3 Мојсеева — Левит
Глава 6
Господ повторно му зборуваше на Мојсеј: (3 Мојсеева — Левит 6:1)
„Ако некој згреши и постапи неверно кон Господ така што ќе го измами својот ближен за нешто што му било доверено, за залог, за украдено нешто, или ако го ограби својот ближен, (3 Мојсеева — Левит 6:2)
или ако најде нешто изгубено, па лаже за тоа и лажно се заколне – во кое било од овие нешта со кои човек може да згреши, (3 Мојсеева — Левит 6:3)
тогаш, кога ќе згреши и ќе стане виновен, нека го врати она што го украл или го зел со измама, довереното што му било предадено или изгубеното што го нашол, (3 Мојсеева — Левит 6:4)
или сѐ за што лажно се заколнал. Нека ја надомести целата вредност и нека додаде уште една петтина. Нека му го даде тоа на сопственикот во денот кога ја принесува својата жртва за вина. (3 Мојсеева — Левит 6:5)
Како жртва за вина нека Му донесе на Господ, кај свештеникот, овен без недостаток од стадото, според твојата процена. (3 Мојсеева — Левит 6:6)
Свештеникот ќе направи покривање за него пред Господ, и ќе му биде простено за сѐ што направил со што станал виновен.“ (3 Мојсеева — Левит 6:7)
Господ му зборуваше на Мојсеј: (3 Мојсеева — Левит 6:8)
„Заповедај им на Арон и на неговите синови: Ова е законот за жртвата паленица. Целосно изгорената жртва нека остане врз огништето на жртвеникот цела ноќ до утрото, а огнот на жртвеникот постојано нека гори. (3 Мојсеева — Левит 6:9)
Свештеникот нека ја облече својата ленена облека и ленените долни облеки врз телото. Нека ја собере пепелта што останала откако огнот ја изгорел жртвата паленица и нека ја стави покрај жртвеникот. (3 Мојсеева — Левит 6:10)
Потоа нека ја соблече својата облека, нека облече друга и нека ја изнесе пепелта надвор од логорот, на чисто место. (3 Мојсеева — Левит 6:11)
Огнот на жртвеникот нека гори постојано и нека не згаснува. Секое утро свештеникот нека става дрва врз него, нека ја нареди врз него жртвата паленица и нека ја изгори маснотијата од жртвите за мир. (3 Мојсеева — Левит 6:12)
Огнот нека гори постојано на жртвеникот и никогаш да не згасне. (3 Мојсеева — Левит 6:13)
Ова е законот за житниот принос. Ароновите синови нека го принесуваат пред Господ, пред жртвеникот. (3 Мојсеева — Левит 6:14)
Свештеникот нека земе полна рака од чистото брашно на житниот принос и од неговото масло, заедно со целиот темјан што е врз приносот, и нека го изгори на жртвеникот како дел за спомен, со пријатен мирис за Господ. (3 Мојсеева — Левит 6:15)
Арон и неговите синови нека го јадат остатокот. Нека го јадат бесквасен на свето место, во дворот на Шаторот на средбата. (3 Мојсеева — Левит 6:16)
Нека не се пече со квас. Ним им го дадов како нивен дел од Моите жртви што се принесуваат со оган. Тој е пресвет, како жртвата за грев и како жртвата за вина. (3 Мојсеева — Левит 6:17)
Секој машки потомок на Арон смее да јаде од него. Тоа е вечно право за сите ваши поколенија од жртвите што Му се принесуваат на Господ со оган. Сѐ што ќе го допре ќе стане свето.“ (3 Мојсеева — Левит 6:18)
Господ повторно му зборуваше на Мојсеј: (3 Мојсеева — Левит 6:19)
„Ова е приносот што Арон и неговите синови треба да Му го принесат на Господ во денот кога некој од нив ќе биде помазан: една десетина ефа чисто брашно како редовен житен принос – половината наутро, а половината навечер. (3 Мојсеева — Левит 6:20)
Нека биде приготвен со масло на плоча. Донеси го добро замесен и принеси го искршен на парчиња како житен принос, со пријатен мирис за Господ. (3 Мојсеева — Левит 6:21)
Нека го приготвува свештеникот што ќе биде помазан на местото на Арон. Ова е вечна одредба: нека биде целосно изгорен за Господ. (3 Мојсеева — Левит 6:22)
Секој житен принос од свештеник нека биде целосно изгорен; не смее да се јаде.“ (3 Мојсеева — Левит 6:23)
Господ повторно му зборуваше на Мојсеј: (3 Мојсеева — Левит 6:24)
„Кажи им на Арон и на неговите синови: Ова е законот за жртвата за грев. Жртвата за грев нека биде заклана пред Господ на местото каде што се коле жртвата паленица. Таа е пресвета. (3 Мојсеева — Левит 6:25)
Свештеникот што ја принесува жртвата за грев нека ја јаде. Нека се јаде на свето место, во дворот на Шаторот на средбата. (3 Мојсеева — Левит 6:26)
Сѐ што ќе го допре нејзиното месо ќе стане свето. Ако од нејзината крв прсне врз некоја облека, испрсканото место испери го на свето место. (3 Мојсеева — Левит 6:27)
Земјениот сад во кој се варела нека се скрши. Ако се варела во бакарен сад, садот нека се истрие и нека се измие со вода. (3 Мојсеева — Левит 6:28)
Секој машки член на свештеничките семејства смее да јаде од неа. Таа е пресвета. (3 Мојсеева — Левит 6:29)
Но не смее да се јаде ниедна жртва за грев од чија крв било внесено во Шаторот на средбата за да се изврши помирување во светилиштето. Таа нека биде изгорена со оган. (3 Мојсеева — Левит 6:30)