Исус Навин
Глава 3
- 1
Рано наутро Исус стана, и тој и сите Израелеви синови тргнаа од Ситим. Дојдоа до Јордан и таму преноќеваа пред да го преминат.
- 2
По три дена управителите поминаа низ логорот
- 3
и му заповедаа на народот: „Кога ќе го видите ковчегот на заветот на Господ, вашиот Бог, и левитските свештеници како го носат, тргнете од своите места и одете по него.
- 4
Но меѓу вас и ковчегот нека има растојание од околу две илјади лакти. Не приближувајте му се, за да го знаете патот по кој треба да одите, зашто досега не сте минувале по тој пат.“
- 5
Исус му рече на народот: „Осветете се, зашто утре Господ ќе направи чудесни дела меѓу вас.“
- 6
А на свештениците Исус им рече: „Кренете го ковчегот на заветот и одете пред народот.“ Тие го кренаа ковчегот на заветот и тргнаа пред народот.
- 7
Тогаш Господ му рече на Исус: „Денес ќе почнам да те возвишувам пред очите на целиот Израел, за да знаат дека, како што бев со Мојсеј, така ќе бидам и со тебе.
- 8
Заповедај им на свештениците што го носат ковчегот на заветот: ‚Кога ќе стигнете до работ на водата на Јордан, застанете во Јордан.‘“
- 9
Тогаш Исус им рече на Израелевите синови: „Приближете се и чујте ги зборовите на Господ, вашиот Бог.“
- 10
Исус продолжи: „По ова ќе знаете дека живиот Бог е меѓу вас и дека сигурно ќе ги истера пред вас Хананците, Хетејците, Евејците, Ферезејците, Гергесејците, Аморејците и Јевусејците.
- 11
Еве, ковчегот на заветот на Господарот на целата земја оди пред вас во Јордан.
- 12
Затоа сега изберете дванаесет мажи од Израелевите племиња, по еден од секое племе.
- 13
Кога стапалата на свештениците што го носат ковчегот на Господ, Господарот на целата земја, ќе стапнат во водата на Јордан, водите што течат одозгора ќе се пресечат и ќе застанат како насип.“
- 14
Кога народот тргна од своите шатори за да го премине Јордан, свештениците што го носеа ковчегот на заветот одеа пред народот.
- 15
Кога носачите на ковчегот стигнаа до Јордан и нозете на свештениците се намокрија на работ на водата – а Јордан ги преплавува сите свои брегови во текот на жетвата –
- 16
водите што течеа одозгора запреа и се издигнаа како насип многу далеку, кај градот Адам, близу Царетан. А водите што течеа надолу кон Аравското Море, односно Соленото Море, сосема се повлекоа. Така народот премина спроти Ерихон.
- 17
Свештениците што го носеа ковчегот на Господовиот завет стоеја цврсто на суво среде Јордан, додека целиот Израел премина по суво, сѐ додека целиот народ не го премина Јордан.