Судии
Глава 13
- 1
Израелевите синови повторно правеа зло пред Господ, па Господ ги предаде во рацете на Филистејците четириесет години.
- 2
Имаше еден човек од Сараја, од Дановото племе, по име Маное. Неговата жена не можеше да има деца и дотогаш немаше родено.
- 3
Господовиот ангел ѝ се јави на жената и ѝ рече: „Ете, досега не можеше да имаш деца и немаш родено, но ќе зачнеш и ќе родиш син.
- 4
Затоа внимавај: не пиј вино ниту друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто.
- 5
Зашто ќе зачнеш и ќе родиш син. Брич нека не помине по неговата глава, бидејќи детето ќе биде Божји назиреец уште од мајчината утроба. Тој ќе почне да го избавува Израел од рацете на Филистејците“.
- 6
Жената отиде и му кажа на својот маж: „Кај мене дојде еден Божји човек. Изгледаше како Божји ангел и беше многу страшен. Не го прашав од каде е, а ни тој не ми го кажа своето име.
- 7
Ми рече: ‚Ќе зачнеш и ќе родиш син. Затоа не пиј вино ниту друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто, зашто детето ќе биде Божји назиреец од мајчината утроба до денот на својата смрт‘“.
- 8
Тогаш Маное Му се помоли на Господ: „Те молам, Господи, Божјиот човек што го испрати нека дојде повторно кај нас и нека нѐ поучи што да правиме со детето што ќе се роди“.
- 9
Бог го слушна гласот на Маное. Божјиот ангел повторно дојде кај жената додека седеше во полето, а нејзиниот маж Маное не беше со неа.
- 10
Жената брзо истрча и му кажа на својот маж: „Ете, повторно ми се јави човекот што дојде кај мене пред некој ден“.
- 11
Маное стана, тргна по својата жена и дојде кај човекот. Го праша: „Ти ли си човекот што зборуваше со оваа жена?“ Тој одговори: „Јас сум“.
- 12
Тогаш Маное рече: „Кога ќе се исполни твојот збор, како треба да го воспитуваме детето и што треба да прави тоа?“
- 13
Господовиот ангел му одговори на Маное: „Жената нека се пази од сѐ што ѝ кажав.
- 14
Нека не јаде ништо што потекнува од лозата, нека не пие вино ниту друг алкохолен пијалак и нека не јаде ништо нечисто. Нека го пази сето она што ѝ го заповедав“.
- 15
Маное му рече на Господовиот ангел: „Те молам, дозволи ни да те задржиме додека ти приготвиме едно јаре“.
- 16
Но Господовиот ангел му одговори на Маное: „И да ме задржиш, нема да јадам од твојата храна. А ако сакаш да принесеш жртва паленица, принеси Му ја на Господ“. Маное сѐ уште не знаеше дека тоа е Господов ангел.
- 17
Потоа Маное го праша Господовиот ангел: „Како ти е името, за да ти оддадеме чест кога ќе се исполни твојот збор?“
- 18
Господовиот ангел му одговори: „Зошто прашуваш за моето име? Тоа е чудесно“.
- 19
Тогаш Маное го зеде јарето и житниот принос и Му ги принесе на Господ врз карпата. А ангелот направи чудо пред очите на Маное и неговата жена.
- 20
Кога пламенот од жртвеникот се издигна кон небото, Господовиот ангел се издигна во пламенот од жртвеникот. Кога го видоа тоа, Маное и неговата жена паднаа со лицата на земја.
- 21
Господовиот ангел повеќе не им се појави на Маное и на неговата жена. Тогаш Маное разбра дека тоа беше Господов ангел.
- 22
Маное ѝ рече на својата жена: „Сигурно ќе умреме, зашто Го видовме Бог!“
- 23
Но неговата жена му одговори: „Кога Господ би сакал да нѐ усмрти, немаше да ја прими од нашите раце жртвата паленица и житниот принос, немаше да ни го покаже сето ова и немаше сега да ни го соопшти сето тоа“.
- 24
Жената роди син и го нарече Самсон. Детето растеше, а Господ го благословуваше.
- 25
Господовиот Дух почна да дејствува во него во Махане-Дан, меѓу Сараја и Естаол.