Судии
Глава 18
- 1
Во тие денови немаше цар во Израел. Дановото племе бараше земја каде што би се населило, зашто дотогаш сѐ уште не го беше презело во целост своето наследство меѓу Израелевите племиња.
- 2
Данците испратија пет храбри мажи од својот род, од Сараја и Естаол, за да ја извидат и истражат земјата. Им рекоа: „Одете и испитајте ја земјата“. Тие стигнаа до домот на Михеј во Ефремовата планинска земја и таму преноќија.
- 3
Кога беа близу до домот на Михеј, го препознаа говорот на младиот левит. Се свртеа кон него и го прашаа: „Кој те доведе овде? Што правиш на ова место и што имаш тука?“
- 4
Тој им одговори: „Михеј направи вака и вака за мене; ме најми и јас му станав свештеник“.
- 5
Тие му рекоа: „Те молиме, прашај Го Бог за нас, за да дознаеме дали ќе биде успешен патот по кој одиме“.
- 6
Свештеникот им одговори: „Одете со мир; патот по кој одите е пред Господ“.
- 7
Петтемина тргнаа и стигнаа во Лаис. Видоа дека тамошниот народ живее безгрижно, според обичајот на Сидонците, мирно и без страв. Во земјата немаше владетел што би ги притискал за нешто. Беа далеку од Сидонците и немаа врски со друг народ.
- 8
Потоа извидувачите се вратија кај своите браќа во Сараја и Естаол. Браќата ги прашаа: „Што откривте?“
- 9
Тие одговорија: „Станете, да тргнеме против нив! Ја видовме земјата и таа е многу добра. Зошто сѐ уште стоите? Не двоумете се да тргнете и да ја заземете земјата.
- 10
Кога ќе дојдете, ќе најдете народ што живее безгрижно и пространа земја. Бог ја предаде во вашите раце – земја во која не недостига ништо од она што го има на земјата“.
- 11
Тогаш од Дановиот род, од Сараја и Естаол, тргнаа шестотини мажи вооружени за војна.
- 12
Одејќи, се улогорија кај Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место, кое е западно од Киријат-Јарим, се вика Махане-Дан до денес.
- 13
Оттаму преминаа во Ефремовата планинска земја и стигнаа до домот на Михеј.
- 14
Тогаш петтемина мажи што ја беа извиделе земјата околу Лаис им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во овие куќи има ефод, домашни идоли, резан лик и леан идол? Размислете што треба да направите“.
- 15
Тие се свртеа натаму, дојдоа до домот на младиот левит – до домот на Михеј – и го поздравија.
- 16
Шестотините вооружени Данци застанаа пред влезот на портата.
- 17
Петтемина мажи што ја беа извиделе земјата влегоа и ги зедоа резаниот лик, ефодот, домашните идоли и леаниот идол, додека свештеникот стоеше пред влезот на портата со шестотините вооружени мажи.
- 18
Кога влегоа во домот на Михеј и ги изнесоа резаниот лик, ефодот, домашните идоли и леаниот идол, свештеникот ги праша: „Што правите?“
- 19
Тие му рекоа: „Молчи! Стави ја раката на својата уста, дојди со нас и биди ни татко и свештеник. Што е подобро за тебе: да бидеш свештеник во домот на еден човек или да бидеш свештеник на едно племе и еден род во Израел?“
- 20
Свештеникот се израдува во срцето, ги зеде ефодот, домашните идоли и резаниот лик и тргна со народот.
- 21
Потоа се свртеа и заминаа, ставајќи ги децата, добитокот и скапоцените работи пред себе.
- 22
Кога се оддалечија од домот на Михеј, мажите од соседните куќи се собраа и ги стигнаа Данците.
- 23
Тие им довикнаа на Данците. Данците се свртеа и му рекоа на Михеј: „Што ти е, па собра толку луѓе?“
- 24
Тој одговори: „Ги зедовте боговите што си ги направив и мојот свештеник, па си заминувате. Што друго ми остана? Како тогаш ме прашувате: ‚Што ти е?‘“
- 25
Данците му рекоа: „Не кревај глас меѓу нас, за да не те нападнат разгневени мажи, па да го загубиш својот живот и животот на своето семејство“.
- 26
Данците продолжија по својот пат. Кога Михеј виде дека се посилни од него, се сврте и се врати во својот дом.
- 27
Тие го зедоа она што го беше направил Михеј, како и свештеникот што го имаше, и стигнаа во Лаис, кај народ што живееше мирно и без страв. Ги поразија со меч и го запалија градот.
- 28
Немаше кој да ги избави, зашто беа далеку од Сидон и немаа врски со друг народ. Градот се наоѓаше во долината кај Вет-Роов. Данците повторно го изградија и се населија во него.
- 29
Градот го нарекоа Дан, според името на својот татко Дан, кој му се роди на Израел. Претходно градот се викаше Лаис.
- 30
Данците го поставија резаниот лик, а Јонатан, синот на Гирсом, синот на Мојсеј, и неговите потомци беа свештеници на Дановото племе сѐ до денот кога земјата беше одведена во ропство.
- 31
Така го поставија резаниот лик што го беше направил Михеј, и тој остана таму сето време додека Божјиот дом беше во Шило.