Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 11

  1. 1

    Еднаш Исус се молеше на едно место. Кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нѐ да се молиме, како што Јован ги научи своите ученици.“

  2. 2

    Тој им рече: „Кога се молите, кажете: ‚Татко, да се свети Твоето име; да дојде Твоето царство.

  3. 3

    Давај ни го секој ден нашиот потребен леб.

  4. 4

    И прости ни ги нашите гревови, зашто и ние му простуваме на секој што ни должи; и не воведувај нѐ во искушение.‘“

  5. 5

    Потоа им рече: „Замислете дека некој од вас има пријател и оди кај него на полноќ и му вели: ‚Пријателе, позајми ми три леба,

  6. 6

    зашто ми дојде пријател од пат, а немам што да му поставам.‘

  7. 7

    А оној одвнатре да му одговори: ‚Не вознемирувај ме! Вратата е веќе затворена, а децата ми се со мене во постела. Не можам да станам и да ти дадам.‘

  8. 8

    Ви велам: иако нема да стане и да му даде затоа што му е пријател, сепак поради неговата упорност ќе стане и ќе му даде колку што му е потребно.

  9. 9

    Затоа ви велам: молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.

  10. 10

    Зашто секој што моли, добива; кој бара, наоѓа; а на оној што чука, ќе му се отвори.

  11. 11

    Кој татко меѓу вас, ако синот му побара риба, ќе му даде змија наместо риба?

  12. 12

    Или ако побара јајце, ќе му даде скорпија?

  13. 13

    И така, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им го даде Светиот Дух на оние што Го молат!“

  14. 14

    Еднаш Исус истеруваше демон [кој беше нем]. Кога демонот излезе, немиот проговори, а народот се чудеше.

  15. 15

    Но некои од нив рекоа: „Тој ги истерува демоните со помош на Велзевул, владетелот на демоните.“

  16. 16

    Други, пак, искушувајќи Го, бараа од Него знак од небото.

  17. 17

    Но Тој ги знаеше нивните мисли и им рече: „Секое царство разделено против самото себе ќе пропадне, и куќа разделена против куќа паѓа.

  18. 18

    Ако и сатаната е разделен против себе, како ќе опстане неговото царство? Зашто велите дека Јас ги истерувам демоните со Велзевул.

  19. 19

    Ако Јас ги истерувам демоните со Велзевул, со чија сила ги истеруваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии.

  20. 20

    Но ако Јас ги истерувам демоните со Божјиот прст, тогаш Божјото царство дошло до вас.

  21. 21

    Кога силен и вооружен човек го чува својот двор, неговиот имот е безбеден.

  22. 22

    Но кога ќе дојде посилен од него и ќе го победи, му го одзема сето оружје на кое се потпираше и го разделува неговиот плен.

  23. 23

    Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, растура.

  24. 24

    Кога нечист дух ќе излезе од човек, минува низ безводни места барајќи одмор. Бидејќи не наоѓа, вели: ‚Ќе се вратам во својот дом од кој излегов.‘

  25. 25

    Кога ќе дојде, го наоѓа изметен и уреден.

  26. 26

    Тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од него; тие влегуваат и живеат таму. Последната состојба на тој човек станува полоша од првата.“

  27. 27

    Додека го зборуваше тоа, една жена од народот извика: „Блажена е утробата што Те носела и градите од кои си се хранел!“

  28. 28

    Но Тој рече: „Напротив, блажени се оние што го слушаат Божјиот Збор и го пазат.“

  29. 29

    Кога мноштвото се зголемуваше, Исус почна да зборува: „Ова поколение е зло. Бара знак, но нема да му се даде друг знак освен знакот на Јона.

  30. 30

    Зашто како што Јона беше знак за Ниневијците, така и Човечкиот Син ќе биде знак за ова поколение.

  31. 31

    Царицата од југ ќе стане на суд со луѓето од ова поколение и ќе ги осуди, зашто дојде од крајот на земјата да ја слуша Соломоновата мудрост; а ете, тука е нешто поголемо од Соломон.

  32. 32

    Ниневијците ќе станат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа по проповедта на Јона; а ете, тука е нешто поголемо од Јона.

  33. 33

    Никој не пали светилка и не ја става на скриено место [или под сад], туку на светилник, за оние што влегуваат да ја гледаат светлината.

  34. 34

    Окото е светилка на телото. Кога твоето око е чисто, и целото твое тело е осветлено; а кога е лошо, и твоето тело е во темнина.

  35. 35

    Затоа внимавај светлината што е во тебе да не биде темнина.

  36. 36

    Ако целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш целото ќе биде светло, како кога светилката те осветлува со својот сјај.“

  37. 37

    Додека Исус зборуваше, еден фарисеј Го покани да руча кај него. Тој влезе и седна на трпезата.

  38. 38

    Фарисејот се зачуди кога виде дека Исус не се изми пред јадењето.

  39. 39

    Господ му рече: „Вие фарисеите ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а вашата внатрешност е полна со грабеж и злоба.

  40. 40

    Безумни! Оној Кој ја создаде надворешноста, не ја создаде ли и внатрешноста?

  41. 41

    Туку она што е во вас дајте им го на сиромашните, и тогаш сѐ ќе ви биде чисто.

  42. 42

    Но тешко вам, фарисеи! Давате десеток од нане, рута и секаков зеленчук, а ги занемарувате правдата и љубовта кон Бог. Ова требаше да го правите, а ни она да не го оставате.

  43. 43

    Тешко вам, фарисеи! Ги сакате првите седишта во синагогите и поздравите по плоштадите.

  44. 44

    Тешко вам! Зашто сте како необележани гробови по кои луѓето одат, а не знаат.“

  45. 45

    Тогаш еден од познавачите на Законот Му рече: „Учителе, со овие зборови и нас нѐ навредуваш.“

  46. 46

    Тој рече: „Тешко и вам, познавачи на Законот! Ги товарите луѓето со тешки товари, а вие самите ни со еден прст не ги допирате тие товари.

  47. 47

    Тешко вам! Им градите гробници на пророците, а вашите татковци ги убија.

  48. 48

    Така сведочите дека ги одобрувате делата на своите татковци: тие ги убија пророците, а вие им ги градите гробниците.

  49. 49

    Затоа и Божјата мудрост рече: ‚Ќе им испратам пророци и апостоли; некои од нив ќе ги убијат, а други ќе ги прогонат‘,

  50. 50

    за ова поколение да одговара за крвта на сите пророци, пролеана од создавањето на светот,

  51. 51

    од крвта на Авел до крвта на Захарија, кој беше убиен меѓу жртвеникот и храмот. Да, ви велам, ќе се побара од ова поколение.

  52. 52

    Тешко вам, познавачи на Законот! Го зедовте клучот на знаењето; самите не влеговте, а ги спречивте и оние што сакаа да влезат.“

  53. 53

    Кога излезе оттаму, учителите на Законот и фарисеите почнаа жестоко да Му се спротивставуваат и да Го испрашуваат за многу работи,

  54. 54

    поставувајќи Му стапици, за да Го фатат за нешто што ќе го каже.