3 Мојсеева — Левит
Глава 3
- 1
Ако нечиј принос е жртва за мир и ја принесува од говедата, било машко било женско животно, нека биде без недостаток пред Господ.
- 2
Нека ја положи својата рака врз главата на својот принос и нека го заколе пред влезот на Шаторот на средбата. А свештениците, Ароновите синови, нека го попрскаат жртвеникот од сите страни со крвта.
- 3
Од жртвата за мир нека Му го принесе на Господ како жртва со оган: маснотијата што ги покрива внатрешните органи и сета маснотија што е околу нив,
- 4
двата бубрега со маснотијата околу нив, кај слабините, и обвивката на црниот дроб, која нека ја отстрани заедно со бубрезите.
- 5
Ароновите синови нека го изгорат сето тоа на жртвеникот, врз жртвата паленица што е над дрвата на огнот. Тоа е жртва принесена со оган, со пријатен мирис за Господ.
- 6
Ако неговиот принос за жртва за мир на Господ е од стадото, било машко било женско животно, нека биде без недостаток.
- 7
Ако принесува јагне, нека го доведе пред Господ.
- 8
Нека ја положи својата рака врз главата на својот принос и нека го заколе пред Шаторот на средбата. А Ароновите синови нека го попрскаат жртвеникот од сите страни со неговата крв.
- 9
Од жртвата за мир нека Му го принесе на Господ како жртва со оган: нејзината маснотија, целата масна опашка, отстранета при самиот рбет, маснотијата што ги покрива внатрешните органи и сета маснотија што е околу нив,
- 10
двата бубрега со маснотијата околу нив, кај слабините, и обвивката на црниот дроб, која нека ја отстрани заедно со бубрезите.
- 11
Свештеникот нека го изгори сето тоа на жртвеникот. Тоа е храна, жртва принесена со оган на Господ.
- 12
Ако неговиот принос е коза, нека ја доведе пред Господ.
- 13
Нека ја положи својата рака врз нејзината глава и нека ја заколе пред Шаторот на средбата. А Ароновите синови нека го попрскаат жртвеникот од сите страни со нејзината крв.
- 14
Од неа нека Му го принесе на Господ како жртва со оган: маснотијата што ги покрива внатрешните органи и сета маснотија што е околу нив,
- 15
двата бубрега со маснотијата околу нив, кај слабините, и обвивката на црниот дроб, која нека ја отстрани заедно со бубрезите.
- 16
Свештеникот нека го изгори сето тоа на жртвеникот. Тоа е храна, жртва принесена со оган, со пријатен мирис. Сета маснотија Му припаѓа на Господ.
- 17
Ова нека биде вечна одредба за сите ваши поколенија, во сите ваши живеалишта: не јадете ниту маснотија ниту крв.