Лука
Глава 23
Тогаш целото собрание стана и Го одведе Исус кај Пилат. (Лука 23:1)
Почнаа да Го обвинуваат: „Го најдовме Овој како го заведува нашиот народ, забранува да му се плаќа данок на царот и вели за Себе дека е Христос, Цар.“ (Лука 23:2)
Пилат Го праша: „Ти ли си Царот на Јудејците?“ Тој му одговори: „Ти велиш.“ (Лука 23:3)
Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Не наоѓам никаква вина кај Овој Човек.“ (Лука 23:4)
Но тие уште посилно настојуваа: „Го бунтува народот, поучувајќи по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па сѐ довде.“ (Лука 23:5)
Кога Пилат го слушна тоа, праша дали човекот е Галилеец. (Лука 23:6)
Кога дозна дека е од областа под Иродова власт, Го испрати кај Ирод, кој во тие денови исто така беше во Ерусалим. (Лука 23:7)
Кога Го виде Исус, Ирод многу се зарадува, зашто одамна сакаше да Го види. Беше слушал за Него и се надеваше дека ќе види некаков знак што Тој ќе го направи. (Лука 23:8)
Му поставуваше многу прашања, но Исус ништо не му одговори. (Лука 23:9)
А првосвештениците и учителите на Законот стоеја таму и жестоко Го обвинуваа. (Лука 23:10)
Ирод и неговите војници Го понижија и Му се потсмеваа; Го облекоа во сјајна облека и Го испратија назад кај Пилат. (Лука 23:11)
Во тој ден Ирод и Пилат станаа пријатели, зашто порано беа непријатели. (Лука 23:12)
Пилат ги повика првосвештениците, управителите и народот (Лука 23:13)
и им рече: „Ми Го доведовте Овој Човек под обвинение дека го заведува народот. Еве, Го испитав пред вас и не најдов кај Него никаква вина за она за што Го обвинувате. (Лука 23:14)
Ниту Ирод не најде вина, зашто Го испрати назад кај нас. Ете, Тој не направил ништо што заслужува смрт. (Лука 23:15)
Затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“ (Лука 23:16)
[Во подоцнежни ракописи стои: „А за празникот Пилат требаше да им ослободи еден затвореник.“] (Лука 23:17)
Но сите заедно извикаа: „Тргни Го Овој, а пушти ни го Варава!“ (Лука 23:18)
Варава беше фрлен во затвор поради бунт во градот и убиство. (Лука 23:19)
Пилат повторно им се обрати, бидејќи сакаше да Го пушти Исус. (Лука 23:20)
Но тие викаа: „Распни Го! Распни Го!“ (Лука 23:21)
Тој и третпат им рече: „Какво зло направил Овој? Не најдов кај Него ништо што заслужува смрт. Затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“ (Лука 23:22)
Но тие настојуваа со силни извици, барајќи да биде распнат. И нивните извици надвладеаја. (Лука 23:23)
Тогаш Пилат пресуди да се исполни нивното барање. (Лука 23:24)
Го ослободи оној што беше фрлен во затвор поради бунт и убиство, кого го бараа, а Исус Го предаде на нивната волја. (Лука 23:25)
Кога Го поведоа, фатија еден човек, Симон од Кирена, кој се враќаше од нива. Му го ставија крстот да го носи зад Исус. (Лука 23:26)
По Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него. (Лука 23:27)
Но Исус се сврте кон нив и рече: „Ерусалимски ќерки, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца. (Лука 23:28)
Зашто доаѓаат денови кога ќе велат: ‚Блажени се неплодните жени, утробите што не родиле и градите што не доеле!‘ (Лука 23:29)
Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас!‘ и на ридовите: ‚Покријте нѐ!‘ (Лука 23:30)
Зашто, ако ова го прават со зеленото дрво, што ќе се случи со сувото?“ (Лука 23:31)
Водеа и двајца други, злосторници, за да ги погубат заедно со Него. (Лука 23:32)
Кога дојдоа на местото наречено Черепница, таму Го распнаа Него и злосторниците – едниот од Неговата десна страна, а другиот од левата. (Лука 23:33)
⟦А Исус рече: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават.“⟧ Потоа ја разделија Неговата облека, фрлајќи ждрепка. (Лука 23:34)
Народот стоеше и гледаше, а управителите Му се потсмеваа: „Други спасуваше; нека се спаси и Себеси, ако е Тој Божјиот Христос, Избраникот.“ (Лука 23:35)
И војниците Му се потсмеваа. Му пристапуваа и Му подаваа кисело вино, (Лука 23:36)
велејќи: „Ако си Ти Царот на Јудејците, спаси се Себеси.“ (Лука 23:37)
Над Него имаше и натпис: „Овој е Царот на Јудејците.“ (Лука 23:38)
Еден од распнатите злосторници Го навредуваше: „Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!“ (Лука 23:39)
Но другиот го укори: „Зар не се боиш од Бог, кога и самиот си под истата осуда? (Лука 23:40)
Ние сме праведно осудени, зашто ја примаме заслужената казна за своите дела; но Овој не направил ништо лошо.“ (Лука 23:41)
Потоа рече: „Исусе, сети се на мене кога ќе дојдеш во Своето царство.“ (Лука 23:42)
Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот.“ (Лука 23:43)
Беше околу шестиот час, и настана темнина по целата земја до деветтиот час. (Лука 23:44)
Сонцето се помрачи, а завесата во храмот се расцепи на средината. (Лука 23:45)
Исус извика со силен глас: „Татко, во Твоите раце го предавам Својот дух.“ Откако го рече тоа, издивна. (Лука 23:46)
Кога стотникот виде што се случи, Го прослави Бог и рече: „Навистина, Овој Човек беше праведен.“ (Лука 23:47)
Целиот народ што се беше собрал да го гледа тоа, кога виде што се случи, се враќаше удирајќи се во градите. (Лука 23:48)
А сите Негови познаници и жените што Го следеа од Галилеја стоеја подалеку и го гледаа тоа. (Лука 23:49)
И ете, имаше еден човек по име Јосиф, член на Советот, добар и праведен човек. (Лука 23:50)
Тој не се беше согласил со нивната одлука и постапка. Беше од јудејскиот град Ариматеја и го очекуваше Божјото царство. (Лука 23:51)
Отиде кај Пилат и го побара Исусовото тело. (Лука 23:52)
Го симна, Го обви во платно и Го положи во гроб исечен во карпа, во кој никој дотогаш не бил положен. (Лука 23:53)
Тоа беше денот на подготовката, а саботата настапуваше. (Лука 23:54)
Жените што беа дошле со Исус од Галилеја одеа по Јосиф, го видоа гробот и како беше положено Неговото тело. (Лука 23:55)
Потоа се вратија и подготвија мириси и миризливо масло, а во саботата се одморија според заповедта. (Лука 23:56)