Лука
Глава 24
На првиот ден од седмицата, многу рано наутро, жените дојдоа на гробот, носејќи ги мирисите што ги беа подготвиле. (Лука 24:1)
Го најдоа каменот тргнат од гробот. (Лука 24:2)
Кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус. (Лука 24:3)
Додека беа збунети поради тоа, ете, пред нив застанаа двајца мажи во блескави облеки. (Лука 24:4)
Жените се исплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а тие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? (Лука 24:5)
Не е овде, туку воскресна! Сетете се како ви зборуваше уште додека беше во Галилеја: (Лука 24:6)
‚Човечкиот Син треба да биде предаден во рацете на грешни луѓе, да биде распнат и на третиот ден да воскресне.‘“ (Лука 24:7)
Тогаш се сетија на Неговите зборови. (Лука 24:8)
Се вратија од гробот и им го соопштија сето тоа на единаесеттемина и на сите други. (Лука 24:9)
Тоа беа Марија Магдалена, Јоана и Марија, мајката на Јаков; и другите жени со нив им го кажаа тоа на апостолите. (Лука 24:10)
Но нивните зборови им изгледаа како празни зборови и не им поверуваа. (Лука 24:11)
Петар стана и истрча кон гробот. Кога се наведна, ги виде само платната. Потоа се врати, чудејќи се на она што се случи. (Лука 24:12)
Истиот ден двајца од нив одеа кон едно село по име Емаус, оддалечено околу единаесет километри од Ерусалим. (Лука 24:13)
Разговараа меѓу себе за сите овие настани. (Лука 24:14)
Додека разговараа и расправаа, Самиот Исус се приближи и одеше со нив. (Лука 24:15)
Но нивните очи беа спречени да Го препознаат. (Лука 24:16)
Тој ги праша: „За што разговарате меѓу себе додека одите?“ А тие застанаа натажени. (Лука 24:17)
Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори: „Ти ли си единствениот посетител во Ерусалим што не знае што се случи таму овие денови?“ (Лука 24:18)
Тој ги праша: „Што?“ Тие Му одговорија: „Она што се случи со Исус Назареецот, Кој беше пророк, силен во дело и збор пред Бог и пред целиот народ. (Лука 24:19)
Нашите првосвештеници и управители Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа. (Лука 24:20)
А ние се надевавме дека Тој е Оној Кој ќе го избави Израел. И покрај сето тоа, денес е веќе трет ден откако се случи ова. (Лука 24:21)
Покрај тоа, некои жени од нашите нѐ зачудија. Тие рано отишле на гробот, (Лука 24:22)
Но не го нашле Неговото тело. Се вратија и рекоа дека виделе видение на ангели, кои велат дека Тој е жив. (Лука 24:23)
И некои од нашите отидоа на гробот и најдоа сѐ како што рекоа жените, но Него не Го видоа.“ (Лука 24:24)
Тогаш Тој им рече: „О, неразумни и бавни во срцето да поверувате во сѐ што кажале пророците! (Лука 24:25)
Зар не требаше Христос да го претрпи тоа и да влезе во Својата слава?“ (Лука 24:26)
И почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им го објасни она што се однесуваше на Него во сите Писма. (Лука 24:27)
Кога се приближија до селото во кое одеа, Тој се однесуваше како да сака да продолжи. (Лука 24:28)
Но тие Го задржуваа: „Остани со нас, зашто се стемнува и денот веќе превали.“ И Тој влезе за да остане со нив. (Лука 24:29)
Кога седна со нив на трпезата, го зеде лебот, го благослови, го раскрши и им го подаде. (Лука 24:30)
Тогаш им се отворија очите и Го препознаа; а Тој исчезна од пред нив. (Лука 24:31)
Тие си рекоа еден на друг: „Зар не гореа нашите срца [во нас] додека ни зборуваше по патот и ни ги отвораше Писмата?“ (Лука 24:32)
Во истиот час станаа и се вратија во Ерусалим. Ги најдоа собрани единаесеттемина и оние што беа со нив, (Лука 24:33)
кои велеа: „Господ навистина воскресна и му се јави на Симон.“ (Лука 24:34)
Тогаш и тие раскажаа што им се случи по патот и како Го препознаа при раскршувањето на лебот. (Лука 24:35)
Додека тие уште зборуваа за ова, Самиот Исус застана среде нив и им рече: „Мир вам!“ (Лука 24:36)
Но тие се збунија и се исплашија, мислејќи дека гледаат дух. (Лука 24:37)
Тој им рече: „Зошто сте вознемирени и зошто се појавуваат сомнежи во вашите срца? (Лука 24:38)
Погледнете ги Моите раце и Моите нозе: Јас сум Тој. Допрете Ме и видете, зашто духот нема месо и коски, како што гледате дека имам Јас.“ (Лука 24:39)
Откако го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. (Лука 24:40)
Но додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Тој им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“ (Лука 24:41)
Тие Му дадоа парче печена риба. (Лука 24:42)
Тој го зеде и јадеше пред нив. (Лука 24:43)
Потоа им рече: „Ова се зборовите што ви ги кажував додека сѐ уште бев со вас: треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите.“ (Лука 24:44)
Тогаш им ги отвори умовите за да ги разберат Писмата (Лука 24:45)
и им рече: „Така е напишано: Христос треба да пострада и на третиот ден да воскресне од мртвите, (Лука 24:46)
а во Негово име да се проповеда покајание за простување на гревовите на сите народи, почнувајќи од Ерусалим. (Лука 24:47)
Вие сте сведоци за ова. (Лука 24:48)
И [ете,] Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Татко. А вие останете во градот додека не се облечете во сила одозгора.“ (Лука 24:49)
Потоа ги изведе во близина на Витанија, ги подигна Своите раце и ги благослови. (Лука 24:50)
Додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото. (Лука 24:51)
Тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. (Лука 24:52)
И постојано беа во храмот, благословувајќи Го Бог. (Лука 24:53)