Лука
Глава 10
- 1
Потоа Господ одреди уште седумдесет [и двајца] ученици и ги испрати по двајца пред Себе во секој град и место каде што и Самиот имаше намера да оди.
- 2
Им рече: „Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.
- 3
Одете! Еве, Јас ве испраќам како јагниња меѓу волци.
- 4
Не носете ни кеса, ни торба, ни обувки и никого не поздравувајте по пат.
- 5
Во која куќа ќе влезете, најнапред кажете: ‚Мир на оваа куќа!‘
- 6
Ако таму има човек на мирот, вашиот мир ќе остане врз него; ако нема, ќе се врати кај вас.
- 7
Останете во таа куќа, јадете и пијте го она што ќе ви го дадат, зашто работникот ја заслужува својата плата. Не преминувајте од куќа во куќа.
- 8
Кога ќе влезете во некој град и ќе ве примат, јадете го она што ќе ви го постават.
- 9
Исцелувајте ги болните во него и кажувајте им: ‚Божјото царство се приближи до вас.‘
- 10
А кога ќе влезете во некој град и нема да ве примат, излезете на неговите улици и кажете:
- 11
‚И правот од вашиот град што се прилепи на нашите нозе ви го истресуваме. Но знајте го ова: Божјото царство се приближи.‘
- 12
Ви велам: во оној ден полесно ќе му биде на Содом отколку на тој град.
- 13
Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Зашто, ако во Тир и Сидон се случеа моќните дела што се случија кај вас, тие одамна ќе се покаеја, седејќи во груба облека и пепел.
- 14
Но на судот полесно ќе им биде на Тир и Сидон отколку вам.
- 15
И ти, Капернауме, зар до небото ќе се возвишиш? Ќе слезеш во светот на мртвите!
- 16
Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла; а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној што Ме испрати.“
- 17
Седумдесетте [и двајцата] се вратија со радост и рекоа: „Господи, и демоните ни се покоруваат во Твое име!“
- 18
Тој им рече: „Го гледав сатаната како паѓа од небото како молња.
- 19
Еве, ви дадов власт да газите врз змии и скорпии и над сета сила на непријателот; ништо нема да ви наштети.
- 20
Сепак, не радувајте се што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата.“
- 21
Во истиот час Исус се зарадува [во] Светиот Дух и рече: „Те славам, Татко, Господи на небото и на земјата, зашто го сокри ова од мудрите и разумните, а им го откри на малечките. Да, Татко, зашто така беше угодно пред Тебе.
- 22
Сѐ Ми е предадено од Мојот Татко. Никој не знае Кој е Синот освен Таткото, ниту Кој е Таткото освен Синот и оној кому Синот сака да му Го открие.“
- 23
Потоа се сврте кон учениците и им рече насамо: „Блажени се очите што го гледаат она што го гледате вие.
- 24
Зашто ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат она што го гледате вие, но не го видоа; и да го слушнат она што го слушате вие, но не го слушнаа.“
- 25
И ете, еден познавач на Законот стана и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам за да наследам вечен живот?“
- 26
А Тој му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“
- 27
Тој одговори: „Љуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси.“
- 28
Исус му рече: „Правилно одговори. Прави го тоа и ќе живееш.“
- 29
Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исус: „А кој е мојот ближен?“
- 30
Исус одговори: „Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон и падна во рацете на разбојници. Тие го соблекоа, го претепаа и си заминаа, оставајќи го полумртов.
- 31
Случајно по тој пат слегуваше еден свештеник. Кога го виде, помина на другата страна.
- 32
Исто така и еден левит дојде до тоа место, го виде и помина на другата страна.
- 33
Но еден Самарјанин, кој патуваше, дојде до него; кога го виде, се сожали.
- 34
Му пристапи, му ги преврза раните и ги полеа со масло и вино. Потоа го качи на своето животно, го однесе во гостилница и се погрижи за него.
- 35
Следниот ден извади два денарии, му ги даде на гостилничарот и рече: ‚Грижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам кога ќе се вратам.‘
- 36
Кој од овие тројца, според тебе, му беше ближен на човекот што падна во рацете на разбојниците?“
- 37
Тој одговори: „Оној што му покажа милост.“ Исус му рече: „Оди и ти прави така.“
- 38
Додека патуваа, Исус влезе во едно село. Една жена по име Марта Го прими.
- 39
Таа имаше сестра по име Марија, која седна кај нозете на Господ и го слушаше Неговиот Збор.
- 40
Марта, пак, беше зафатена со многу послужување. Таа пристапи и рече: „Господи, зар не Ти е грижа што мојата сестра ме остави сама да служам? Кажи ѝ да ми помогне.“
- 41
Господ ѝ одговори: „Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи,
- 42
а потребно е само едно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ биде одземен.“