Судии
Глава 16
- 1
Самсон отиде во Газа, виде таму една блудница и влезе кај неа.
- 2
На жителите на Газа им беше кажано: „Самсон дојде овде!“ Тие го опколија местото и цела ноќ го демнеа кај градската порта. Цела ноќ беа тивки, велејќи: „Кога ќе се раздени, ќе го убиеме“.
- 3
Но Самсон лежеше само до полноќ. На полноќ стана, ги фати двете крила на градската порта заедно со двата столба, ги откорна заедно со резето, ги стави на рамената и ги однесе на врвот од ридот спроти Хеврон.
- 4
По ова Самсон се вљуби во една жена од долината Сорек, по име Далила.
- 5
Филистејските владетели дојдоа кај неа и ѝ рекоа: „Наговори го и дознај во што е неговата голема сила и како можеме да го совладаме, да го врземе и да го покориме. Секој од нас ќе ти даде по илјада и сто сребреници“.
- 6
Далила му рече на Самсон: „Те молам, кажи ми во што е твојата голема сила и со што треба да те врзат за да те совладаат“.
- 7
Самсон ѝ одговори: „Ако ме врзат со седум свежи тетиви што уште не се исушени, ќе ослабам и ќе станам како секој друг човек“.
- 8
Филистејските владетели ѝ донесоа седум свежи, неисушени тетиви, и таа го врза со нив.
- 9
Во внатрешната соба имаше луѓе во заседа. Таа извика: „Филистејците те нападнаа, Самсоне!“ Но тој ги раскина тетивите како што се кине ленена врвца кога ќе ја допре оган. Така не се дозна тајната на неговата сила.
- 10
Тогаш Далила му рече на Самсон: „Ете, ме измами и ме излага. Сега, те молам, кажи ми со што може да те врзат“.
- 11
Тој ѝ одговори: „Ако ме врзат цврсто со нови јажиња што никогаш не биле употребени, ќе ослабам и ќе станам како секој друг човек“.
- 12
Далила зеде нови јажиња, го врза со нив и извика: „Филистејците те нападнаа, Самсоне!“ А луѓето во заседа беа во внатрешната соба. Но тој ги скина јажињата од рацете како конец.
- 13
Далила му рече на Самсон: „Досега ме измамуваше и ме лажеше. Кажи ми со што може да те врзат“. Тој ѝ одговори: „Ако ги исткаеш седумте плетенки од мојата глава во ткаенината и ги прицврстиш со клинот, ќе ослабам и ќе станам како секој друг човек“.
- 14
Додека спиеше, таа ги истка седумте плетенки од неговата глава и ги прицврсти со клинот. Потоа извика: „Филистејците те нападнаа, Самсоне!“ Тој се разбуди и го истргна ткајачкиот клин заедно со ткаенината.
- 15
Тогаш таа му рече: „Како можеш да велиш: ‚Те сакам‘, кога твоето срце не е со мене? Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила“.
- 16
Таа секојдневно го притискаше со своите зборови и толку му здодеваше, што душата му се измачуваше до смрт.
- 17
На крајот ѝ го откри целото свое срце и ѝ рече: „Брич никогаш не поминал по мојата глава, зашто сум Божји назиреец уште од мајчината утроба. Ако ме избричат, мојата сила ќе ме напушти, ќе ослабам и ќе станам како секој друг човек“.
- 18
Кога Далила виде дека ѝ го откри целото свое срце, испрати да ги повика филистејските владетели и им порача: „Дојдете уште овој пат, зашто ми го откри целото свое срце“. Тогаш филистејските владетели дојдоа кај неа, носејќи ги парите во своите раце.
- 19
Таа го успа на своите колена, повика еден човек и му нареди да му ги избричи седумте плетенки од главата. Потоа почна да го совладува, а неговата сила го напушти.
- 20
Таа извика: „Филистејците те нападнаа, Самсоне!“ Тој се разбуди и си рече: „Ќе излезам како и порано и ќе се ослободам“. Но не знаеше дека Господ го напуштил.
- 21
Филистејците го фатија, му ги извадија очите и го одведоа во Газа. Го врзаа со бронзени окови, а тој мелеше жито во затворот.
- 22
Но косата на неговата глава повторно почна да расте откако беше избричена.
- 23
Филистејските владетели се собраа за да му принесат голема жртва на својот бог Дагон и да се веселат, зашто велеа: „Нашиот бог ни го предаде во рацете нашиот непријател Самсон“.
- 24
Кога народот го виде, го славеше својот бог и велеше: „Нашиот бог ни го предаде во рацете нашиот непријател, пустошителот на нашата земја, кој уби многумина од нас“.
- 25
Кога срцата им се развеселија, рекоа: „Повикајте го Самсон да нѐ забавува!“ Го доведоа од затворот и му се потсмеваа. Потоа го поставија меѓу столбовите.
- 26
Самсон му рече на момчето што го држеше за рака: „Пушти ме да ги допрам столбовите врз кои се потпира куќата, за да се потпрам на нив“.
- 27
Куќата беше полна со мажи и жени. Таму беа сите филистејски владетели, а на покривот имаше околу три илјади мажи и жени што гледаа како му се потсмеваат на Самсон.
- 28
Тогаш Самсон повика кон Господ: „Господи Боже, сети се на мене! Те молам, дај ми сила уште само овој пат, Боже, за одеднаш да им се одмаздам на Филистејците за моите две очи“.
- 29
Самсон ги опфати двата средни столба врз кои се потпираше куќата и се потпре на нив – на едниот со десната рака, а на другиот со левата.
- 30
Потоа рече: „Нека умрам со Филистејците!“ Се напрегна со сета своја сила, и куќата падна врз владетелите и врз целиот народ што беше во неа. Така, при својата смрт уби повеќе луѓе отколку што беше убил во текот на својот живот.
- 31
Неговите браќа и целиот дом на неговиот татко слегоа, го зедоа и го однесоа. Го погребаа меѓу Сараја и Естаол, во гробот на неговиот татко Маное. Тој му судеше на Израел дваесет години.