Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 9

  1. 1

    Кога за тоа чуја сите цареви западно од Јордан – во планините, во рамнините и по целиот брег на Големото Море кон Ливан: Хетејците, Аморејците, Хананците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците –

  2. 2

    се здружија еднодушно за да војуваат против Исус и Израел.

  3. 3

    Но жителите на Гаваон, кога чуја што им направи Исус на Ерихон и на Гај,

  4. 4

    постапија лукаво. Се преправаа дека се пратеници од далечна земја и зедоа стари вреќи на своите магариња, како и стари, искинати и закрпени мевови за вино.

  5. 5

    На нозете имаа стари и закрпени обувки, а на себе изветвена облека. Сиот леб што го зедоа за пат беше сув и мувлосан.

  6. 6

    Дојдоа кај Исус во логорот во Галгал и му рекоа нему и на Израелевите мажи: „Доаѓаме од далечна земја; затоа сега склучете завет со нас.“

  7. 7

    Израелевите мажи им рекоа на Евејците: „Можеби живеете меѓу нас. Како тогаш да склучиме завет со вас?“

  8. 8

    Тие му рекоа на Исус: „Ние сме твои слуги.“ А Исус ги праша: „Кои сте и од каде доаѓате?“

  9. 9

    Тие му одговорија: „Твоите слуги дојдоа од многу далечна земја поради името на Господ, твојот Бог, зашто чувме за Неговата слава и за сѐ што направи во Египет,

  10. 10

    како и за сѐ што им направи на двајцата аморејски цареви источно од Јордан: на есевонскиот цар Сихон и на васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот.

  11. 11

    Нашите старешини и сите жители на нашата земја ни рекоа: ‚Земете си храна за пат, одете да ги пречекате и кажете им: Ние сме ваши слуги; затоа сега склучете завет со нас.‘

  12. 12

    Овој наш леб беше топол кога го зедовме од своите домови, во денот кога тргнавме да дојдеме кај вас, а сега, еве, е сув и мувлосан.

  13. 13

    Овие мевови за вино беа нови кога ги наполнивме, а сега се искинати. И нашата облека и обувки се изветвеа од многу долгиот пат.“

  14. 14

    Израелевите мажи зедоа од нивната храна, но не побараа совет од Господ.

  15. 15

    Исус склучи мир со нив и направи завет дека ќе им го поштеди животот, а старешините на заедницата им се заколнаа.

  16. 16

    По три дена, откако го склучија заветот со нив, дознаа дека тие се нивни соседи и дека живеат меѓу нив.

  17. 17

    Израелевите синови тргнаа и на третиот ден стигнаа до нивните градови. Нивните градови беа Гаваон, Хефира, Вирот и Киријат-Јарим.

  18. 18

    Но Израелевите синови не ги убија, зашто старешините на заедницата им се беа заколнале во Господ, Израелевиот Бог. Тогаш целата заедница негодуваше против старешините.

  19. 19

    Но сите старешини ѝ рекоа на заедницата: „Ние им се заколнавме во Господ, Израелевиот Бог; затоа сега не смееме да ги допреме.

  20. 20

    Вака ќе постапиме со нив: ќе ги оставиме живи, за да не дојде врз нас гнев поради заклетвата со која им се заколнавме.“

  21. 21

    Старешините уште рекоа: „Нека останат живи, но нека бидат дрвосечачи и водоносци за целата заедница.“ Така старешините одлучија за нив.

  22. 22

    Тогаш Исус ги повика и им рече: „Зошто нѐ измамивте, велејќи: ‚Живееме многу далеку од вас‘, кога всушност живеете меѓу нас?

  23. 23

    Затоа сега сте проклети. Никогаш нема да престанете да бидете слуги, дрвосечачи и водоносци за домот на мојот Бог.“

  24. 24

    Тие му одговорија на Исус: „На твоите слуги им беше јасно кажано дека Господ, твојот Бог, му заповедал на Својот слуга Мојсеј да ви ја даде целата земја и да ги уништи пред вас сите нејзини жители. Затоа многу се исплашивме за својот живот и го направивме ова.

  25. 25

    Сега, еве, во твои раце сме. Постапи со нас како што ти изгледа добро и праведно.“

  26. 26

    Исус постапи така со нив: ги избави од рацете на Израелевите синови, и тие не ги убија.

  27. 27

    Тој ден Исус ги постави да бидат дрвосечачи и водоносци за заедницата и за Господовиот жртвеник, на местото што Господ ќе го избере. Така е до денес.