Исус Навин
Глава 18
- 1
Потоа целата заедница на Израелевите синови се собра во Шило и таму го поставија шаторот на средбата, зашто земјата веќе беше потчинета пред нив.
- 2
Но меѓу Израелевите синови останаа седум племиња што сѐ уште не го беа примиле своето наследство.
- 3
Исус Навин им рече на Израелевите синови: „До кога ќе се колебате да отидете и да ја освоите земјата што ви ја даде Господ, Бог на вашите татковци?
- 4
Изберете по тројца мажи од секое племе, а јас ќе ги испратам. Нека станат, нека ја обиколат земјата и нека ја опишат според деловите што треба да ги наследат, па нека се вратат кај мене.
- 5
Нека ја разделат на седум делови. Јуда нека остане во својата област на југ, а Јосифовиот дом во својата област на север.
- 6
Опишете ја земјата во седум делови и донесете го описот кај мене. Тогаш овде ќе фрлам ждрепка за вас пред Господ, нашиот Бог.
- 7
Левитите немаат дел меѓу вас, зашто Господовото свештенство е нивното наследство. Гад, Рувим и половината од Манасиевото племе веќе го примија своето наследство источно од Јордан, кое им го даде Господовиот слуга Мојсеј.“
- 8
Тогаш мажите станаа и тргнаа. На оние што отидоа да ја опишат земјата Исус Навин им заповеда: „Одете, обиколете ја земјата, опишете ја и вратете се кај мене; а јас овде во Шило ќе фрлам ждрепка за вас пред Господ.“
- 9
Мажите отидоа, ја обиколија земјата и ја опишаа во книга, град по град, во седум делови. Потоа се вратија кај Исус Навин во логорот во Шило.
- 10
Исус Навин фрли ждрепка за нив во Шило пред Господ, и таму ја раздели земјата меѓу Израелевите синови според нивните делови.
- 11
Ждрепката излезе за племето на Венијаминовите синови според нивните семејства. Областа што им припадна се наоѓаше меѓу Јудините синови и Јосифовите потомци.
- 12
На север нивната граница почнуваше од Јордан, се искачуваше северно од Ерихон, одеше низ планинската земја на запад и завршуваше кај пустината Вет-Авен.
- 13
Оттаму границата минуваше кон Луз, јужно од Луз, односно Ветил; потоа се спушташе до Атарот-Адар, кај ридот јужно од Долен Вет-Орон.
- 14
Оттаму границата се протегаше и свртуваше на западната страна кон југ, јужно од ридот спроти Вет-Орон, и завршуваше кај Киријат-Ваал, односно Киријат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа беше западната страна.
- 15
Јужната страна почнуваше од крајот на Киријат-Јарим; оттаму границата одеше кон запад и излегуваше кај изворот Нефтоа.
- 16
Потоа се спушташе до крајот на ридот спроти долината на Еномовиот син, северно од долината на Рефаимите; се спушташе низ долината Еном јужно од Евус и до изворот Рогил.
- 17
Потоа се протегаше од север, минуваше во Ен-Семес, излегуваше кај Галилот, спроти нагорнината Адумим, и се спушташе до каменот на Воан, Рувимовиот син.
- 18
Минуваше на северната страна спроти Арава и се спушташе во Арава.
- 19
Потоа границата минуваше северно од Вет-Огла и завршуваше кај северниот залив на Соленото Море, кај јужниот крај на Јордан. Тоа беше јужната граница.
- 20
На источната страна границата беше Јордан. Тоа беше наследството на Венијаминовите синови според нивните семејства, со неговите граници од сите страни.
- 21
Градовите на племето на Венијаминовите синови според нивните семејства беа: Ерихон, Вет-Огла, Емек-Кесис,
- 22
Вет-Арава, Семараим, Ветил,
- 23
Авим, Фара, Офра,
- 24
Хефар-Амона, Афни и Гава - дванаесет градови со нивните села;
- 25
Гаваон, Рама, Вирот,
- 26
Миспа, Хефира, Моса,
- 27
Рекем, Ерфаил, Тарала,
- 28
Села, Елеф, Евус, односно Ерусалим, Гаваот и Киријат - четиринаесет градови со нивните села. Тоа беше наследството на Венијаминовите синови според нивните семејства.