Судии
Глава 3
- 1
Ова се народите што Господ ги остави, за преку нив да ги испита сите Израелци што не ги искусија сите војни во Ханан,
- 2
за подоцнежните поколенија на Израелевите синови, кои порано не знаеја да војуваат, да се научат на војување.
- 3
Тоа беа петте филистејски владетели, сите Хананци, Сидонците и Евејците што живееја на Ливанската Гора, од гората Ваал-Ермон до влезот во Емат.
- 4
Тие беа оставени за преку нив да биде испитан Израел и да се дознае дали ќе ги слушаат Господовите заповеди што Тој им ги даде на нивните татковци преку Мојсеј.
- 5
Така Израелевите синови живееја меѓу Хананците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците.
- 6
Ги земаа нивните ќерки за жени, ги даваа своите ќерки на нивните синови и им служеа на нивните богови.
- 7
Израелевите синови правеа зло пред Господ; Го заборавија Господ, својот Бог, и им служеа на Ваалите и на ашерите.
- 8
Тогаш Господовиот гнев пламна против Израел, и Тој ги предаде во рацете на месопотамскиот цар Хусан-Рисатаим. Израелевите синови му служеа осум години.
- 9
Кога Израелевите синови повикаа кон Господ, Господ им подигна избавител што ги избави: Готониил, синот на Кенез, помладиот брат на Халев.
- 10
Господовиот Дух слезе врз него, и тој му судеше на Израел. Излезе во војна, а Господ му го предаде во раце месопотамскиот цар Хусан-Рисатаим; и неговата рака надвладеа над Хусан-Рисатаим.
- 11
Тогаш земјата имаше мир четириесет години. Потоа умре Готониил, синот на Кенез.
- 12
Израелевите синови повторно правеа зло пред Господ, па Господ го зајакна моавскиот цар Еглон против Израел, бидејќи правеа зло пред Господ.
- 13
Еглон ги собра кај себе Амонците и Амаликијците, тргна и го порази Израел; тие го зазедоа Градот на палмите.
- 14
Израелевите синови му служеа на моавскиот цар Еглон осумнаесет години.
- 15
Тогаш Израелевите синови повикаа кон Господ, и Господ им подигна избавител: Аод, синот на Гира, Венијаминов потомок, кој беше левак. Преку него Израелевите синови му испратија данок на моавскиот цар Еглон.
- 16
Аод си направи меч со две острици, долг околу 45 сантиметри, и го препаша под облеката на десното бедро.
- 17
Му го однесе данокот на моавскиот цар Еглон; а Еглон беше многу дебел човек.
- 18
Кога заврши со предавањето на данокот, Аод ги испрати луѓето што го носеа.
- 19
Но самиот се врати од камените идоли кај Галгал и рече: „Царе, имам тајна порака за тебе“. Царот рече: „Тишина!“ И сите што стоеја кај него излегоа.
- 20
Аод му се приближи додека тој седеше сам во ладната горна соба. Аод рече: „Имам Божја порака за тебе“. Тогаш Еглон стана од седиштето.
- 21
Аод ја испружи левата рака, го извади мечот од десното бедро и му го заби во стомакот.
- 22
И дршката влезе по сечилото, а маснотијата го обви сечилото, зашто Аод не го извлече мечот од неговиот стомак; сечилото излезе одзади.
- 23
Потоа Аод излезе низ предворјето, ја затвори вратата од горната соба зад себе и ја заклучи.
- 24
Откако излезе, дојдоа слугите. Кога видоа дека вратата од горната соба е заклучена, си рекоа: „Сигурно врши нужда во ладната соба“.
- 25
Чекаа додека веќе не им стана непријатно, но тој не ја отвораше вратата. Тогаш го зедоа клучот и отворија, а нивниот господар лежеше мртов на земјата.
- 26
Додека тие се двоумеа, Аод избега, ги мина камените идоли и се спаси во Сеира.
- 27
Кога пристигна, затруби со труба во Ефремовата планинска земја. Израелевите синови слегоа со него од планината, а тој одеше пред нив.
- 28
Им рече: „Одете по мене, зашто Господ ги предаде вашите непријатели, Моавците, во ваши раце“. Тие тргнаа по него, ги зазедоа јорданските премини кон Моав и не пуштија никого да премине.
- 29
Во тоа време поразија околу десет илјади Моавци, сѐ силни и храбри мажи; не избега ниту еден.
- 30
Така тој ден Моав беше покорен под раката на Израел; а земјата имаше мир осумдесет години.
- 31
По него дојде Самегар, синот на Анат, кој со воловски остен уби шестотини Филистејци; и тој го избави Израел.