Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 4

  1. 1

    Кога целиот народ го премина Јордан, Господ му рече на Исус:

  2. 2

    „Изберете дванаесет мажи од народот, по еден од секое племе,

  3. 3

    и заповедајте им: ‚Земете дванаесет камења од средината на Јордан, од местото каде што цврсто стоеја нозете на свештениците. Понесете ги со себе и положете ги на местото каде што ќе преноќевате вечерва.‘“

  4. 4

    Тогаш Исус ги повика дванаесетте мажи што ги беше одредил од Израелевите синови, по еден од секое племе,

  5. 5

    и им рече: „Одете пред ковчегот на Господ, вашиот Бог, среде Јордан, и секој од вас нека крене по еден камен на своето рамо, според бројот на племињата на Израелевите синови.

  6. 6

    Ова нека биде знак меѓу вас. Кога во иднина вашите деца ќе ве прашаат: ‚Што значат за вас овие камења?‘,

  7. 7

    ќе им кажете: ‚Водите на Јордан се разделија пред ковчегот на Господовиот завет. Кога ковчегот го преминуваше Јордан, водите на Јордан се разделија.‘ Овие камења ќе бидат вечен спомен за Израелевите синови.“

  8. 8

    Израелевите синови направија како што им заповеда Исус. Зедоа дванаесет камења од средината на Јордан, како што Господ му рече на Исус, според бројот на племињата на Израелевите синови. Ги понесоа со себе до местото каде што преноќеваа и таму ги положија.

  9. 9

    Исус постави и дванаесет камења среде Јордан, на местото каде што стоеја нозете на свештениците што го носеа ковчегот на заветот. Тие се таму до денес.

  10. 10

    Свештениците што го носеа ковчегот стоеја среде Јордан додека не се исполни сѐ што Господ му заповеда на Исус да му каже на народот, според сѐ што Мојсеј му беше заповедал на Исус. А народот побрза и премина.

  11. 11

    Кога целиот народ премина, преминаа и Господовиот ковчег и свештениците, пред очите на народот.

  12. 12

    Рувимовите и Гадовите потомци и половината од Манасиевото племе преминаа вооружени пред Израелевите синови, како што им беше рекол Мојсеј.

  13. 13

    Околу четириесет илјади вооружени воини преминаа пред Господ во битка кон ерихонските полиња.

  14. 14

    Во тој ден Господ го возвиши Исус пред очите на целиот Израел, и тие го почитуваа како што го почитуваа Мојсеј во сите денови на неговиот живот.

  15. 15

    Тогаш Господ му рече на Исус:

  16. 16

    „Заповедај им на свештениците што го носат ковчегот на сведоштвото да излезат од Јордан.“

  17. 17

    Исус им заповеда на свештениците: „Излезете од Јордан.“

  18. 18

    Штом свештениците што го носеа ковчегот на Господовиот завет излегоа од средината на Јордан и стапалата им стапнаа на суво, водите на Јордан се вратија на своето место и повторно ги преплавија сите негови брегови.

  19. 19

    Народот излезе од Јордан на десеттиот ден од првиот месец и се улогори во Галгал, источно од Ерихон.

  20. 20

    Исус ги постави во Галгал оние дванаесет камења што ги зедоа од Јордан.

  21. 21

    Потоа им рече на Израелевите синови: „Кога во иднина вашите деца ќе ги прашаат своите татковци: ‚Што значат овие камења?‘,

  22. 22

    објаснете им на своите деца: ‚Израел го премина овој Јордан по суво.‘

  23. 23

    Зашто Господ, вашиот Бог, ги исуши водите на Јордан пред вас додека не преминавте, како што Господ, вашиот Бог, го направи со Црвеното Море, кое го исуши пред нас додека не преминавме,

  24. 24

    за сите народи на земјата да знаат дека Господовата рака е моќна и вие секогаш да се боите од Господ, вашиот Бог.“