Прескокни кон главната содржина

Судии

Глава 2

  1. 1

    Господовиот ангел дојде од Галгал во Бохим и рече: „Ве изведов од Египет и ве доведов во земјата за која им се заколнав на вашите татковци. Реков: ‚Никогаш нема да го прекршам Својот завет со вас.

  2. 2

    Но вие не смеете да склучувате сојуз со жителите на оваа земја; урнете ги нивните жртвеници‘. Сепак, не го послушавте Мојот глас. Зошто го направивте тоа?

  3. 3

    Затоа сега ви велам: нема да ги истерам пред вас; тие ќе ви бидат трње во ребрата, а нивните богови ќе ви бидат стапица“.

  4. 4

    Кога Господовиот ангел им ги кажа тие зборови на сите Израелеви синови, народот заплака гласно.

  5. 5

    Затоа тоа место го нарекоа Бохим, односно Плачачи; и таму Му принесоа жртви на Господ.

  6. 6

    Кога Исус Навин го распушти народот, Израелевите синови заминаа, секој во своето наследство, за да ја заземат земјата.

  7. 7

    Народот Му служеше на Господ во сите денови на Исус Навин и во сите денови на старешините што го надживеаја и ги видоа сите големи дела што Господ ги направи за Израел.

  8. 8

    Исус Навин, синот на Навин, Господовиот слуга, умре на сто и десет години.

  9. 9

    Го погребаа во пределот на неговото наследство, во Тимнат-Херес, во Ефремовата планинска земја, северно од гората Гаас.

  10. 10

    Кога и целото тоа поколение се прибра кај своите татковци, по нив се крена друго поколение што не Го познаваше Господ, ниту делата што Тој ги направи за Израел.

  11. 11

    Тогаш Израелевите синови правеа зло пред Господ и им служеа на Ваалите.

  12. 12

    Го оставија Господ, Бог на нивните татковци, Кој ги изведе од египетската земја; тргнаа по други богови, по боговите на народите околу нив, им се поклонуваа и Го разгневуваа Господ.

  13. 13

    Го оставија Господ и им служеа на Ваал и на Астартите.

  14. 14

    Тогаш Господовиот гнев пламна против Израел; ги предаде во рацете на грабачи, кои ги ограбуваа, и ги предаде во рацете на околните непријатели, па повеќе не можеа да им се спротивстават.

  15. 15

    Каде и да тргнеа, Господовата рака беше против нив и им донесуваше зло, како што им рече Господ и како што им се заколна. Така западнаа во голема неволја.

  16. 16

    Тогаш Господ им подигнуваше судии, кои ги избавуваа од рацете на оние што ги ограбуваа.

  17. 17

    Но тие не ги слушаа ни своите судии, туку блудствуваа со други богови и им се поклонуваа. Брзо се оддалечуваа од патот по кој одеа нивните татковци, кои ги слушаа Господовите заповеди; тие не постапуваа така.

  18. 18

    Кога Господ им подигнуваше судија, Господ беше со судијата и ги избавуваше од рацете на непријателите во сите денови на судијата; зашто Господ се сожалуваше кога ги слушаше нивните офкања поради оние што ги угнетуваа и притискаа.

  19. 19

    Но штом ќе умреше судијата, повторно се враќаа и стануваа порасипани од своите татковци: одеа по други богови, им служеа и им се поклонуваа. Не се откажуваа од своите зли дела, ниту од својот тврдоглав пат.

  20. 20

    Затоа Господовиот гнев пламна против Израел, и Тој рече: „Бидејќи овој народ го прекрши Мојот завет што им го заповедав на нивните татковци и не го послуша Мојот глас,

  21. 21

    и Јас веќе нема да истерам пред нив ниту еден од народите што Исус Навин ги остави кога умре.

  22. 22

    Преку нив ќе го испитам Израел, за да видам дали ќе го пази Господовиот пат и ќе оди по него, како што го пазеа нивните татковци, или не“.

  23. 23

    Така Господ ги остави тие народи и не ги истера брзо; не ги предаде во рацете на Исус Навин.