Судии
Глава 12
- 1
Ефремовите мажи се собраа, го преминаа Јордан кон север и му рекоа на Јефтај: „Зошто тргна да војуваш против Амонците, а не нѐ повика да дојдеме со тебе? Ќе ја запалиме твојата куќа заедно со тебе!“
- 2
Јефтај им одговори: „Јас и мојот народ бевме во голем судир со Амонците. Ве повикав, но вие не ме избавивте од нивните раце.
- 3
Кога видов дека нема да ми помогнете, го ставив својот живот во опасност и тргнав против Амонците, а Господ ги предаде во моите раце. Зошто тогаш денес дојдовте да војувате против мене?“
- 4
Потоа Јефтај ги собра сите галаадски мажи и се бореше против Ефрем. Галаадците ги поразија Ефремовците, зашто тие велеа: „Вие, Галаадци, сте бегалци од Ефрем, населени меѓу Ефрем и Манасија“.
- 5
Галаадците ги зазедоа јорданските премини кон Ефрем. Кога некој од ефремските бегалци ќе речеше: „Дозволете ми да поминам“, галаадските мажи го прашуваа: „Дали си Ефремовец?“ Ако одговореше: „Не сум“,
- 6
му велеа: „Кажи: Шиболет“. Тој велеше: „Сиболет“, зашто не можеше правилно да го изговори зборот. Тогаш го фаќаа и го убиваа кај јорданските премини. Во тоа време загинаа четириесет и две илјади Ефремовци.
- 7
Јефтај му судеше на Израел шест години. Потоа Галаадецот Јефтај умре и беше погребан во еден од галаадските градови.
- 8
По него Ивцан од Витлеем стана судија во Израел.
- 9
Тој имаше триесет синови и триесет ќерки. Ќерките ги омажи надвор од својот род, а за своите синови доведе триесет девојки од други родови. Му судеше на Израел седум години.
- 10
Потоа Ивцан умре и беше погребан во Витлеем.
- 11
По него Елон од Завулоновото племе стана судија во Израел и му судеше десет години.
- 12
Потоа Елон Завулонецот умре и беше погребан во Ајалон, во Завулоновата земја.
- 13
По него Авдон, синот на Пиратонецот Илел, стана судија во Израел.
- 14
Тој имаше четириесет синови и триесет внуци, кои јаваа на седумдесет магариња. Му судеше на Израел осум години.
- 15
Потоа Авдон, синот на Пиратонецот Илел, умре и беше погребан во Пиратон, во Ефремовата земја, во Амаликијската планинска област.