Прескокни кон главната содржина

Судии

Глава 17

  1. 1

    Имаше еден човек од Ефремовата планинска земја, по име Михеј.

  2. 2

    Тој ѝ рече на својата мајка: „Илјада и сто сребреници ти беа украдени, па ти изговори клетва, и јас ја слушнав. Ете, среброто е кај мене; јас го зедов“. Неговата мајка рече: „Господ нека го благослови мојот син!“

  3. 3

    Кога ѝ ги врати на својата мајка илјадата и сто сребреници, таа рече: „Ова сребро целосно Му го посветив на Господ за мојот син, за од него да се направат резан лик и леан идол. Затоа сега ти го враќам“.

  4. 4

    Но тој повторно ѝ го даде среброто на својата мајка. Таа зеде двесте сребреници и му ги даде на златар, а тој од нив направи резан лик и леан идол, кои беа поставени во домот на Михеј.

  5. 5

    Михеј имаше светилиште. Направи ефод и домашни идоли и посвети еден од своите синови, кој му служеше како свештеник.

  6. 6

    Во тие денови немаше цар во Израел; секој го правеше она што мислеше дека е исправно.

  7. 7

    Имаше еден млад човек од Витлеем во Јуда, од Јудиниот род. Тој беше левит и живееше таму како странец.

  8. 8

    Човекот го напушти Витлеем во Јуда за да најде друго место каде што би можел да живее. Патувајќи, стигна до домот на Михеј во Ефремовата планинска земја.

  9. 9

    Михеј го праша: „Од каде доаѓаш?“ Тој му одговори: „Јас сум левит од Витлеем во Јуда и барам место каде што би можел да живеам“.

  10. 10

    Михеј му рече: „Остани кај мене и биди ми татко и свештеник. Ќе ти давам по десет сребреници годишно, облека и храна“. Така левитот влезе во неговиот дом.

  11. 11

    Левитот се согласи да остане кај човекот, а младиот човек му стана како еден од неговите синови.

  12. 12

    Михеј го посвети левитот, и младиот човек му стана свештеник и живееше во неговиот дом.

  13. 13

    Тогаш Михеј рече: „Сега знам дека Господ ќе ми прави добро, зашто имам левит за свештеник“.