Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 21

  1. 1

    Исус погледна и ги виде богатите како ги ставаат своите дарови во храмската ризница.

  2. 2

    Виде и една сиромашна вдовица како става две лепти

  3. 3

    и рече: „Вистина ви велам: оваа сиромашна вдовица стави повеќе од сите.

  4. 4

    Зашто сите тие дадоа од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше за живот.“

  5. 5

    Кога некои зборуваа за храмот, како е украсен со убави камења и со дарови, Исус рече:

  6. 6

    „Ќе дојдат денови кога од сето ова што го гледате нема да остане ни камен на камен; сѐ ќе биде разурнато.“

  7. 7

    Тие Го прашаа: „Учителе, кога ќе се случи тоа и кој ќе биде знакот кога ова ќе почне да се случува?“

  8. 8

    Тој рече: „Внимавајте да не бидете измамени. Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе велат: ‚Јас сум Тој‘ и: ‚Времето се приближи.‘ Не одете по нив.

  9. 9

    Кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот нема да дојде веднаш.“

  10. 10

    Потоа им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство.

  11. 11

    Ќе има големи земјотреси, а на разни места глад и зарази; ќе има страшни појави и големи знаци од небото.

  12. 12

    Но пред сето тоа ќе кренат раце врз вас и ќе ве прогонуваат. Ќе ве предаваат во синагогите и затворите и ќе ве водат пред цареви и управители поради Моето име.

  13. 13

    Тоа ќе ви биде за сведоштво.

  14. 14

    Затоа, решете во своите срца однапред да не подготвувате одбрана,

  15. 15

    зашто Јас ќе ви дадам зборови и мудрост на кои нема да може да им се спротивстави ниту да им противречи ниеден од вашите противници.

  16. 16

    Ќе ве предаваат дури и родители, браќа, роднини и пријатели; а некои од вас ќе ги убијат.

  17. 17

    Сите ќе ве мразат поради Моето име.

  18. 18

    Но ни влакно од вашата глава нема да пропадне.

  19. 19

    Со својата истрајност ќе ги зачувате своите души.

  20. 20

    Кога ќе го видите Ерусалим опколен со војски, знајте дека се приближило неговото опустошување.

  21. 21

    Тогаш оние што се во Јудеја нека бегаат во планините; оние што се во градот нека излезат, а оние што се по околината нека не влегуваат во него.

  22. 22

    Зашто тоа се денови на одмазда, за да се исполни сѐ што е напишано.

  23. 23

    Тешко на бремените и на доилките во тие денови! Зашто ќе има голема неволја на земјата и гнев врз овој народ.

  24. 24

    Ќе бидат убиени со меч и ќе бидат одведени во ропство меѓу сите народи. Ерусалим ќе го газат незнабожците додека не се исполнат времињата на незнабожците.

  25. 25

    Ќе има знаци на сонцето, месечината и ѕвездите, а на земјата народите ќе бидат во мака и недоумица поради бучењето на морето и брановите.

  26. 26

    Луѓето ќе премираат од страв и од очекување на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се разнишаат.

  27. 27

    Тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа во облак, со сила и голема слава.

  28. 28

    А кога ќе почне да се случува тоа, исправете се и подигнете ги своите глави, зашто се приближува вашето избавување.“

  29. 29

    Потоа им кажа парабола: „Погледнете ја смоквата и сите дрвја.

  30. 30

    Кога ќе видите дека веќе пуштаат лисја, сами знаете дека летото е близу.

  31. 31

    Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека Божјото царство е близу.

  32. 32

    Вистина ви велам: нема да помине ова поколение додека не се исполни сето тоа.

  33. 33

    Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат.

  34. 34

    Внимавајте вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување, пијанство и животни грижи, па тој ден ненадејно да ве затече

  35. 35

    како стапица. Зашто ќе дојде врз сите што живеат по лицето на целата земја.

  36. 36

    Затоа бдејте во секое време и молете се да имате сила да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Човечкиот Син.“

  37. 37

    Дење Исус поучуваше во храмот, а ноќе излегуваше и престојуваше на гората наречена Маслинова.

  38. 38

    И целиот народ рано наутро доаѓаше кај Него во храмот за да Го слуша.