Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 8

  1. 1

    Набргу потоа Исус одеше по градови и села, проповедајќи и објавувајќи го Евангелието за Божјото царство. Со Него беа дванаесеттемина,

  2. 2

    со Него беа и некои жени исцелени од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалена, од која беа излегле седум демони;

  3. 3

    Јоана, жената на Хуса, Иродовиот управител; Сузана и многу други, кои им служеа со својот имот.

  4. 4

    Кога се собра големо мноштво и луѓето од сите градови доаѓаа кај Него, Исус им кажа парабола:

  5. 5

    „Еден сејач излезе да сее. Додека сееше, едно семе падна покрај патот, беше изгазено, а небесните птици го исколваа.

  6. 6

    Друго падна на каменито место; кога никна, се исуши, зашто немаше влага.

  7. 7

    Друго падна меѓу трње; трњето израсна со него и го задуши.

  8. 8

    А друго падна на добра земја, израсна и донесе стократен плод.“ Кога го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“

  9. 9

    Неговите ученици Го прашаа што значи таа парабола.

  10. 10

    Тој рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на Божјото царство, а на другите им се зборува во параболи, за да гледаат, а да не видат, и да слушаат, а да не разберат.

  11. 11

    А ова е значењето на параболата: семето е Божјиот Збор.

  12. 12

    Посеаното покрај патот се оние што слушаат; потоа доаѓа ѓаволот и им го зема Зборот од срцето, за да не поверуваат и да не се спасат.

  13. 13

    Посеаното на каменито место се оние што, кога ќе го чујат Зборот, со радост го примаат; но немаат корен. Веруваат извесно време, а во време на искушение отпаѓаат.

  14. 14

    Посеаното меѓу трње се оние што го слушаат Зборот, но потоа грижите, богатството и задоволствата на овој живот ги задушуваат, па не донесуваат зрел плод.

  15. 15

    А посеаното на добра земја се оние што го слушаат Зборот, го чуваат во благородно и добро срце и со истрајност донесуваат плод.

  16. 16

    Никој не пали светилка и не ја покрива со сад, ниту ја става под постела, туку ја става на светилник, за оние што влегуваат да ја гледаат светлината.

  17. 17

    Зашто нема ништо скриено што нема да стане јавно, ниту тајно што нема да се дознае и да излезе на виделина.

  18. 18

    Затоа внимавајте како слушате: кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има.“

  19. 19

    Неговата мајка и Неговите браќа дојдоа кај Него, но поради мноштвото не можеа да Му се приближат.

  20. 20

    Му јавија: „Твојата мајка и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да Те видат.“

  21. 21

    Тој им одговори: „Мојата мајка и Моите браќа се оние што го слушаат Божјиот Збор и го исполнуваат.“

  22. 22

    Еден ден Исус влезе во чамец со Своите ученици и им рече: „Да преминеме на другата страна од езерото.“ И тргнаа.

  23. 23

    Додека пловеа, Тој заспа. Над езерото се спушти силна бура; чамецот се полнеше со вода и беа во опасност.

  24. 24

    Тие пристапија, Го разбудија и рекоа: „Учителе, Учителе, загинуваме!“ Тој стана, ги укори ветерот и разбрануваната вода; тие се смирија и настана тишина.

  25. 25

    Потоа им рече: „Каде е вашата вера?“ Исплашени и зачудени, си велеа еден на друг: „Кој е Овој што им заповеда дури и на ветровите и на водата, и тие Му се покоруваат?“

  26. 26

    Допловија во герасинскиот крај, кој е спроти Галилеја.

  27. 27

    Кога излезе на суво, Го пресретна еден човек од градот, кој имаше демони. Долго време не носеше облека и не живееше во куќа, туку во гробиштата.

  28. 28

    Кога Го виде Исус, извика, падна пред Него и со силен глас рече: „Што имаш со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам, не ме мачи!“

  29. 29

    Зашто Исус му заповеда на нечистиот дух да излезе од човекот. Зашто многупати го зграпчуваше; го врзуваа со синџири и окови и го чуваа, но тој ги раскинуваше врските, а демонот го тераше во пустинските места.

  30. 30

    Исус го праша: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легион“, зашто во него беа влегле многу демони.

  31. 31

    Демоните Го молеа да не им заповеда да одат во бездната.

  32. 32

    На ридот пасеше големо стадо свињи. Демоните Го молеа да им дозволи да влезат во нив, и Тој им дозволи.

  33. 33

    Тогаш демоните излегоа од човекот и влегоа во свињите. Стадото се стрча низ стрмнината во езерото и се удави.

  34. 34

    Кога свињарите видоа што се случи, побегнаа и раскажаа во градот и по околината.

  35. 35

    Луѓето излегоа да видат што се случило. Дојдоа кај Исус и го најдоа човекот од кого беа излегле демоните како седи кај Исусовите нозе, облечен и со здрав разум; и се исплашија.

  36. 36

    Оние што го видоа настанот им раскажаа како беше спасен човекот што беше опседнат од демони.

  37. 37

    Тогаш сиот народ од околината на Гераса Го замоли Исус да си замине од нив, зашто беа обземени од голем страв. Тој влезе во чамецот и се врати.

  38. 38

    Човекот од кого беа излегле демоните Го молеше да остане со Него. Но Исус го отпушти, велејќи:

  39. 39

    „Врати се во својот дом и раскажувај што ти направи Бог.“ Тој си отиде и низ целиот град разгласуваше што му направи Исус.

  40. 40

    Кога Исус се врати, народот Го прими, зашто сите Го очекуваа.

  41. 41

    И ете, дојде човек по име Јаир, управител на синагогата. Тој падна пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде во неговиот дом,

  42. 42

    зашто неговата единствена ќерка, на околу дванаесет години, умираше. Додека Исус одеше, народот се туркаше околу Него.

  43. 43

    Имаше и една жена која дванаесет години страдаше од крвавење. [Таа го потроши целиот свој имот по лекари,] но никој не можеше да ја излекува.

  44. 44

    Таа пристапи одзади и го допре крајот на Неговата облека; и крвавењето веднаш престана.

  45. 45

    Исус рече: „Кој Ме допре?“ Додека сите одрекуваа дека Го допреле, Петар рече: „Учителе, народот Те опкружува и Те притиска!“

  46. 46

    Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“

  47. 47

    Кога жената виде дека не остана незабележана, пристапи треперејќи, падна пред Него и пред сиот народ кажа зошто Го допрела и како веднаш оздравела.

  48. 48

    Тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те спаси; оди си со мир.“

  49. 49

    Додека Тој уште зборуваше, дојде некој од домот на управителот на синагогата и рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го веќе Учителот.“

  50. 50

    Но Исус го чу тоа и му рече: „Не плаши се! Само верувај, и таа ќе биде спасена.“

  51. 51

    Кога стигна во куќата, не дозволи никој да влезе со Него освен Петар, Јован и Јаков, и таткото и мајката на девојката.

  52. 52

    Сите плачеа и тажеа по неа. Но Тој рече: „Не плачете; таа не е мртва, туку спие.“

  53. 53

    Тие Му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена.

  54. 54

    Тој ја фати за рака и извика: „Девојко, стани!“

  55. 55

    Нејзиниот дух се врати и таа веднаш стана. Исус заповеда да ѝ дадат да јаде.

  56. 56

    Нејзините родители се зачудија, а Тој им заповеда никому да не кажуваат што се случило.