Прескокни кон главната содржина

Јуда

Глава 1

  1. 1

    Јуда, слуга на Исус Христос и брат на Јаков, до повиканите, возљубени во Бог Таткото и зачувани за Исус Христос:

  2. 2

    милоста, мирот и љубовта да ви се умножат.

  3. 3

    Мили мои, додека вложував голем труд да ви напишам за нашето заедничко спасение, почувствував потреба да ви напишам и да ве поттикнам сесрдно да се борите за верата што еднаш засекогаш им е предадена на светите.

  4. 4

    Зашто тајно се вовлекоа некои луѓе, за кои одамна е напишано дека ќе бидат осудени: безбожници, кои благодатта на нашиот Бог ја претвораат во разузданост и Го одрекуваат нашиот единствен Господар и Господ, Исус Христос.

  5. 5

    Сакам да ве потсетам, иако веќе го знаете сето ова, дека Исус го избави народот од Египет, а потоа ги погуби оние што не поверуваа.

  6. 6

    А ангелите што не ја зачуваа својата власт, туку го напуштија своето живеалиште, ги чува во вечни окови во мрак за суд на Големиот ден.

  7. 7

    Исто така, Содом и Гомор и околните градови, кои на ист начин како и тие се оддадоа на блуд и тргнаа по друго тело, стојат како пример, претрпувајќи ја казната на вечниот оган.

  8. 8

    И покрај тоа, и овие сонувачи го осквернуваат телото, ја отфрлаат власта и ги хулат небесните величества.

  9. 9

    Но архангелот Михаил, кога се препираше со ѓаволот за телото на Мојсеј, не се осмели да изрече хулна пресуда против него, туку рече: „Господ да те прекори!“

  10. 10

    А овие го хулат она што не го разбираат; а она што по природа го познаваат, како неразумни животни, токму во тоа пропаѓаат.

  11. 11

    Тешко ним! Зашто тргнаа по Каиновиот пат, заради добивка се втурнаа во Валаамовата заблуда и загинаа во бунтот на Кореј.

  12. 12

    Тие се подводни гребени на вашите гозби на љубовта; без страв се гостат со вас, пасејќи се самите себе. Тие се безводни облаци носени од ветровите; есенски дрвја без плод, двапати мртви и откорнати;

  13. 13

    разбеснети морски бранови што ја исфрлаат пената на сопствените срамоти; ѕвезди скитници, за кои довека е зачуван мракот на темнината.

  14. 14

    За нив пророкуваше и Енох, седмиот по Адам, велејќи: „Ете, Господ дојде со десетици илјади Свои свети,

  15. 15

    за да изврши суд над сите и да ја разобличи секоја душа за сите нивни безбожни дела што безбожно ги извршиле и за сите тешки зборови што безбожните грешници ги изговориле против Него.“

  16. 16

    Тие се мрморливци и незадоволници, кои живеат според своите похоти; нивната уста зборува надмено и им ласкаат на луѓето заради лична корист.

  17. 17

    Но вие, мили мои, спомнете си ги зборовите што порано ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос.

  18. 18

    Тие ви велеа: „Во последното време ќе има подбивачи, кои ќе живеат според своите безбожни желби.“

  19. 19

    Тоа се оние што создаваат поделби; тие се недуховни и Го немаат Духот.

  20. 20

    Но вие, мили мои, изградувајте се врз својата пресвета вера и молете се во Светиот Дух.

  21. 21

    Останете во Божјата љубов, очекувајќи ја милоста на нашиот Господ Исус Христос за вечен живот.

  22. 22

    Бидете милостиви кон оние што се сомневаат.

  23. 23

    Другите спасувајте ги, извлекувајќи ги од оган; а кон други покажувајте милост со страв, мразејќи ја дури и облеката извалкана од телото.

  24. 24

    А на Оној Кој може да ве сочува од сопнување и да ве постави непорочни пред Својата слава со голема радост,

  25. 25

    на единствениот Бог, нашиот Спасител, преку Исус Христос, нашиот Господ, нека Му е слава, величие, сила и власт пред сите векови, сега и во сите векови. Амин.