Прескокни кон главната содржина

3 Мојсеева — Левит

Глава 11

  1. 1

    Господ им зборуваше на Мојсеј и на Арон:

  2. 2

    „Кажете им на Израелевите синови: Од сите животни што живеат на земјата можете да ги јадете овие:

  3. 3

    Секое животно што има раздвоени копита, целосно расцепени на два дела, и прежива, можете да го јадете.

  4. 4

    Но од животните што само преживаат или само имаат раздвоени копита не ги јадете следниве: камилата, зашто прежива, но нема раздвоени копита; таа е нечиста за вас.

  5. 5

    Карпестиот даман, зашто прежива, но нема раздвоени копита; тој е нечист за вас.

  6. 6

    Зајакот, зашто прежива, но нема раздвоени копита; тој е нечист за вас.

  7. 7

    Свињата, зашто има раздвоени и целосно расцепени копита, но не прежива; таа е нечиста за вас.

  8. 8

    Не јадете од нивното месо и не ја допирајте нивната мрша; тие се нечисти за вас.

  9. 9

    Од сите животни што се во водата можете да ги јадете оние што имаат перки и крлушки, било во морињата било во реките.

  10. 10

    Но сите суштества во морињата и реките што немаат перки и крлушки, од сѐ што се движи во водата и од сите живи суштества во неа, нека ви бидат одвратни.

  11. 11

    Нека ви бидат одвратни: не јадете од нивното месо и сметајте ја нивната мрша за одвратна.

  12. 12

    Сѐ што е во водата, а нема перки и крлушки, нека ви биде одвратно.

  13. 13

    Од птиците сметајте ги за одвратни овие; тие не смеат да се јадат: орелот, белоглавиот мршојадец и црниот мршојадец,

  14. 14

    јастребот и соколот според нивните видови,

  15. 15

    секоја врана според нејзиниот вид,

  16. 16

    нојот, ушестата бувка, галебот и јастребот според неговите видови,

  17. 17

    малата бувка, корморанот и големата бувка,

  18. 18

    лебедот, пеликанот и мршојадецот,

  19. 19

    штркот, чапјата според нејзините видови, пупунецот и лилјакот.

  20. 20

    Сите крилести инсекти што одат на четири нозе нека ви бидат одвратни.

  21. 21

    Но од сите крилести инсекти што одат на четири нозе можете да ги јадете оние што имаат зглобени нозе над стапалата, со кои скокаат по земјата.

  22. 22

    Од нив можете да ги јадете: скакулецот според неговите видови, соламот според неговите видови, харголот според неговите видови и акридата според нејзините видови.

  23. 23

    Сите други крилести инсекти што имаат четири нозе нека ви бидат одвратни.

  24. 24

    Од нив ќе станувате нечисти: секој што ќе ја допре нивната мрша ќе биде нечист до вечерта.

  25. 25

    Секој што ќе понесе дел од нивната мрша нека ја испере својата облека и ќе биде нечист до вечерта.

  26. 26

    Секое животно што има раздвоени копита, но не целосно расцепени, или не прежива, е нечисто за вас. Секој што ќе го допре ќе биде нечист.

  27. 27

    Од сите четириножни животни, оние што одат на шепи се нечисти за вас. Секој што ќе ја допре нивната мрша ќе биде нечист до вечерта.

  28. 28

    Оној што ќе ја понесе нивната мрша нека ја испере својата облека и ќе биде нечист до вечерта. Тие се нечисти за вас.

  29. 29

    Од животните што ползат по земјата, овие се нечисти за вас: ласицата, глушецот и големиот гуштер според неговите видови,

  30. 30

    геконот, варанот, ѕидниот гуштер, песочниот гуштер и камелеонот.

  31. 31

    Овие се нечисти за вас од сите животни што ползат. Секој што ќе ги допре мртви ќе биде нечист до вечерта.

  32. 32

    Секој предмет врз кој ќе падне некое од нив мртво ќе биде нечист: дрвен сад, облека, кожа, вреќа или каков било предмет што се употребува за работа. Нека се стави во вода и ќе биде нечист до вечерта; потоа ќе стане чист.

  33. 33

    Ако некое од нив падне во земјен сад, сѐ што е во садот ќе стане нечисто, а садот скршете го.

  34. 34

    Секоја храна што може да се јаде, ако врз неа дојде вода од таков сад, ќе биде нечиста; и секој пијалак што може да се пие од таков сад ќе биде нечист.

  35. 35

    Сѐ врз што ќе падне дел од нивната мрша ќе биде нечисто. Печка или огниште нека се урнат; тие се нечисти и нека ви останат нечисти.

  36. 36

    Но извор или бунар во кој се собира вода останува чист. Сепак, оној што ќе ја допре мршата во него ќе биде нечист.

  37. 37

    Ако дел од нивната мрша падне врз семе што треба да се сее, семето останува чисто.

  38. 38

    Но ако семето било натопено со вода и врз него падне дел од нивната мрша, тоа е нечисто за вас.

  39. 39

    Ако умре некое животно што инаку смеете да го јадете, оној што ќе ја допре неговата мрша ќе биде нечист до вечерта.

  40. 40

    Оној што ќе јаде од неговата мрша нека ја испере својата облека и ќе биде нечист до вечерта. И оној што ќе ја понесе мршата нека ја испере својата облека и ќе биде нечист до вечерта.

  41. 41

    Секое животно што ползи по земјата е одвратно и не смее да се јаде.

  42. 42

    Не јадете ништо што се влече по стомакот, ништо што оди на четири нозе, ниту нешто што има многу нозе, од сите животни што ползат по земјата, зашто се одвратни.

  43. 43

    Не се правете одвратни со ниедно животно што ползи и не се осквернувајте со нив, за да не станете нечисти.

  44. 44

    Зашто Јас сум Господ, вашиот Бог. Посветувајте се и бидете свети, зашто Јас сум свет. Не се осквернувајте со ниедно животно што се движи по земјата.

  45. 45

    Зашто Јас сум Господ, Кој ве изведе од Египетската земја, за да бидам ваш Бог. Затоа бидете свети, зашто Јас сум свет.

  46. 46

    Ова е законот за животните, птиците, сите живи суштества што се движат во водата и сите животни што ползат по земјата,

  47. 47

    за да правите разлика меѓу нечистото и чистото и меѓу животното што смее да се јаде и животното што не смее да се јаде.“