Јован
Глава 1
- 1
Во почетокот беше Зборот; и Зборот беше со Бог; и Зборот беше Бог.
- 2
Тој во почетокот беше со Бог.
- 3
Сѐ стана преку Него; и без Него не стана ништо од она што стана.
- 4
Во Него беше животот, и животот беше светлината на луѓето.
- 5
Светлината свети во темнината, а темнината не ја надвладеа.
- 6
Се јави човек, испратен од Бог, по име Јован.
- 7
Тој дојде како сведок, за да сведочи за Светлината, за сите да поверуваат преку него.
- 8
Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината.
- 9
Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот.
- 10
Тој беше во светот; светот стана преку Него, но светот не Го позна.
- 11
Дојде кај Своите, но Своите не Го примија.
- 12
А на сите што Го примија, на оние што веруваат во Неговото име, им даде право да станат Божји деца.
- 13
Тие не се родија од крв, ниту од волја на телото, ниту од волја на маж, туку од Бог.
- 14
И Зборот стана тело и живееше меѓу нас; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Таткото, полн со благодат и вистина.
- 15
Јован сведочи за Него и гласно објавува: „Ова е Оној за Кого реков: ‚Оној што доаѓа по мене е пред мене, зашто постоеше пред мене.‘“
- 16
Зашто од Неговата полнота сите ние примивме, и тоа благодат врз благодат.
- 17
Зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината дојдоа преку Исус Христос.
- 18
Бог никој никогаш не Го видел; Единородниот Бог, Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави.
- 19
И ова е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“
- 20
Тој призна и не одрече, туку призна: „Јас не сум Христос.“
- 21
И го прашаа: „Тогаш кој си? Илија ли си?“ Тој рече: „Не сум.“ „Пророкот ли си?“ Тој одговори: „Не.“
- 22
Тогаш му рекоа: „Кој си? Треба да им одговориме на оние што нѐ испратија. Што велиш за себе?“
- 23
Тој рече: „Јас сум гласот на оној што вика во пустината: ‚Исправете го патот на Господ‘, како што рече пророкот Исаија.“
- 24
А тие што беа испратени беа од фарисеите.
- 25
И го прашаа: „Зошто тогаш крштаваш, ако не си Христос, ниту Илија, ниту Пророкот?“
- 26
Јован им одговори: „Јас крштавам со вода, но меѓу вас стои Еден Кого вие не Го познавате.
- 27
Тој доаѓа по мене, а јас не сум достоен да Му го одврзам ни ременот на обувката.“
- 28
Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштаваше Јован.
- 29
Следниот ден Јован Го виде Исус како доаѓа кон него и рече: „Еве Го Божјото Јагне, Кое го зема гревот на светот!
- 30
Ова е Оној за Кого реков: ‚По мене доаѓа Човек Кој е пред мене, зашто постоеше пред мене.‘
- 31
И јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода за Тој да му биде откриен на Израел.“
- 32
И Јован посведочи, велејќи: „Го видов Духот како слегува од небото како гулаб и остана врз Него.
- 33
И јас не Го познавав, но Оној Кој ме испрати да крштавам со вода ми рече: ‚Врз Кого ќе видиш дека Духот слегува и останува врз Него, Тој е Оној Кој ќе крштава со Светиот Дух.‘
- 34
И јас видов и посведочив дека Овој е Божјиот Син.“
- 35
Следниот ден Јован повторно стоеше таму со двајца од своите ученици.
- 36
И кога Го виде Исус како минува, рече: „Еве Го Божјото Јагне!“
- 37
Двајцата ученици го чуја како зборува и тргнаа по Исус.
- 38
Исус се сврте и, кога виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му рекоа: „Рави, што преведено значи ‚Учителе‘, каде живееш?“
- 39
Им рече: „Дојдете и ќе видите!“ Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него. Беше околу десеттиот час.
- 40
Андреј, братот на Симон Петар, беше еден од двајцата што го чуја Јован и тргнаа по Исус.
- 41
Тој најнапред го најде својот брат Симон и му рече: „Го најдовме Месијата“, што преведено значи Христос.
- 42
И го одведе кај Исус. Исус го погледна и рече: „Ти си Симон, син на Јован; ќе се наречеш Кифа“, што се преведува Петар.
- 43
Следниот ден Исус реши да замине во Галилеја. Го најде Филип и му рече: „Оди по Мене!“
- 44
А Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар.
- 45
Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и за Кого пишуваа пророците: Исус, синот на Јосиф, од Назарет.“
- 46
Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му рече: „Дојди и види!“
- 47
Кога Исус го виде Натанаил како доаѓа кон Него, рече за него: „Еве вистински Израелец во кого нема лукавство.“
- 48
Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори: „Пред Филип да те повика, додека беше под смоквата, Јас те видов.“
- 49
Натанаил Му одговори: „Учителе, Ти си Божјиот Син! Ти си Царот на Израел!“
- 50
Исус му одговори: „Веруваш затоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш поголеми работи од овие.“
- 51
И му рече: „Вистина, вистина ви велам: ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Човечкиот Син.“