Прескокни кон главната содржина

3 Мојсеева — Левит

Глава 7

  1. 1

    Ова е законот за жртвата за вина. Таа е пресвета.

  2. 2

    Жртвата за вина нека се заколе на местото каде што се коле жртвата паленица, а нејзината крв нека се попрска околу жртвеникот.

  3. 3

    Од неа нека се принесе сета нејзина маснотија: масната опашка и маснотијата што ги покрива внатрешните органи,

  4. 4

    двата бубрега со маснотијата околу нив, кај слабините, и обвивката на црниот дроб, која нека се отстрани заедно со бубрезите.

  5. 5

    Свештеникот нека го изгори сето тоа на жртвеникот како жртва принесена со оган на Господ. Тоа е жртва за вина.

  6. 6

    Секој машки член на свештеничките семејства смее да јаде од неа. Нека се јаде на свето место. Таа е пресвета.

  7. 7

    За жртвата за грев и за жртвата за вина важи ист закон: таа му припаѓа на свештеникот што преку неа извршува помирување.

  8. 8

    Кога свештеник принесува нечија жртва паленица, кожата од принесената жртва нека му припадне нему.

  9. 9

    Секој житен принос печен во печка или приготвен во сад или на плоча нека му припадне на свештеникот што го принесува.

  10. 10

    А секој житен принос замесен со масло или сув нека им припадне на сите Аронови синови, подеднакво на секого.

  11. 11

    Ова е законот за жртвата за мир што Му се принесува на Господ.

  12. 12

    Ако некој ја принесува како благодарствена жртва, заедно со неа нека принесе бесквасни погачи замесени со масло, бесквасни тенки кори премачкани со масло и погачи од чисто брашно добро замесени со масло.

  13. 13

    Заедно со благодарствената жртва за мир нека принесе и погачи од квасен леб.

  14. 14

    Од секој вид нека принесе по една погача како посебен принос за Господ. Таа нека му припадне на свештеникот што ја попрскува крвта од жртвата за мир.

  15. 15

    Месото од благодарствената жртва за мир нека се јаде истиот ден кога се принесува; ништо од него да не остане до утрото.

  16. 16

    Но ако жртвата е принесена поради завет или како доброволен принос, нека се јаде истиот ден кога се принесува, а она што ќе остане може да се јаде и следниот ден.

  17. 17

    Она што ќе остане од месото на жртвата до третиот ден нека се изгори со оган.

  18. 18

    Ако некој јаде од месото на жртвата за мир на третиот ден, оној што ја принел нема да биде прифатен и жртвата нема да му се засмета. Таа станува одвратна, а оној што јаде од неа ќе ја носи својата вина.

  19. 19

    Месото што ќе допре нешто нечисто не смее да се јаде; нека се изгори со оган. Од другото месо смее да јаде секој што е чист.

  20. 20

    Но човек што е нечист, а јаде од месото на Господовата жртва за мир, нека биде отстранет од својот народ.

  21. 21

    Ако некој допре човечка нечистотија, нечисто животно или каква било нечиста одвратност, па јаде од месото на Господовата жртва за мир, тој човек нека биде отстранет од својот народ.“

  22. 22

    Господ повторно му зборуваше на Мојсеј:

  23. 23

    „Кажи им на Израелевите синови: Не јадете маснотија од говедо, овца или коза.

  24. 24

    Маснотијата од животно што умрело само или било растргнато од диво животно може да се употребува за други потреби, но никако не смеете да ја јадете.

  25. 25

    Секој што ќе јаде маснотија од животно од кое се принесува жртва со оган на Господ нека биде отстранет од својот народ.

  26. 26

    Во ниедно свое живеалиште не јадете крв, било од птица било од животно.

  27. 27

    Секој што ќе јаде каква било крв нека биде отстранет од својот народ.“

  28. 28

    Господ повторно му зборуваше на Мојсеј:

  29. 29

    „Кажи им на Израелевите синови: Оној што Му принесува на Господ жртва за мир нека донесе дел од својата жртва како принос за Господ.

  30. 30

    Со своите раце нека ги донесе деловите што Му се принесуваат на Господ со оган: маснотијата заедно со градите. Градите нека ги принесе со нишање пред Господ.

  31. 31

    Свештеникот нека ја изгори маснотијата на жртвеникот, а градите нека им припаднат на Арон и на неговите синови.

  32. 32

    Десното бедро од своите жртви за мир давајте му го на свештеникот како подигнат принос.

  33. 33

    Оној од Ароновите синови што ги принесува крвта и маснотијата од жртвата за мир нека го добие десното бедро како свој дел.

  34. 34

    Зашто од жртвите за мир на Израелевите синови ги зедов градите што се принесуваат со нишање и бедрото што се подига, и им ги дадов на свештеникот Арон и на неговите синови како вечно право од Израелевите синови.

  35. 35

    Тоа е делот на Арон и на неговите синови од Господовите жртви принесени со оган, од денот кога беа доведени да Му служат на Господ како свештеници.

  36. 36

    Господ заповеда Израелевите синови да им го даваат тој дел од денот кога ги помаза. Тоа е вечно право за сите нивни поколенија.“

  37. 37

    Тоа е законот за жртвата паленица, за житниот принос, за жртвата за грев, за жртвата за вина, за жртвата при свештеничкото посветување и за жртвата за мир.

  38. 38

    Господ му го даде овој закон на Мојсеј на Синајската Гора, во денот кога им заповеда на Израелевите синови да Му ги принесуваат своите приноси на Господ во Синајската Пустина.