Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 8

  1. 1

    Потоа Господ му рече на Исус: „Не плаши се и не обесхрабрувај се. Земи ги со себе сите воини, стани и тргни кон Гај. Еве, ти ги предадов во рацете царот на Гај, неговиот народ, неговиот град и неговата земја.

  2. 2

    Направи им на Гај и на неговиот цар како што им направи на Ерихон и на неговиот цар. Но пленот и добитокот можете да ги земете за себе. Постави заседа зад градот.“

  3. 3

    Тогаш Исус стана со сите воини за да тргнат кон Гај. Исус избра триесет илјади силни и храбри мажи и ги испрати ноќе.

  4. 4

    Им заповеда: „Поставете заседа зад градот. Не оддалечувајте се многу од него и бидете сите подготвени.

  5. 5

    Јас и целиот народ што е со мене ќе се приближиме до градот. Кога тие ќе излезат против нас како првиот пат, ние ќе побегнеме пред нив.

  6. 6

    Тие ќе излезат по нас, додека не ги оддалечиме од градот, зашто ќе речат: ‚Бегаат пред нас како и првиот пат.‘ Така ќе бегаме пред нив.

  7. 7

    Тогаш вие станете од заседата и освоете го градот, зашто Господ, вашиот Бог, ќе ви го предаде во рацете.

  8. 8

    Откако ќе го освоите градот, запалете го со оган. Постапете според Господовиот збор. Ете, ви заповедав.“

  9. 9

    Исус ги испрати, и тие отидоа на местото на заседата, меѓу Ветил и Гај, западно од Гај. А Исус таа ноќ остана меѓу народот.

  10. 10

    Рано наутро Исус стана, го преброи народот и тргна кон Гај, тој и Израелевите старешини, пред народот.

  11. 11

    Сите воини што беа со него тргнаа, се приближија и дојдоа пред градот. Се улогорија северно од Гај, а меѓу нив и Гај имаше долина.

  12. 12

    Исус зеде околу пет илјади мажи и ги постави во заседа меѓу Ветил и Гај, западно од градот.

  13. 13

    Народот ја зазеде положбата: целиот логор беше северно од градот, а заседата западно од него. Исус таа ноќ слезе во средината на долината.

  14. 14

    Кога царот на Гај го виде тоа, тој и сите луѓе од градот побрзаа, станаа рано и во определеното време излегоа на бој против Израел кон рамнината. Но тој не знаеше дека зад градот има заседа.

  15. 15

    Исус и целиот Израел се преправаа дека се поразени пред нив и побегнаа по патот кон пустината.

  16. 16

    Сите луѓе што беа во Гај беа повикани да ги гонат. Гонејќи го Исус, тие се оддалечија од градот.

  17. 17

    Во Гај и Ветил не остана ниеден маж што не излезе по Израел. Го оставија градот отворен и го гонеа Израел.

  18. 18

    Тогаш Господ му рече на Исус: „Испружи го копјето што е во твојата рака кон Гај, зашто ќе ти го предадам во рацете.“ Исус го испружи копјето во својата рака кон градот.

  19. 19

    Штом ја испружи раката, луѓето од заседата брзо станаа од своето место, потрчаа, влегоа во градот и го освоија. Веднаш го запалија градот.

  20. 20

    Кога жителите на Гај се свртеа назад, видоа дека чадот од градот се издигнува кон небото. Немаа каде да побегнат ни на една страна, зашто народот што бегаше кон пустината се сврте против гонителите.

  21. 21

    Кога Исус и целиот Израел видоа дека заседата го освоила градот и дека од градот се издигнува чад, се свртеа и ги нападнаа жителите на Гај.

  22. 22

    А другите излегоа од градот против нив, така што жителите на Гај се најдоа меѓу Израелците, едни од едната, а други од другата страна. Израел ги порази и не остави ниеден од нив жив ниту некого да побегне.

  23. 23

    Царот на Гај го фатија жив и го доведоа кај Исус.

  24. 24

    Откако Израел ги уби сите жители на Гај во полето и во пустината каде што ги гонеа, и сите до еден паднаа од острицата на мечот, целиот Израел се врати во Гај и го погуби населението со меч.

  25. 25

    Сите што паднаа тој ден, мажи и жени, беа дванаесет илјади – сите жители на Гај.

  26. 26

    Исус не ја спушти раката со која го држеше испруженото копје додека не ги уништи сите жители на Гај.

  27. 27

    Само добитокот и пленот од тој град Израел ги зеде за себе, според зборот што Господ му го заповеда на Исус.

  28. 28

    Исус го запали Гај и го претвори во вечна урнатина, каква што е до денес.

  29. 29

    Царот на Гај го обеси на дрво и го остави да виси до вечерта. При зајдисонце Исус заповеда да го симнат неговото тело од дрвото. Го фрлија пред влезот на градската порта и над него натрупаа голема грамада камења, која стои до денес.

  30. 30

    Тогаш Исус Му изгради жртвеник на Господ, Израелевиот Бог, на гората Гевал,

  31. 31

    како што Господовиот слуга Мојсеј им беше заповедал на Израелевите синови и како што е напишано во книгата на Мојсеевиот закон: жртвеник од цели камења врз кои не било кренато железно орудие. На него Му принесоа на Господ жртви паленици и жртви за мир.

  32. 32

    Таму, пред Израелевите синови, Исус напиша на камењата препис од Мојсеевиот закон.

  33. 33

    Целиот Израел, неговите старешини, управители и судии, и туѓинците и домородците, стоеја од двете страни на ковчегот, спроти левитските свештеници што го носеа ковчегот на Господовиот завет. Едната половина стоеше кон гората Гаризим, а другата кон гората Гевал, како што Господовиот слуга Мојсеј порано заповеда да биде благословен Израелевиот народ.

  34. 34

    Потоа Исус ги прочита сите зборови на законот – благословите и проклетствата – според сѐ што е напишано во книгата на законот.

  35. 35

    Немаше ниеден збор од сѐ што Мојсеј заповеда што Исус не го прочита пред целото собрание на Израел, пред жените, децата и туѓинците што живееја меѓу нив.