Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 20

  1. 1

    Тогаш Господ му рече на Исус Навин:

  2. 2

    „Кажи им на Израелевите синови: ‚Одредете ги градовите за прибежиште за кои ви зборував преку Мојсеј,

  3. 3

    за таму да побегне оној што ненамерно и без предумисла ќе убие човек. Тие нека ви бидат прибежиште од одмаздникот за крв.

  4. 4

    Кога некој ќе побегне во еден од тие градови, нека застане на влезот од градската порта и нека им го изложи својот случај на старешините на тој град. Тие нека го примат кај себе во градот, нека му дадат место и тој нека живее меѓу нив.

  5. 5

    Ако одмаздникот за крв го гони, тие да не го предаваат убиецот во неговите раце, зашто го убил својот ближен ненамерно и не го мразел отпорано.

  6. 6

    Нека живее во тој град сѐ додека не застане на суд пред заедницата и до смртта на првосвештеникот што служи во тоа време. Потоа убиецот може да се врати во својот град и во својот дом, во градот од кој побегнал.‘“

  7. 7

    Така го одредија Кедес во Галилеја, во Нефталимовата планинска земја; Шехем во Ефремовата планинска земја; и Киријат-Арва, односно Хеврон, во Јудината планинска земја.

  8. 8

    А источно од Јордан, спроти Ерихон, го одредија Восор во пустинската рамнина од Рувимовото племе, Рамот во Галаад од Гадовото племе и Голан во Васан од Манасиевото племе.

  9. 9

    Тоа беа градовите одредени за сите Израелеви синови и за придојденците што живееја меѓу нив, за секој што ненамерно ќе убие човек да може да побегне таму и да не биде убиен од одмаздникот за крв пред да застане пред заедницата.