3 Мојсеева — Левит
Глава 4
- 1
Господ повторно му зборуваше на Мојсеј:
- 2
„Кажи им на Израелевите синови: Ако некој згреши ненамерно и направи нешто што Господ заповедал да не се прави, постапете вака:
- 3
Ако помазаниот свештеник згреши и со тоа навлече вина врз народот, тогаш за гревот што го направил нека Му принесе на Господ млад јунец без недостаток како жртва за грев.
- 4
Нека го доведе јунецот пред влезот на Шаторот на средбата, пред Господ, нека ја положи својата рака врз главата на јунецот и нека го заколе пред Господ.
- 5
Потоа помазаниот свештеник нека земе од крвта на јунецот и нека ја внесе во Шаторот на средбата.
- 6
Свештеникот нека го натопи својот прст во крвта и седумпати нека попрска со неа пред Господ, пред завесата на светилиштето.
- 7
Свештеникот нека стави од крвта и врз роговите на жртвеникот за миризлив темјан, кој е пред Господ во Шаторот на средбата. Сета преостаната крв од јунецот нека ја истури во подножјето на жртвеникот за жртви паленици, кој е пред влезот на Шаторот на средбата.
- 8
Нека ја отстрани сета маснотија од јунецот принесен како жртва за грев: маснотијата што ги покрива внатрешните органи и сета маснотија што е околу нив,
- 9
двата бубрега со маснотијата околу нив, кај слабините, и обвивката на црниот дроб, која нека ја отстрани заедно со бубрезите,
- 10
како што се отстрануваат од јунецот принесен како жртва за мир. Свештеникот нека го изгори сето тоа на жртвеникот за жртви паленици.
- 11
А кожата на јунецот, целото негово месо, главата, нозете, внатрешните органи и изметот,
- 12
односно целиот јунец, нека го изнесе надвор од логорот на чисто место, каде што се истура пепелта, и таму нека го изгори на дрва. Нека биде изгорен на местото каде што се истура пепелта.
- 13
Ако целата заедница на Израел згреши ненамерно, направи нешто што Господ заповедал да не се прави и стане виновна, но стореното остане скриено од очите на заедницата,
- 14
кога ќе се дознае гревот што го направиле, заедницата нека принесе млад јунец како жртва за грев и нека го доведе пред Шаторот на средбата.
- 15
Старешините на заедницата нека ги положат своите раце врз главата на јунецот пред Господ, а потоа нека го заколат јунецот пред Господ.
- 16
Помазаниот свештеник нека внесе од крвта на јунецот во Шаторот на средбата.
- 17
Свештеникот нека го натопи својот прст во крвта и седумпати нека попрска со неа пред Господ, пред завесата.
- 18
Нека стави од крвта и врз роговите на жртвеникот што е пред Господ во Шаторот на средбата. Потоа сета преостаната крв нека ја истури во подножјето на жртвеникот за жртви паленици, кој е пред влезот на Шаторот на средбата.
- 19
Нека ја отстрани сета маснотија од јунецот и нека ја изгори на жртвеникот.
- 20
Со овој јунец нека постапи како со јунецот принесен како жртва за грев. Така свештеникот ќе изврши помирување за нив и ќе им биде простено.
- 21
Потоа нека го изнесе јунецот надвор од логорот и нека го изгори како што го изгоре првиот јунец. Тоа е жртва за грев на заедницата.
- 22
Кога некој водач ќе згреши ненамерно, правејќи нешто што Господ, неговиот Бог, заповедал да не се прави, и така стане виновен,
- 23
штом му биде укажано на гревот што го направил, нека донесе како свој принос машко јаре без недостаток.
- 24
Нека ја положи својата рака врз главата на јарето и нека го заколе пред Господ на местото каде што се коле жртвата паленица. Тоа е жртва за грев.
- 25
Свештеникот нека земе со својот прст од крвта на жртвата за грев и нека ја стави врз роговите на жртвеникот за жртви паленици. Преостанатата крв нека ја истури во подножјето на жртвеникот.
- 26
Сета нејзина маснотија нека ја изгори на жртвеникот, како маснотијата од жртвата за мир. Така свештеникот ќе изврши помирување за него поради неговиот грев, и ќе му биде простено.
- 27
Ако некој од народот згреши ненамерно, правејќи нешто што Господ заповедал да не се прави, и така стане виновен,
- 28
штом му биде укажано на гревот што го направил, нека донесе како принос женско јаре без недостаток, поради гревот што го направил.
- 29
Нека ја положи својата рака врз главата на жртвата за грев и нека ја заколе на местото каде што се коле жртвата паленица.
- 30
Свештеникот нека земе со својот прст од нејзината крв и нека ја стави врз роговите на жртвеникот за жртви паленици. Сета преостаната крв нека ја истури во подножјето на жртвеникот.
- 31
Нека ја отстрани сета нејзина маснотија, како што се отстранува маснотијата од жртвата за мир. Свештеникот нека ја изгори на жртвеникот како пријатен мирис за Господ. Така свештеникот ќе изврши помирување за него, и ќе му биде простено.
- 32
Ако како жртва за грев принесува јагне, нека донесе женско животно без недостаток.
- 33
Нека ја положи својата рака врз главата на жртвата за грев и нека ја заколе како жртва за грев на местото каде што се коле жртвата паленица.
- 34
Свештеникот нека земе со својот прст од крвта на жртвата за грев и нека ја стави врз роговите на жртвеникот за жртви паленици. Сета преостаната крв нека ја истури во подножјето на жртвеникот.
- 35
Нека ја отстрани сета нејзина маснотија, како што се отстранува маснотијата од јагнето принесено како жртва за мир. Свештеникот нека ја изгори на жртвеникот заедно со жртвите што Му се принесуваат на Господ со оган. Така свештеникот ќе изврши помирување за гревот што го направил, и ќе му биде простено.