Прескокни кон главната содржина

3 Мојсеева — Левит

Глава 5

  1. 1

    Ако некој згреши така што, откако ќе слушне јавен повик под заклетва да сведочи за нешто што го видел или го знае, не го соопшти тоа, ќе ја носи својата вина.

  2. 2

    Или ако некој допре нешто нечисто, било мрша од нечисто диво животно, мрша од нечист добиток или мрша од нечисто животно што ползи, иако не бил свесен за тоа, тој станува нечист и виновен.

  3. 3

    Или ако допре човечка нечистотија, каква и да е нечистотијата со која човек станува нечист, иако не бил свесен за тоа, кога ќе дознае, станува виновен.

  4. 4

    Или ако некој непромислено се заколне дека ќе направи нешто зло или добро, што и да изговори човекот непромислено под заклетва, иако не бил свесен за тоа, кога ќе дознае, станува виновен за едно од тие нешта.

  5. 5

    Кога ќе стане виновен за едно од овие нешта, нека го признае гревот што го направил.

  6. 6

    Како надомест за својот грев нека Му донесе на Господ женско животно од стадото, јагне или јаре, како жртва за грев. Свештеникот ќе изврши помирување за него поради неговиот грев.

  7. 7

    Ако нема можност да донесе јагне, нека Му донесе на Господ, како надомест за гревот, две грлици или два млади гулаба: едниот како жртва за грев, а другиот како жртва паленица.

  8. 8

    Нека му ги донесе на свештеникот, кој најнапред нека го принесе оној што е наменет за жртва за грев. Нека му ја свитка главата кај вратот, но да не ја откине целосно.

  9. 9

    Потоа нека попрска со крвта на жртвата за грев по страната на жртвеникот, а преостанатата крв нека ја исцеди во подножјето на жртвеникот. Тоа е жртва за грев.

  10. 10

    Другиот гулаб нека го принесе како жртва паленица, според пропишаниот начин. Така свештеникот ќе изврши помирување за него поради гревот што го направил, и ќе му биде простено.

  11. 11

    Ако нема можност да донесе ни две грлици или два млади гулаба, тогаш како свој принос за гревот нека донесе една десетина ефа чисто брашно како жртва за грев. Нека не става врз него масло и нека не додава темјан, зашто тоа е жртва за грев.

  12. 12

    Нека му го донесе на свештеникот, а свештеникот нека земе полна рака од него како дел за спомен и нека го изгори на жртвеникот, врз жртвите што Му се принесуваат на Господ со оган. Тоа е жртва за грев.

  13. 13

    Така свештеникот ќе изврши помирување за него поради гревот што го направил во едно од тие нешта, и ќе му биде простено. Остатокот нека му припадне на свештеникот, како кај житниот принос.“

  14. 14

    Господ повторно му зборуваше на Мојсеј:

  15. 15

    „Ако некој постапи неверно и ненамерно згреши против нешто што Му е посветено на Господ, нека Му донесе на Господ како жртва за вина овен без недостаток од стадото, проценет во сребрени сикли според сиклата на светилиштето.

  16. 16

    Нека надомести за она против што згрешил во светите нешта и нека додаде уште една петтина од вредноста, па нека му ја даде на свештеникот. Свештеникот ќе изврши помирување за него со овенот принесен како жртва за вина, и ќе му биде простено.

  17. 17

    Ако некој згреши и направи нешто што Господ заповедал да не се прави, иако не знаел, сепак е виновен и ќе ја носи својата вина.

  18. 18

    Нека му донесе на свештеникот овен без недостаток од стадото, според твојата процена, како жртва за вина. Свештеникот ќе изврши помирување за него поради грешката што ја направил ненамерно и без да знае, и ќе му биде простено.

  19. 19

    Тоа е жртва за вина, зашто навистина станал виновен пред Господ.“