Судии
Глава 19
- 1
Во тие денови, кога немаше цар во Израел, еден левит живееше во оддалечениот дел на Ефремовата планинска земја. Тој зеде наложница од Витлеем во Јуда.
- 2
Неговата наложница му беше неверна и го напушти. Се врати во домот на својот татко во Витлеем во Јуда и остана таму околу четири месеци.
- 3
Нејзиниот маж стана и тргна по неа, за да ѝ зборува нежно и да ја врати. Со себе ги поведе својот слуга и две магариња. Таа го воведе во домот на својот татко, а таткото на младата жена го пречека со радост.
- 4
Неговиот тест, таткото на младата жена, го задржа, па тој остана кај него три дена. Јадеа, пиеја и ноќеваа таму.
- 5
На четвртиот ден станаа рано, а левитот се подготви да замине. Но таткото на младата жена му рече на својот зет: „Поткрепи се со малку леб, па потоа ќе тргнеш“.
- 6
Така седнаа и двајцата јадеа и пиеја заедно. Потоа таткото на младата жена му рече: „Те молам, согласи се да преноќиш и нека ти биде весело срцето“.
- 7
Човекот стана да замине, но неговиот тест настојуваше, па тој повторно преноќи таму.
- 8
На петтиот ден стана рано за да замине, но таткото на младата жена му рече: „Те молам, поткрепи се и почекај додека денот не почне да се приклонува“. Така двајцата јадеа.
- 9
Кога човекот стана да замине со својата наложница и со својот слуга, неговиот тест, таткото на младата жена, му рече: „Ете, денот веќе се приклонува кон вечер. Те молам, преноќете! Денот е при крај; остани тука и нека ти биде весело срцето. Утре станете рано и тргнете кон својот дом“.
- 10
Но човекот не сакаше да преноќи. Стана и тргна, па стигна спроти Јевус, односно Ерусалим. Со него беа двете оседлани магариња и неговата наложница.
- 11
Кога беа близу до Јевус, денот веќе беше при крај. Слугата му рече на својот господар: „Те молам, да се свртиме кон овој јевусејски град и да преноќиме во него“.
- 12
Но неговиот господар му одговори: „Нема да влегуваме во град на туѓинци, каде што нема Израелеви синови. Ќе продолжиме до Гаваја“.
- 13
Потоа му рече на својот слуга: „Ајде да стигнеме до едно од овие места и да преноќиме во Гаваја или во Рама“.
- 14
Продолжија по патот, а сонцето зајде кога беа близу до Гаваја, која му припаѓаше на Венијамин.
- 15
Се свртеа натаму за да влезат и да преноќат во Гаваја. Кога влегоа, седнаа на градскиот плоштад, но никој не ги прими во својот дом да преноќат.
- 16
Ете, вечерта еден старец се враќаше од работа во полето. Тој беше од Ефремовата планинска земја и живееше како странец во Гаваја, додека жителите на градот беа Венијаминовци.
- 17
Кога ги подигна очите и го виде патникот на градскиот плоштад, старецот го праша: „Каде одиш и од каде доаѓаш?“
- 18
Тој му одговори: „Патуваме од Витлеем во Јуда до оддалечениот дел на Ефремовата планинска земја, од каде што сум јас. Отидов во Витлеем во Јуда, а сега се враќам кон Господовиот дом, но никој не ме прима во својот дом.
- 19
Имаме слама и храна за нашите магариња, како и леб и вино за мене, за твојата слугинка и за момчето што е со твоите слуги. Ништо не ни недостига“.
- 20
Старецот рече: „Мир со тебе! Јас ќе се погрижам за сѐ што ти е потребно; само немој да преноќиш на плоштадот“.
- 21
Го воведе во својот дом и им даде храна на магарињата. Потоа си ги измија нозете, јадеа и пиеја.
- 22
Додека се веселеа, ете, некои развратни мажи од градот ја опколија куќата, удираа на вратата и му велеа на старецот, сопственикот на куќата: „Изведи го човекот што влезе во твојот дом, за да го силуваме“.
- 23
Сопственикот на куќата излезе кај нив и им рече: „Не, браќа мои! Те молам, не правете такво зло. Овој човек е гост во мојот дом; не извршувајте такво срамно дело.
- 24
Ете, ја имам својата ќерка, која е девица, а тука е и неговата наложница. Ќе ви ги изведам нив; обесчестете ги и правете им што сакате, но на овој човек не правете му такво срамно дело“.
- 25
Но мажите не сакаа да го послушаат. Тогаш левитот ја зеде својата наложница и им ја изведе надвор. Тие ја силуваа и ја измачуваа цела ноќ, сѐ до утрото, а кога почна да се разденува, ја пуштија.
- 26
Пред зори жената дојде и падна пред вратата на куќата во која беше нејзиниот господар, и лежеше таму сѐ додека не се раздени.
- 27
Утрото нејзиниот господар стана, ја отвори вратата од куќата и излезе за да тргне по патот. Ете, неговата наложница лежеше пред вратата на куќата, со рацете на прагот.
- 28
Тој ѝ рече: „Стани, да тргнеме“. Но немаше одговор. Тогаш ја стави на магарето, стана и тргна кон својот дом.
- 29
Кога стигна во својот дом, зеде нож, го фати телото на својата наложница и го расече, дел по дел, на дванаесет делови. Потоа ги испрати низ сите краишта на Израел.
- 30
Секој што го виде тоа велеше: „Никогаш не се случило ниту се видело вакво нешто од денот кога Израелевите синови излегоа од Египетската земја до денес. Размислете за ова, посоветувајте се и кажете што треба да се направи!“