Судии
Глава 8
- 1
Ефремовите мажи му рекоа на Гедеон: „Зошто ни го направи ова – не нѐ повика кога тргна да војуваш против Мадијам?“ И жестоко се расправаа со него.
- 2
Тој им одговори: „Што направив јас во споредба со вас? Зар она што Ефрем го дособра не е подобро од целата берба на Авиезер?
- 3
Бог ви ги предаде во раце мадијамските владетели Орив и Зив. Што можев јас да направам во споредба со вас?“ Кога им го рече тоа, нивниот гнев против него се смири.
- 4
Гедеон дојде до Јордан и го премина со тристата мажи што беа со него. Иако беа изморени, продолжуваа да гонат.
- 5
Им рече на луѓето од Сукот: „Дајте, ве молам, лебови на народот што ме следи, зашто се изморени, а јас ги гонам Зевеј и Салман, мадијамските цареви“.
- 6
Но сукотските владетели одговорија: „Зар рацете на Зевеј и Салман се веќе во твоите раце, па да ѝ дадеме леб на твојата војска?“
- 7
Гедеон рече: „Затоа, кога Господ ќе ги предаде Зевеј и Салман во моите раце, ќе ги истепам вашите тела со пустински трње и боцки“.
- 8
Оттаму се искачи во Фануил и им го побара истото, но луѓето од Фануил му одговорија како луѓето од Сукот.
- 9
И на луѓето од Фануил им рече: „Кога ќе се вратам во мир, ќе ја урнам оваа кула“.
- 10
Зевеј и Салман беа во Каркор со својата војска, околу петнаесет илјади луѓе – сите што останаа од целата војска на источните народи; а паднаа сто и дваесет илјади вооружени мажи.
- 11
Гедеон се искачи по патот на оние што живееја во шатори, источно од Нова и Јогвеа, и го нападна логорот кога војската беше безгрижна.
- 12
Зевеј и Салман побегнаа, но тој ги гонеше, ги фати двајцата мадијамски цареви и го доведе во страв целиот логор.
- 13
Потоа Гедеон, синот на Јоас, се врати од битката преку нагорнината Херес.
- 14
Фати едно момче од жителите на Сукот и го распраша. Момчето му ги запиша имињата на сукотските владетели и старешини – седумдесет и седум луѓе.
- 15
Тогаш дојде кај луѓето од Сукот и рече: „Еве ги Зевеј и Салман, поради кои ми се потсмевавте, велејќи: ‚Зар рацете на Зевеј и Салман се веќе во твоите раце, па да им дадеме леб на твоите изморени луѓе?‘“
- 16
Ги зеде градските старешини, како и пустински трње и боцки, и со нив ги казни луѓето од Сукот.
- 17
Ја урна кулата во Фануил и ги уби луѓето од градот.
- 18
Потоа ги праша Зевеј и Салман: „Какви беа луѓето што ги убивте во Тавор?“ Тие одговорија: „Беа како тебе; секој личеше на царски син“.
- 19
Тој рече: „Тоа беа моите браќа, синови на мојата мајка. Жив е Господ: да ги оставевте живи, немаше да ве убијам“.
- 20
Потоа му рече на својот првороден син Јетер: „Стани и убиј ги!“ Но момчето не го извлече мечот, зашто се плашеше; беше уште младо.
- 21
Тогаш Зевеј и Салман рекоа: „Стани ти и удри нѐ, зашто каков што е човекот, таква му е и силата“. Гедеон стана, ги уби Зевеј и Салман и ги зеде полумесечините што беа на вратовите на нивните камили.
- 22
Израелевите мажи му рекоа на Гедеон: „Владеј над нас и ти, и твојот син, и твојот внук, зашто нѐ избави од рацете на Мадијам“.
- 23
Но Гедеон им рече: „Јас нема да владеам над вас, ниту мојот син ќе владее над вас; Господ ќе владее над вас“.
- 24
Потоа Гедеон им рече: „Ќе побарам од вас само едно: секој нека ми даде по една обетка од својот плен“. Непријателите имаа златни обетки, зашто беа Исмаилци.
- 25
Тие одговорија: „Со задоволство ќе ти дадеме“. Простреа една облека, и секој фрли на неа по една обетка од својот плен.
- 26
Тежината на златните обетки што ги побара беше околу 19,38 килограми злато, без полумесечините, приврзоците и пурпурната облека што ја носеа мадијамските цареви, и без украсите што беа на вратовите на нивните камили.
- 27
Гедеон од тоа направи ефод и го постави во својот град Офра. Целиот Израел блудствуваше со него таму, и тој им стана стапица на Гедеон и на неговиот дом.
- 28
Така Мадијам беше покорен пред Израелевите синови и повеќе не ја крена главата. Земјата имаше мир четириесет години во деновите на Гедеон.
- 29
Ерус-Ваал, синот на Јоас, отиде и живееше во својот дом.
- 30
Гедеон имаше седумдесет синови, родени од неговото тело, зашто имаше многу жени.
- 31
И неговата наложница, која беше во Шехем, му роди син, кому му го даде името Авимелех.
- 32
Гедеон, синот на Јоас, умре во длабока старост и беше погребан во гробот на својот татко Јоас, во Офра на Авиезерците.
- 33
Штом умре Гедеон, Израелевите синови повторно тргнаа по Ваалите и го поставија Ваал-Варит за свој бог.
- 34
Израелевите синови не се сетија на Господ, својот Бог, Кој ги избави од рацете на сите нивни околни непријатели.
- 35
И не му покажаа добрина на домот на Ерус-Ваал, односно Гедеон, според сето добро што тој му го направи на Израел.