Прескокни кон главната содржина

Судии

Глава 11

  1. 1

    Галаадецот Јефтај беше силен и храбар човек. Тој беше син на една блудница, а неговиот татко беше Галаад.

  2. 2

    Галаадовата жена му роди синови. Кога пораснаа, тие го истераа Јефтај и му рекоа: „Ти нема да имаш наследство во домот на нашиот татко, зашто си син на друга жена“.

  3. 3

    Тогаш Јефтај побегна од своите браќа и се насели во земјата Тов. Околу него се собраа луѓе без постојана работа и одеа со него во походи.

  4. 4

    По некое време Амонците започнаа војна против Израел.

  5. 5

    Кога Амонците војуваа против Израел, галаадските старешини отидоа да го доведат Јефтај од земјата Тов.

  6. 6

    Му рекоа: „Дојди и биди ни заповедник, за да се бориме против Амонците“.

  7. 7

    Но Јефтај им рече на галаадските старешини: „Зар не ме мразевте и не ме истеравте од домот на мојот татко? Зошто сега доаѓате кај мене, кога сте во неволја?“

  8. 8

    Галаадските старешини му одговорија: „Токму затоа сега се враќаме кај тебе. Дојди со нас и бори се против Амонците, а потоа ќе бидеш поглавар над сите жители на Галаад“.

  9. 9

    Јефтај им рече на галаадските старешини: „Ако ме вратите за да војувам против Амонците и Господ ми ги предаде, навистина ли ќе бидам ваш поглавар?“

  10. 10

    Галаадските старешини му одговорија: „Господ нека биде сведок меѓу нас: ќе постапиме точно како што рече“.

  11. 11

    Тогаш Јефтај тргна со галаадските старешини. Народот го постави за свој поглавар и заповедник, а Јефтај ги повтори сите свои зборови пред Господ во Масфа.

  12. 12

    Потоа Јефтај испрати гласници кај царот на Амонците да му кажат: „Што имаш против мене, па дојде да војуваш против мојата земја?“

  13. 13

    Царот на Амонците им одговори на Јефтаевите гласници: „Кога Израел излезе од Египет, ми ја одзеде земјата од Арнон до Јавок и до Јордан. Затоа сега врати ми ја доброволно“.

  14. 14

    Јефтај повторно испрати гласници кај царот на Амонците

  15. 15

    и му порача: „Вака вели Јефтај: Израел не ја одзеде ниту моавската земја ниту земјата на Амонците.

  16. 16

    Кога излезе од Египет, Израел одеше низ пустината до Црвеното Море, а потоа дојде во Кадис.

  17. 17

    Тогаш Израел испрати гласници кај едомскиот цар и порача: ‚Дозволи ни, те молиме, да поминеме низ твојата земја‘. Но едомскиот цар не го послуша. Испрати и кај моавскиот цар, но ни тој не се согласи. Затоа Израел остана во Кадис.

  18. 18

    Потоа тргна низ пустината, ги заобиколи земјите на Едом и Моав и дојде од источната страна на моавската земја. Се улогори од другата страна на Арнон, но не влезе во границите на Моав, зашто Арнон беше моавската граница.

  19. 19

    Потоа Израел испрати гласници кај Сион, аморејскиот цар што владееше во Есевон, и му порача: ‚Дозволи ни, те молиме, да поминеме низ твојата земја до местото што ни е одредено‘.

  20. 20

    Но Сион не му веруваше на Израел и не му дозволи да помине низ неговата област. Тој го собра целиот свој народ, се улогори во Јаса и војуваше против Израел.

  21. 21

    Тогаш Господ, Израелевиот Бог, ги предаде Сион и целиот негов народ во рацете на Израел, и Израел ги порази. Така Израел ја зазеде целата земја на Аморејците што живееја во тој крај.

  22. 22

    Ја зазеде целата аморејска област, од Арнон до Јавок и од пустината до Јордан.

  23. 23

    И сега, откако Господ, Израелевиот Бог, ги истера Аморејците пред Својот народ Израел, зар ти ќе ја присвоиш нивната земја?

  24. 24

    Зар не го поседуваш она што ти го дава твојот бог Хамос? Така и ние ќе го поседуваме сето она што Господ, нашиот Бог, го освоил за нас.

  25. 25

    Дали си ти подобар од Валак, синот на Сефор, моавскиот цар? Дали тој некогаш се расправаше со Израел или војуваше против него?

  26. 26

    Израел веќе триста години живее во Есевон и неговите села, во Ароир и неговите села и во сите градови покрај Арнон. Зошто не ги повративте за сето тоа време?

  27. 27

    Јас не ти згрешив, туку ти постапуваш неправедно кон мене, започнувајќи војна против мене. Господ, Кој е Судија, нека пресуди денес меѓу Израелевите синови и Амонците“.

  28. 28

    Но царот на Амонците не ги послуша зборовите што Јефтај му ги испрати.

  29. 29

    Тогаш Господовиот Дух слезе врз Јефтај. Тој помина низ Галаад и Манасија, потоа низ Масфа во Галаад, и оттаму тргна против Амонците.

  30. 30

    Јефтај Му даде завет на Господ и рече: „Ако навистина ги предадеш Амонците во моите раце,

  31. 31

    тогаш оној што ќе излезе од вратата на мојата куќа да ме пречека, кога ќе се вратам со мир од Амонците, ќе Му припаѓа на Господ и ќе го принесам како жртва паленица“.

  32. 32

    Потоа Јефтај тргна против Амонците за да војува со нив, и Господ ги предаде во неговите раце.

  33. 33

    Тој ги порази со голем пораз, од Ароир до Минит – дваесет градови – и сѐ до Авел-Керамим. Така Амонците беа покорени пред Израелевите синови.

  34. 34

    Кога Јефтај се врати во својот дом во Масфа, ете, неговата ќерка излезе да го пречека со тапани и танцување. Таа му беше единствено дете; освен неа немаше ниту син ниту ќерка.

  35. 35

    Кога ја виде, ја раскина својата облека и извика: „О, ќерко моја! Сосема ме скрши и ми донесе голема болка! Ја отворив својата уста пред Господ и не можам да го повлечам зборот“.

  36. 36

    Таа му рече: „Татко мој, штом ја отвори својата уста пред Господ, постапи со мене според она што си го ветил, зашто Господ ти даде одмазда над твоите непријатели, Амонците“.

  37. 37

    Потоа му рече на својот татко: „Направи ми само едно: остави ме два месеца да одам по планините со моите другарки и да го оплакувам своето девство“.

  38. 38

    Тој ѝ рече: „Оди“. И ја пушти два месеца. Таа отиде со своите другарки и го оплакуваше своето девство по планините.

  39. 39

    По два месеца се врати кај својот татко, и тој го исполни заветот што го беше дал за неа. Таа никогаш не беше познала маж. Оттогаш во Израел стана обичај

  40. 40

    Израелевите ќерки секоја година да одат четири дена и да ја оплакуваат ќерката на Галаадецот Јефтај.