Прескокни кон главната содржина

Исус Навин

Глава 11

  1. 1

    Кога асорскиот цар Јавин го слушна тоа, испрати порака до Јовав, мадонскиот цар, до симронскиот цар, до ахсафскиот цар,

  2. 2

    и до царевите што беа на север, во планинската и рамничарската земја јужно од Хинерот, во долината и во Нафот-Дор на запад;

  3. 3

    до Ханаанците на исток и на запад, до Аморејците, Хетејците, Ферезејците и Евусејците во планинската земја, и до Евејците под Ермон, во земјата Миспа.

  4. 4

    Тие излегоа со сите свои војски - народ многуброен како песокот покрај морето - и со многу коњи и бојни коли.

  5. 5

    Сите тие цареви се собраа и заедно се улогорија кај водите на Мером, за да војуваат против Израел.

  6. 6

    Тогаш Господ му рече на Исус Навин: „Не плаши се од нив, зашто утре, околу ова време, Јас ќе ги предадам сите убиени пред Израел. На нивните коњи ќе им ги пресечеш жилите, а нивните бојни коли ќе ги изгориш со оган.“

  7. 7

    Исус Навин и сите воини што беа со него ненадејно дојдоа против нив кај водите на Мером и ги нападнаа.

  8. 8

    Господ ги предаде во рацете на Израелевите синови, и тие ги поразија и ги гонеа до Голем Сидон, до Мисрефот-Маим и до долината Миспа на исток; ги убиваа сѐ додека не оставија ниеден преживеан.

  9. 9

    Исус Навин им направи како што му заповеда Господ: на нивните коњи им ги пресече жилите, а бојните коли ги изгори со оган.

  10. 10

    Во тоа време Исус Навин се врати, го освои Асор и го погуби неговиот цар со меч, зашто Асор порано беше главен меѓу сите тие царства.

  11. 11

    Сите луѓе во него ги погубија со сечилото на мечот и целосно ги истребија; не остана ништо што дише. Потоа Исус Навин го изгори Асор со оган.

  12. 12

    Исус Навин ги освои сите градови на тие цареви, ги фати сите нивни цареви и ги погуби со сечилото на мечот; целосно ги истреби, како што беше заповедал Господовиот слуга Мојсеј.

  13. 13

    Но Израелевите синови не изгореа ниеден од градовите што стоеја на своите ридови, освен Асор; само него Исус Навин го изгори.

  14. 14

    Сиот плен од тие градови и добитокот Израелевите синови ги зедоа за себе, а сите луѓе ги убиваа со сечилото на мечот сѐ додека не ги истребија; не оставија ништо што дише.

  15. 15

    Како што Господ му заповеда на Својот слуга Мојсеј, така Мојсеј му заповеда на Исус Навин, а Исус Навин така и направи; не пропушти ништо од сѐ што Господ му заповеда на Мојсеј.

  16. 16

    Така Исус Навин ја освои целата планинска земја, целата јужна земја, целата гесенска земја, рамнината, долината, Израелевата планинска и рамничарска земја,

  17. 17

    од гората Халак, која се издига кон Сеир, до Ваал-Гад во Ливанската долина под гората Ермон. Ги фати сите нивни цареви, ги порази и ги погуби.

  18. 18

    Исус Навин долго време војуваше против сите тие цареви.

  19. 19

    Немаше град што склучи мир со Израелевите синови, освен Евејците што живееја во Гаваон; сите други ги освоија со војна.

  20. 20

    Зашто Господ дозволи нивните срца да се закорават и да излезат во војна против Израел, за Исус Навин целосно да ги истреби, без да им биде покажана милост, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  21. 21

    Во тоа време Исус Навин дојде и ги истреби Енакимите од планинската земја - од Хеврон, Девир, Анав, од целата Јудина планинска земја и од целата Израелева планинска земја. Исус Навин целосно ги истреби заедно со нивните градови.

  22. 22

    Не останаа Енакиими во земјата на Израелевите синови; некои останаа само во Газа, Гат и Азот.

  23. 23

    Така Исус Навин ја освои целата земја, според сѐ што Господ му беше кажал на Мојсеј. Исус Навин му ја даде на Израел како наследство, распределена според нивните племиња. И земјата се смири од војна.