Исус Навин
Глава 10
Кога ерусалимскиот цар Адони-Седек чу дека Исус го освоил Гај и целосно го уништил, и дека му направил на Гај и на неговиот цар како што им направил на Ерихон и на неговиот цар, и дека жителите на Гаваон склучиле мир со Израел и останале меѓу нив, (Исус Навин 10:1)
многу се уплашија, зашто Гаваон беше голем град, како еден од царските градови, поголем од Гај, а сите негови мажи беа силни. (Исус Навин 10:2)
Затоа ерусалимскиот цар Адони-Седек испрати порака до хевронскиот цар Оам, до јармутскиот цар Пирам, до лахискиот цар Јафија и до еглонскиот цар Девир: (Исус Навин 10:3)
„Дојдете кај мене и помогнете ми да го нападнеме Гаваон, зашто склучи мир со Исус и со Израелевите синови.“ (Исус Навин 10:4)
Така се собраа петте аморејски цареви – ерусалимскиот, хевронскиот, јармутскиот, лахискиот и еглонскиот цар. Тие и сите нивни војски тргнаа, се улогорија пред Гаваон и војуваа против него. (Исус Навин 10:5)
Тогаш жителите на Гаваон испратија порака до Исус во логорот во Галгал: „Не оставај ги своите слуги! Дојди брзо кај нас, избави нѐ и помогни ни, зашто против нас се собраа сите аморејски цареви што живеат во планините.“ (Исус Навин 10:6)
Исус тргна од Галгал, тој и сите воини со него, сите силни и храбри мажи. (Исус Навин 10:7)
Господ му рече на Исус: „Не плаши се од нив, зашто ги предадов во твоите раце. Ниеден од нив нема да може да ти се спротивстави.“ (Исус Навин 10:8)
Исус ненадејно ги нападна, откако цела ноќ се искачуваше од Галгал. (Исус Навин 10:9)
Господ ги доведе во збрка пред Израел. Исус им нанесе голем пораз кај Гаваон, ги гонеше по нагорнината кон Вет-Орон и ги поразуваше сѐ до Азика и Макида. (Исус Навин 10:10)
Додека бегаа пред Израел и се спуштаа по надолнината кај Вет-Орон, Господ фрлаше врз нив големи камења од небото сѐ до Азика, и тие умираа. Повеќе беа оние што умреа од камењата од град отколку оние што Израелевите синови ги убија со меч. (Исус Навин 10:11)
Во денот кога Господ им ги предаде Аморејците на Израелевите синови, Исус Му зборуваше на Господ и пред очите на Израел рече: „Сонце, застани над Гаваон, и ти, месечино, над долината Ајалон!“ (Исус Навин 10:12)
Сонцето застана и месечината запре, додека народот не им се одмазди на своите непријатели. Зар тоа не е запишано во Книгата на Праведниот? Сонцето застана среде небото и речиси цел ден не побрза да зајде. (Исус Навин 10:13)
Немало таков ден ни пред тоа ни потоа, кога Господ така послушал човечки глас, зашто Господ војуваше за Израел. (Исус Навин 10:14)
Потоа Исус и целиот Израел со него се вратија во логорот во Галгал. (Исус Навин 10:15)
А оние петмина цареви побегнаа и се скрија во пештерата кај Макида. (Исус Навин 10:16)
На Исус му беше јавено: „Петте цареви се најдени скриени во пештерата кај Макида.“ (Исус Навин 10:17)
Исус рече: „Навалете големи камења на влезот од пештерата и поставете луѓе да ги чуваат. (Исус Навин 10:18)
А вие не запирајте. Гонете ги своите непријатели и напаѓајте ја нивната задна стража. Не дозволувајте им да влезат во своите градови, зашто Господ, вашиот Бог, ви ги предаде во рацете.“ (Исус Навин 10:19)
Кога Исус и Израелевите синови им нанесоа многу голем пораз и речиси целосно ги уништија, преживеаните избегаа во утврдените градови. (Исус Навин 10:20)
Тогаш целиот народ мирно се врати кај Исус во логорот кај Макида; никој не се осмели да каже ни збор против Израелевите синови. (Исус Навин 10:21)
Тогаш Исус рече: „Отворете го влезот на пештерата и изведете ги кај мене оние петмина цареви.“ (Исус Навин 10:22)
Тие направија така и ги изведоа од пештерата петте цареви: ерусалимскиот, хевронскиот, јармутскиот, лахискиот и еглонскиот цар. (Исус Навин 10:23)
Кога ги доведоа царевите кај Исус, тој ги повика сите Израелеви мажи и им рече на заповедниците на воините што беа со него: „Приближете се и ставете ги своите нозе врз вратовите на овие цареви.“ Тие се приближија и ги ставија своите нозе врз нивните вратови. (Исус Навин 10:24)
Тогаш Исус им рече: „Не плашете се и не обесхрабрувајте се. Бидете силни и храбри, зашто вака Господ ќе постапи со сите ваши непријатели против кои војувате.“ (Исус Навин 10:25)
Потоа Исус ги погуби и ги обеси на пет дрвја, и тие висеа на дрвјата до вечерта. (Исус Навин 10:26)
При зајдисонце Исус заповеда да ги симнат од дрвјата и да ги фрлат во пештерата каде што се криеја. На влезот од пештерата ставија големи камења, кои стојат таму до денес. (Исус Навин 10:27)
Истиот ден Исус ја освои Макида и со меч го погуби нејзиниот цар. Целосно ги уништи сите луѓе во неа и не остави ниеден преживеан. Со макидскиот цар постапи како што постапи со ерихонскиот цар. (Исус Навин 10:28)
Потоа Исус и целиот Израел со него преминаа од Макида во Ливна и војуваа против Ливна. (Исус Навин 10:29)
Господ ја предаде и неа и нејзиниот цар во рацете на Израел. Исус ја погуби со меч, неа и сите луѓе што беа во неа, и не остави ниеден преживеан. Со нејзиниот цар постапи како што постапи со ерихонскиот цар. (Исус Навин 10:30)
Потоа Исус и целиот Израел со него преминаа од Ливна во Лахис, се улогорија спроти него и војуваа против него. (Исус Навин 10:31)
Господ го предаде Лахис во рацете на Израел. Го освоија вториот ден и со меч го погубија него и сите луѓе што беа во него, како што направија со Ливна. (Исус Навин 10:32)
Тогаш гезерскиот цар Орам дојде да му помогне на Лахис, но Исус го порази него и неговиот народ, сѐ додека не му остави ниеден преживеан. (Исус Навин 10:33)
Од Лахис Исус и целиот Израел со него преминаа во Еглон, се улогорија спроти него и војуваа против него. (Исус Навин 10:34)
Истиот ден го освоија и го погубија со меч. Исус целосно ги уништи сите луѓе што беа во него, како што направи во Лахис. (Исус Навин 10:35)
Потоа Исус и целиот Израел со него се искачија од Еглон во Хеврон и војуваа против него. (Исус Навин 10:36)
Го освоија и со меч го погубија него, неговиот цар, сите негови градови и сите луѓе што беа во нив. Не остави ниеден преживеан, како што направи во Еглон; целосно го уништи него и сите луѓе што беа во него. (Исус Навин 10:37)
Потоа Исус и целиот Израел со него се свртеа кон Девир и војуваа против него. (Исус Навин 10:38)
Го освоија него, неговиот цар и сите негови градови. Ги погубија со меч и целосно ги уништија сите луѓе што беа во нив; не остави ниеден преживеан. Со Девир и со неговиот цар постапи како со Хеврон, и како што постапи со Ливна и со нејзиниот цар. (Исус Навин 10:39)
Така Исус ја порази целата земја: планинскиот крај, Негев, рамнината и подножјата, и сите нивни цареви. Не остави ниеден преживеан, туку уништи сѐ што дишеше, како што заповеда Господ, Израелевиот Бог. (Исус Навин 10:40)
Исус ги порази од Кадис-Варни до Газа, и целата гесенска земја сѐ до Гаваон. (Исус Навин 10:41)
Исус ги освои сите тие цареви и нивните земји во еден поход, зашто Господ, Израелевиот Бог, војуваше за Израел. (Исус Навин 10:42)
Потоа Исус и целиот Израел со него се вратија во логорот во Галгал. (Исус Навин 10:43)