Прескокни кон главната содржина

Јован

Глава 3

  1. 1

    Меѓу фарисеите беше еден човек по име Никодим, еден од јудејските поглавари.

  2. 2

    Тој дојде кај Исус ноќе и Му рече: „Учителе, знаеме дека си Учител дојден од Бог, зашто никој не може да ги прави знаците што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.“

  3. 3

    Исус му одговори: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види Божјото царство.“

  4. 4

    Никодим Му рече: „Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на својата мајка и да се роди?“

  5. 5

    Исус одговори: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и од Дух, не може да влезе во Божјото царство.

  6. 6

    Роденото од тело е тело, а роденото од Дух е дух.

  7. 7

    Не чуди се што ти реков: ‚Треба да се родите одозгора.‘

  8. 8

    Ветрот дува каде што сака; го слушаш неговиот шум, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“

  9. 9

    Никодим Му одговори: „Како може да биде тоа?“

  10. 10

    Исус му рече: „Ти си учител на Израел, а не го знаеш ова?

  11. 11

    Вистина, вистина ти велам: зборуваме за она што го знаеме и сведочиме за она што сме го виделе, но вие не го примате нашето сведоштво.

  12. 12

    Ако ви зборував за земни работи и не верувате, како ќе поверувате ако ви зборувам за небесни?

  13. 13

    Никој не се искачи на небото, освен Оној Кој слезе од небото — Човечкиот Син.

  14. 14

    И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Човечкиот Син,

  15. 15

    та секој што верува во Него да има вечен живот.

  16. 16

    Зашто Бог толку го засака светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.

  17. 17

    Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.

  18. 18

    Кој верува во Него не е осуден; а кој не верува веќе е осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Божји Син.

  19. 19

    А судот е во тоа што Светлината дојде во светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку Светлината, зашто нивните дела беа зли.

  20. 20

    Зашто секој што прави зло ја мрази Светлината и не доаѓа кај Светлината, за неговите дела да не бидат разоткриени.

  21. 21

    А оној што ја врши вистината доаѓа кај Светлината, за да се види дека неговите дела се извршени во Бог.“

  22. 22

    Потоа Исус дојде со Своите ученици во јудејската земја; таму остана со нив и крштаваше.

  23. 23

    А Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштаваа.

  24. 24

    Зашто Јован уште не беше фрлен во затвор.

  25. 25

    Тогаш настана расправија меѓу Јовановите ученици и еден Јудеец околу очистувањето.

  26. 26

    Дојдоа кај Јован и му рекоа: „Учителе, Оној што беше со тебе од другата страна на Јордан и за Кого ти сведочеше – ете, Тој крштава и сите одат кај Него.“

  27. 27

    Јован одговори: „Човек не може да прими ништо, ако не му е дадено од небото.

  28. 28

    Вие самите ми сведочите дека реков: ‚Јас не сум Христос, туку сум испратен пред Него.‘

  29. 29

    Кој ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот на младоженецот. Така оваа моја радост се исполни.

  30. 30

    Тој треба да расте, а јас да се намалувам.

  31. 31

    Кој доаѓа одозгора е над сите; кој е од земјата, од земјата е и зборува земно. Кој доаѓа од небото [е над сите].

  32. 32

    Тој сведочи за она што го видел и чул, но никој не го прима Неговото сведоштво.

  33. 33

    Кој го примил Неговото сведоштво, потврдил дека Бог е вистинит.

  34. 34

    Зашто Оној Кого Бог Го испрати ги кажува Божјите зборови, бидејќи Бог не Го дава Духот со мерка.

  35. 35

    Таткото Го љуби Синот и Му предаде сѐ во Неговата рака.

  36. 36

    Кој верува во Синот има вечен живот; а кој не Му е послушен на Синот нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него.“