Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 20

  1. 1

    Еден ден, додека Исус ги поучуваше луѓето во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и учителите на Законот со старешините

  2. 2

    и Му рекоа: „Кажи ни, со каква власт го правиш тоа, или кој Ти ја дал таа власт?“

  3. 3

    Тој им одговори: „И Јас ќе ве прашам нешто. Кажете Ми:

  4. 4

    Јовановото крштевање беше од небото или од луѓето?“

  5. 5

    Тие размислуваа меѓу себе: „Ако речеме: ‚Од небото‘, ќе нѐ праша: ‚Зошто тогаш не му поверувавте?‘

  6. 6

    Ако речеме: ‚Од луѓето‘, целиот народ ќе нѐ каменува, зашто е уверен дека Јован беше пророк.“

  7. 7

    Затоа одговорија дека не знаат од каде е.

  8. 8

    Исус им рече: „Ниту Јас ќе ви кажам со каква власт го правам тоа.“

  9. 9

    Потоа почна да му ја кажува на народот оваа парабола: „[Еден] човек засади лозје, им го даде под наем на лозари и замина на подолго време.

  10. 10

    Кога дојде времето, испрати еден слуга кај лозарите за да му дадат од плодот на лозјето. Но лозарите го натепаа и го испратија со празни раце.

  11. 11

    Испрати друг слуга, но и него го натепаа, го понижија и го испратија со празни раце.

  12. 12

    Испрати и трет, а тие и него го ранија и го исфрлија.

  13. 13

    Тогаш господарот на лозјето рече: ‚Што да направам? Ќе го испратам својот сакан син. Можеби него ќе го почитуваат.‘

  14. 14

    Но кога го видоа, лозарите се договорија меѓу себе: ‚Овој е наследникот. Да го убиеме, па наследството ќе биде наше.‘

  15. 15

    Го исфрлија надвор од лозјето и го убија. Што ќе им направи господарот на лозјето?

  16. 16

    Ќе дојде, ќе ги погуби тие лозари и лозјето ќе им го даде на други.“ Кога го слушнаа тоа, рекоа: „Да не даде Бог!“

  17. 17

    Но Исус ги погледна и рече: „Што значи тогаш напишаното: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите стана камен-темелник‘?

  18. 18

    Секој што ќе падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“

  19. 19

    Учителите на Законот и првосвештениците сакаа веднаш да кренат рака врз Него, но се плашеа од народот, зашто разбраа дека оваа парабола ја кажа против нив.

  20. 20

    Затоа Го набљудуваа и испратија шпиони кои се преправаа дека се праведни, за да Го фатат во збор и да Го предадат на власта и надлежноста на управителот.

  21. 21

    Тие Го прашаа: „Учителе, знаеме дека правилно зборуваш и поучуваш, не правиш разлика меѓу луѓето, туку вистински го поучуваш Божјиот пат.

  22. 22

    Дозволено ли е да му плаќаме данок на царот или не?“

  23. 23

    Но Тој го препозна нивното лукавство и им рече:

  24. 24

    „Покажете Ми еден денариј. Чиј лик и натпис има?“ Тие одговорија: „На царот.“

  25. 25

    Тој им рече: „Тогаш, дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бог.“

  26. 26

    Не можеа да Го фатат во збор пред народот, туку се восхитија на Неговиот одговор и замолкнаа.

  27. 27

    Потоа пристапија некои садукеи, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа:

  28. 28

    „Учителе, Мојсеј ни напиша: ако нечиј брат, кој бил оженет, умре без деца, неговиот брат да ја земе неговата жена и да му подигне потомство.

  29. 29

    Имаше седум браќа. Првиот се ожени и умре без деца.

  30. 30

    Жената ја зеде вториот,

  31. 31

    потоа третиот; и така сите седум браќа умреа без да остават деца.

  32. 32

    На крајот умре и жената.

  33. 33

    При воскресението, на кого од нив ќе му биде жена, бидејќи им била жена на сите седуммина?“

  34. 34

    Исус им рече: „Луѓето од овој век се женат и се мажат.

  35. 35

    Но оние што ќе бидат удостоени да го добијат идниот век и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат ниту ќе се мажат.

  36. 36

    Тие веќе не можат да умрат, зашто се еднакви на ангелите и се Божји синови, бидејќи се синови на воскресението.

  37. 37

    А дека мртвите воскреснуваат, и Мојсеј го покажа во записот за грмушката, кога Го нарекува Господ: ‚Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков.‘

  38. 38

    Тој не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за Него сите се живи.“

  39. 39

    Некои од учителите на Законот рекоа: „Учителе, добро рече!“

  40. 40

    И веќе не се осмелуваа ништо да Го прашаат.

  41. 41

    Тогаш Тој им рече: „Како велат дека Христос е Давидов син?

  42. 42

    Зашто самиот Давид вели во Книгата на псалмите: ‚Господ Му рече на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна,

  43. 43

    додека не ги положам Твоите непријатели како подножје за Твоите нозе.‘

  44. 44

    Значи, Давид Го нарекува Господ. Тогаш како Тој му е син?“

  45. 45

    Додека целиот народ слушаше, Исус им рече на [Своите] ученици:

  46. 46

    „Чувајте се од учителите на Законот, кои сакаат да одат во долги облеки, да бидат поздравувани по плоштадите, да ги заземаат предните места во синагогите и почесните места на гозбите.

  47. 47

    Тие ги присвојуваат домовите на вдовиците и под изговор долго се молат. Нив ги очекува потешка осуда.“