3 Мојсеева — Левит
Глава 2
- 1
Кога некој Му принесува на Господ житен принос, нека биде од чисто брашно. Нека го полее со маслиново масло и нека стави врз него темјан.
- 2
Потоа нека им го донесе на свештениците, Ароновите синови. Свештеникот нека земе полна рака од чистото брашно, од маслото и од целиот темјан, и нека го изгори тој дел на жртвеникот како дел за спомен. Тоа е жртва принесена со оган, со пријатен мирис за Господ.
- 3
Остатокот од житниот принос нека им припадне на Арон и на неговите синови. Тоа е пресвет дел од жртвите што Му се принесуваат на Господ со оган.
- 4
Кога принесуваш житен принос печен во печка, нека бидат бесквасни погачи од чисто брашно замесени со маслиново масло или бесквасни тенки кори премачкани со масло.
- 5
Ако твојот принос е житен принос печен на плоча, нека биде бесквасен, од чисто брашно замесено со масло.
- 6
Искрши го на парчиња и полеј го со масло. Тоа е житен принос.
- 7
Ако твојот принос е житен принос приготвен во сад, нека биде од чисто брашно со маслиново масло.
- 8
Житниот принос приготвен на еден од овие начини донеси Му го на Господ. Предај му го на свештеникот, а тој нека го однесе до жртвеникот.
- 9
Свештеникот нека го одвои од житниот принос делот за спомен и нека го изгори на жртвеникот. Тоа е жртва принесена со оган, со пријатен мирис за Господ.
- 10
Остатокот од житниот принос нека им припадне на Арон и на неговите синови. Тоа е пресвет дел од жртвите што Му се принесуваат на Господ со оган.
- 11
Ниеден житен принос што Му го принесувате на Господ нека не се приготвува со квас, зашто не смеете да горите ниту квас ниту мед како жртва принесена со оган на Господ.
- 12
Можете да Му ги принесувате на Господ како принос од првите плодови, но не смеат да се палат на жртвеникот како пријатен мирис.
- 13
Секој свој житен принос зачини го со сол. Не дозволувај солта на заветот на твојот Бог да недостига од твојот житен принос. Со секој свој принос принесувај сол.
- 14
Ако Му принесуваш на Господ житен принос од првите плодови, принеси класови печени на оган, истолчено зрно од свежи класови.
- 15
Полеј го со маслиново масло и стави врз него темјан. Тоа е житен принос.
- 16
Свештеникот нека изгори од истолченото зрно и од маслото онолку колку што е делот за спомен, заедно со целиот темјан. Тоа е жртва принесена со оган на Господ.