поради твоето кажување; зашто самите чувме и знаеме дека Овој навистина е Спасителот на светот.“

  43. 43

    А по два дена Тој излезе оттаму и отиде во Галилеја.

  44. 44

    Зашто Сам Исус беше посведочил дека пророк нема чест во своето родно место.

  45. 45

    Кога дојде, пак, во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сѐ што изврши во Ерусалим на празникот; зашто и тие беа на празникот.

  46. 46

    Исус повторно дојде во Кана Галилејска, каде што ја претвори водата во вино. А имаше еден царски службеник, чиј син беше болен во Капернаум.

  47. 47

    Кога царскиот службеник чу дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, отиде кај Него и Го молеше да слезе и да му го исцели синот, зашто беше на умирање.

  48. 48

    А Исус му рече: „Ако не видите знаци и чуда, нема да поверувате.“

  49. 49

    Царскиот службеник Му рече: „Господи, дојди додека уште не умрело моето дете!“

  50. 50

    А Исус му одговори: „Оди си! Твојот син е жив!“ И човекот поверува во зборот што му го кажа Исус и си замина.

  51. 51

    И додека слегуваше, го сретнаа неговите слуги и му рекоа: „Твојот син е жив!“

  52. 52

    Тој ги праша во кој час му станало подобро. Му рекоа: „Вчера, во седмиот час, треската го остави.“

  53. 53

    Тогаш таткото разбра дека тоа станало во истиот час кога Исус му рече: „Твојот син е жив!“ И поверува тој и целиот негов дом.

  54. 54

    Ова, пак, беше вториот знак што Исус го направи, откако дојде од Јудеја во Галилеја.