Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 22

  1. 1

    Се приближуваше празникот на бесквасните лебови, наречен Пасха.

  2. 2

    Првосвештениците и учителите на Законот бараа начин како да Го погубат Исус, зашто се плашеа од народот.

  3. 3

    Тогаш сатаната влезе во Јуда, наречен Искариот, кој беше еден од дванаесеттемина.

  4. 4

    Тој отиде и се договори со првосвештениците и со заповедниците на храмската стража како да им Го предаде.

  5. 5

    Тие се израдуваа и се согласија да му дадат пари.

  6. 6

    Јуда се согласи и бараше погодна можност да им Го предаде кога нема да има народ околу Него.

  7. 7

    Дојде денот на празникот на бесквасните лебови, кога требаше да се жртвува пасхалното јагне.

  8. 8

    Исус ги испрати Петар и Јован и им рече: „Одете и подгответе ни ја Пасхата за да јадеме.“

  9. 9

    Тие Го прашаа: „Каде сакаш да ја подготвиме?“

  10. 10

    Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете во градот, ќе ве сретне човек што носи стомна со вода. Одете по него до куќата во која ќе влезе

  11. 11

    и кажете му на домаќинот: ‚Учителот те прашува: Каде е гостинската соба во која ќе ја јадам Пасхата со Своите ученици?‘

  12. 12

    Тој ќе ви покаже голема наместена горна соба; таму подгответе.“

  13. 13

    Тие отидоа и најдоа сѐ како што им беше рекол, па ја подготвија Пасхата.

  14. 14

    Кога дојде часот, Исус седна на трпезата, а со Него и апостолите.

  15. 15

    Им рече: „Многу копнеев да ја јадам оваа Пасха со вас пред да пострадам.

  16. 16

    Зашто ви велам: нема веќе да ја јадам додека не се исполни во Божјото царство.“

  17. 17

    Потоа ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете ја и разделете ја меѓу себе.

  18. 18

    Зашто ви велам: отсега нема да пијам од лозовиот плод додека не дојде Божјото царство.“

  19. 19

    Потоа зеде леб, заблагодари, го раскрши и им го даде, велејќи: „Ова е Моето тело, кое се дава за вас. Правете го ова за Мој спомен.“

  20. 20

    Исто така, по вечерата ја зеде и чашата и рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв, која се пролева за вас.

  21. 21

    Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезата.

  22. 22

    Зашто Човечкиот Син заминува според она што е определено, но тешко на човекот преку кого ќе биде предаден.“

  23. 23

    Тие почнаа да се прашуваат меѓу себе кој од нив би можел да го направи тоа.

  24. 24

    Меѓу нив настана и расправа за тоа кој од нив треба да се смета за најголем.

  25. 25

    Но Исус им рече: „Царевите на народите владеат над нив, а оние што имаат власт над нив се нарекуваат добротвори.

  26. 26

    Но вие не бидете такви. Напротив, најголемиот меѓу вас нека биде како најмладиот, а оној што управува – како оној што служи.

  27. 27

    Зашто кој е поголем: оној што седи на трпезата или оној што служи? Зар не е оној што седи на трпезата? Но Јас сум меѓу вас како Оној што служи.

  28. 28

    Вие сте оние што останавте со Мене во Моите искушенија.

  29. 29

    Затоа Јас ви определувам царство, како што Мојот Татко Ми определи Мене,

  30. 30

    за да јадете и пиете на Мојата трпеза во Моето царство и да седите на престоли, судејќи им на дванаесетте Израелеви колена.

  31. 31

    Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица.

  32. 32

    Но Јас се молев за тебе, твојата вера да не исчезне. А ти, кога ќе се вратиш, зацврсти ги своите браќа.“

  33. 33

    Петар Му рече: „Господи, подготвен сум да одам со Тебе и во затвор и во смрт.“

  34. 34

    Но Тој му рече: „Ти велам, Петре: денес петелот нема да запее додека трипати не се одречеш дека Ме познаваш.“

  35. 35

    Потоа им рече: „Кога ве испратив без кеса, без торба и без обувки, ви недостигаше ли нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“

  36. 36

    Тогаш им рече: „Но сега, кој има кеса нека ја земе, исто и торбата; а кој нема меч, нека ја продаде својата наметка и нека купи меч.

  37. 37

    Зашто ви велам дека на Мене треба да се исполни напишаното: ‚И беше вброен меѓу престапниците.‘ Зашто она што е напишано за Мене се исполнува.“

  38. 38

    Тие рекоа: „Господи, еве овде два меча.“ А Тој им рече: „Доволно е.“

  39. 39

    Потоа излезе и, според Својот обичај, отиде на Маслиновата Гора, а по Него тргнаа и учениците.

  40. 40

    Кога дојде на местото, им рече: „Молете се да не паднете во искушение.“

  41. 41

    Тој се оддалечи од нив на растојание колку еден фрлен камен, падна на колена и се молеше:

  42. 42

    „Татко, ако сакаш, отстрани ја оваа чаша од Мене! Сепак, нека не биде Мојата волја, туку Твојата.“

  43. 43

    ⟦Тогаш Му се јави ангел од небото и Го зајакнуваше.

  44. 44

    А бидејќи беше во тешка душевна борба, се молеше уште поусрдно; потта Му стана како големи капки крв што паѓаа на земјата.⟧

  45. 45

    Кога стана од молитвата и дојде кај учениците, ги најде заспани од тага.

  46. 46

    Им рече: „Зошто спиете? Станете и молете се да не паднете во искушение.“

  47. 47

    Додека Тој уште зборуваше, ете, дојде мноштво, а пред нив одеше Јуда, еден од дванаесеттемина. Тој се приближи до Исус за да Го бакне.

  48. 48

    Но Исус му рече: „Јудо, со бакнеж ли Го предаваш Човечкиот Син?“

  49. 49

    Кога оние што беа со Него видоа што ќе се случи, рекоа: „Господи, да удриме ли со меч?“

  50. 50

    Еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.

  51. 51

    Но Исус рече: „Оставете, доста е!“ Потоа го допре увото на човекот и го исцели.

  52. 52

    Исус им рече на првосвештениците, заповедниците на храмската стража и старешините што беа дошле против Него: „Како против разбојник сте излегле со мечеви и стапови.

  53. 53

    Секој ден бев со вас во храмот, а не кренавте рака врз Мене. Но ова е вашиот час и власта на темнината.“

  54. 54

    Го фатија, Го поведоа и Го одведоа во домот на првосвештеникот. А Петар Го следеше оддалеку.

  55. 55

    Кога запалија оган среде дворот и седнаа околу него, и Петар седна меѓу нив.

  56. 56

    Една слугинка го виде како седи покрај огнот, внимателно го погледна и рече: „И овој беше со Него.“

  57. 57

    Но Петар се одрече, велејќи: „Жено, не Го познавам.“

  58. 58

    По малку време друг го виде и рече: „И ти си еден од нив.“ Но Петар рече: „Човеку, не сум.“

  59. 59

    По околу еден час, друг почна упорно да тврди: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец.“

  60. 60

    Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш.“ И веднаш, додека уште зборуваше, петелот запеа.

  61. 61

    Тогаш Господ се сврте и го погледна Петар. А Петар се сети на Господовиот збор: „Пред петелот да запее денес, трипати ќе се одречеш од Мене.“

  62. 62

    Излезе надвор и горко заплака.

  63. 63

    Луѓето што Го држеа Исус Му се потсмеваа и Го удираа.

  64. 64

    Му ги покриваа очите и Го прашуваа: „Пророкувај! Кој Те удри?“

  65. 65

    И изговараа многу други хули против Него.

  66. 66

    Кога се раздени, се собраа народните старешини, првосвештениците и учителите на Законот и Го одведоа пред својот Совет.

  67. 67

    Рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни.“ Тој им одговори: „И да ви кажам, нема да поверувате.

  68. 68

    И да ве прашам, нема да Ми одговорите.

  69. 69

    Но отсега Човечкиот Син ќе седи од десната страна на Божјата сила.“

  70. 70

    Тогаш сите рекоа: „Значи, Ти си Божјиот Син?“ Тој им одговори: „Вие велите дека сум Јас.“

  71. 71

    Тие рекоа: „Какво друго сведоштво ни е потребно? Самите го слушнавме од Неговата уста.“