Јован
Глава 2
- 1
На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и мајката на Исус беше таму.
- 2
Поканет беше на свадбата и Исус, и Неговите ученици.
- 3
А кога снема вино, Неговата мајка Му рече: „Немаат вино.“
- 4
Исус ѝ рече: „Жено, што имам Јас со тебе? Мојот час уште не дошол.“
- 5
Неговата мајка им рече на слугите: „Направете сѐ што ќе ви каже.“
- 6
А таму имаше шест камени садови за вода, поставени според јудејскиот обичај за очистување, од кои секој собираше по две или три мери.
- 7
А Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!“ И тие ги наполнија догоре.
- 8
Потоа им рече: „Нацрпете сега и однесете му на управителот на свадбата.“ И му однесоа.
- 9
Кога управителот ја вкуси водата што беше станала вино – а не знаеше од каде е, иако слугите што ја нацрпија водата знаеја – го повика младоженецот
- 10
и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога гостите ќе се напијат, тогаш послабото; а ти си го зачувал доброто вино досега.“
- 11
Овој почеток на знаците Исус го направи во Кана Галилејска и ја покажа Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него.
- 12
Потоа слезе во Капернаум, Тој и Неговата мајка, Неговите браќа и Неговите ученици; и таму останаа не многу дена.
- 13
Се приближуваше јудејската Пасха, и Исус се искачи во Ерусалим;
- 14
И ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, како и менувачите на пари што седеа таму.
- 15
И кога направи бич од врвци, ги истера од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврти масите;
- 16
Па им рече на оние што продаваат гулаби: „Тргнете го тоа одовде, и од домот на Мојот Татко немојте да правите дом за тргување!“
- 17
Тогаш Неговите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом ќе Ме изеде.“
- 18
Тогаш Јудејците Му рекоа: „Каков знак ни покажуваш, бидејќи го правиш ова?“
- 19
Исус им одговори: „Урнете го овој храм, и за три дена ќе го подигнам.“
- 20
А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?“
- 21
Но Тој говореше за храмот на Своето тело.
- 22
Кога воскресна од мртвите, Неговите ученици се сетија дека го говореше ова; и поверуваа на Писмото и на зборот што го кажа Исус.
- 23
И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина поверуваа во Неговото име, гледајќи ги знаците што ги правеше.
- 24
Но Исус не им се доверуваше, зашто ги познаваше сите
- 25
и немаше потреба некој да Му сведочи за човекот, зашто Сам знаеше што има во човекот.