Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 9

  1. 1

    Исус ги повика дванаесеттемина и им даде сила и власт над сите демони и моќ да лекуваат болести.

  2. 2

    Потоа ги испрати да го проповедаат Божјото царство и да ги исцелуваат [болните].

  3. 3

    Им рече: „Не земајте ништо за пат: ниту стап, ниту торба, ниту леб, ниту пари, ниту [по] две облеки.

  4. 4

    Во која куќа ќе влезете, таму останете додека не си заминете од тоа место.

  5. 5

    А таму каде што нема да ве примат, кога ќе излегувате од тој град, истресете го правот од своите нозе како сведоштво против нив.“

  6. 6

    Тие тргнаа и одеа од село до село, го објавуваа Евангелието и насекаде исцелуваа.

  7. 7

    Обласниот владетел Ирод слушна за сѐ што се случуваше и беше збунет, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите,

  8. 8

    други дека се појавил Илија, а трети дека воскреснал еден од старите пророци.

  9. 9

    Ирод рече: „На Јован јас му ја отсеков главата; кој е тогаш Овој за Кого слушам такви работи?“ И бараше можност да Го види.

  10. 10

    Кога апостолите се вратија, Му раскажаа што направиле. Тој ги зеде со Себе и се повлече насамо кон градот наречен Витсаида.

  11. 11

    Но народот дозна и тргна по Него. Исус ги прими, им зборуваше за Божјото царство и ги исцелуваше оние што имаа потреба од лекување.

  12. 12

    Денот почна да се приклонува кон вечер. Дванаесеттемина пристапија и Му рекоа: „Отпушти го народот, нека одат по околните села и имоти да најдат ноќевање и храна, зашто овде сме на пусто место.“

  13. 13

    Но Тој им рече: „Вие дајте им да јадат.“ Тие одговорија: „Немаме повеќе од пет леба и две риби, освен ако ние не отидеме и не купиме храна за сиот овој народ.“

  14. 14

    А таму имаше околу пет илјади мажи. Исус им рече на учениците: „Наредете ги да седнат во групи по педесетина.“

  15. 15

    Тие направија така и сите седнаа.

  16. 16

    Тогаш ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даваше на учениците да ги ставаат пред народот.

  17. 17

    Сите јадеа и се наситија, а од она што остана собраа дванаесет кошници со парчиња.

  18. 18

    Еднаш, кога Исус се молеше насамо, со Него беа и учениците. Тој ги праша: „Што велат луѓето, кој сум Јас?“

  19. 19

    Тие одговорија: „Едни велат – Јован Крстител; други – Илија; а трети дека воскреснал еден од старите пророци.“

  20. 20

    Тој им рече: „А вие што велите, кој сум Јас?“ Петар одговори: „Христос Божји.“

  21. 21

    Исус строго им заповеда никому да не го кажуваат тоа.

  22. 22

    Потоа рече: „Човечкиот Син мора многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и учителите на Законот, да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.“

  23. 23

    А на сите им рече: „Кој сака да оди по Мене, нека се откаже од себе, нека го зема својот крст секој ден и нека Ме следи.

  24. 24

    Зашто кој сака да си го спаси животот, ќе го изгуби; а кој ќе го изгуби својот живот заради Мене, тој ќе го спаси.

  25. 25

    Што му користи на човек ако го придобие целиот свет, а себеси се погуби или претрпи загуба?

  26. 26

    Кој ќе се засрами од Мене и од Моите зборови, од него ќе се засрами и Човечкиот Син кога ќе дојде во Својата слава, во славата на Таткото и на светите ангели.

  27. 27

    Вистина ви велам: има некои од оние што стојат тука што нема да вкусат смрт додека не го видат Божјото царство.“

  28. 28

    Околу осум дена по овие зборови, Исус ги зеде Петар, Јован и Јаков и се искачи на гората да се моли.

  29. 29

    Додека се молеше, изгледот на Неговото лице се измени, а облеката Му стана бела и блескава.

  30. 30

    И ете, двајца мажи разговараа со Него: Мојсеј и Илија.

  31. 31

    Тие се појавија во слава и зборуваа за Неговото заминување, што требаше да се исполни во Ерусалим.

  32. 32

    Петар и оние што беа со него беа совладани од сон; но кога се разбудија, ја видоа Неговата слава и двајцата мажи што стоеја со Него.

  33. 33

    Кога тие се одделуваа од Него, Петар Му рече на Исус: „Учителе, добро ни е да бидеме овде. Да направиме три шатори: едно за Тебе, едно за Мојсеј и едно за Илија.“ Но не знаеше што зборува.

  34. 34

    Додека тој зборуваше, дојде облак и ги засени. Учениците се исплашија кога влегоа во облакот.

  35. 35

    Од облакот дојде глас: „Овој е Мојот избран Син. Него слушајте!“

  36. 36

    Кога гласот престана, Исус остана Сам. Тие молчеа и во тие денови никому не кажаа ништо од она што го видоа.

  37. 37

    Следниот ден, кога слегоа од гората, Го пресретна големо мноштво народ.

  38. 38

    И ете, еден човек од народот извика: „Учителе, Те молам, погледни го мојот син, зашто ми е единец.

  39. 39

    Еден дух го зграпчува; тој одеднаш вика, духот го грчи и му излегува пена од устата. Едвај го остава, откако ќе го измачи.

  40. 40

    Ги замолив Твоите ученици да го истераат, но тие не можеа.“

  41. 41

    Исус одговори: „О, неверен и изопачен роде, до кога ќе бидам со вас и ќе ве трпам? Доведи го овде својот син.“

  42. 42

    Додека момчето доаѓаше, демонот го фрли на земја и силно го грчеше. Но Исус го укори нечистиот дух, го исцели детето и му го врати на неговиот татко.

  43. 43

    Сите се восхитуваа на Божјата величина. А додека сите се чудеа на сѐ што правеше, Исус им рече на Своите ученици:

  44. 44

    „Добро запомнете ги овие зборови: Човечкиот Син ќе биде предаден во рацете на луѓето.“

  45. 45

    Но тие не го разбираа тој збор; им беше скриен, за да не го сфатат, а се плашеа да Го прашаат за тоа.

  46. 46

    Меѓу учениците се појави расправа за тоа кој од нив е најголем.

  47. 47

    Исус ја знаеше мислата на нивното срце. Зеде едно дете и го постави покрај Себе,

  48. 48

    и им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме испрати. Зашто оној што е најмал меѓу сите вас, тој е голем.“

  49. 49

    Јован Му рече: „Учителе, видовме еден човек како во Твое име истерува демони, па му забранивме, зашто не оди со нас.“

  50. 50

    Исус му рече: „Не забранувајте му; зашто кој не е против вас, за вас е.“

  51. 51

    Кога се приближуваа деновите Тој да биде земен горе, Исус цврсто реши да оди во Ерусалим.

  52. 52

    И испрати гласници пред Себе. Тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село за да Му подготват место.

  53. 53

    Но таму не Го примија, затоа што беше на пат кон Ерусалим.

  54. 54

    Кога учениците Јаков и Јован го видоа тоа, рекоа: „Господи, сакаш ли да заповедаме да слезе оган од небото и да ги уништи?“

  55. 55

    Но Тој се сврте и ги укори.

  56. 56

    Потоа заминаа во друго село.

  57. 57

    Додека одеа по патот, некој Му рече: „Ќе Те следам каде и да одиш.“

  58. 58

    Исус му рече: „Лисиците имаат јами, небесните птици гнезда, а Човечкиот Син нема каде да ја положи главата.“

  59. 59

    На друг му рече: „Следи Ме.“ А тој рече: „[Господи,] дозволи ми најнапред да одам и да го погребам мојот татко.“

  60. 60

    Но Исус му рече: „Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртви, а ти оди и објавувај го Божјото царство.“

  61. 61

    И друг рече: „Ќе Те следам, Господи, но прво дозволи ми да се поздравам со домашните.“

  62. 62

    Исус [му] рече: „Никој што ја става раката на плугот, а гледа назад, не е погоден за Божјото царство.“