Прескокни кон главната содржина

Лука

Глава 7

  1. 1

    Кога ги заврши сите Свои зборови пред народот што Го слушаше, Исус влезе во Капернаум.

  2. 2

    Слугата на еден стотник, кого тој многу го ценеше, беше тешко болен и на умирање.

  3. 3

    Кога слушна за Исус, стотникот испрати кај Него јудејски старешини да Го замолат да дојде и да му го исцели слугата.

  4. 4

    Тие дојдоа кај Исус и усрдно Го молеа: „Тој заслужува да му го направиш тоа,

  5. 5

    зашто го сака нашиот народ и ни ја изгради синагогата.“

  6. 6

    Исус тргна со нив. Кога веќе беше недалеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му кажат: „Господи, не мачи се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.

  7. 7

    Затоа и не се сметав себеси достоен да дојдам кај Тебе. Но кажи само збор, и мојот слуга ќе оздрави.

  8. 8

    Зашто и јас сум човек поставен под власт, а имам и војници под себе. На едниот му велам: ‚Оди‘, и тој оди; на другиот: ‚Дојди‘, и тој доаѓа; а на својот слуга: ‚Направи го тоа‘, и тој го прави.“

  9. 9

    Кога го слушна тоа, Исус му се восхити. Се сврте кон мноштвото што одеше по Него и рече: „Ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера.“

  10. 10

    Кога испратените се вратија во куќата, го најдоа слугата здрав.

  11. 11

    Набргу потоа Исус отиде во градот наречен Наин. Со Него одеа Неговите ученици и големо мноштво.

  12. 12

    Кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец – единствениот син на една вдовица. Со неа одеше многу народ од градот.

  13. 13

    Кога Господ ја виде, се сожали на неа и ѝ рече: „Не плачи.“

  14. 14

    Потоа се приближи и го допре носилото, а носачите застанаа. Тој рече: „Момче, тебе ти велам: стани!“

  15. 15

    Мртвиот седна и почна да зборува, а Исус ѝ го предаде на неговата мајка.

  16. 16

    Страв ги опфати сите. Го прославуваа Бог и велеа: „Голем пророк се појави меѓу нас“ и: „Бог го посети Својот народ.“

  17. 17

    Веста за Него се прошири низ цела Јудеја и по целата околина.

  18. 18

    Учениците на Јован му јавија за сето тоа.

  19. 19

    Тогаш Јован повика двајца од своите ученици и ги испрати кај Господ да Го прашаат: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или да чекаме друг?“

  20. 20

    Кога дојдоа кај Него, рекоа: „Јован Крстител нѐ испрати да Те прашаме: ‚Ти ли си Оној што треба да дојде, или да чекаме друг?‘“

  21. 21

    Во тој час Исус исцели мнозина од болести и маки и од зли духови, а на многу слепи им подари вид.

  22. 22

    Исус им одговори: „Одете и кажете му на Јован што видовте и чувте: слепите прогледуваат, куците одат, болните од лепра се очистуваат, глувите слушаат, мртвите воскреснуваат, а на сиромашните им се објавува Евангелието.

  23. 23

    Блажен е оној што нема да се соблазни поради Мене.“

  24. 24

    Кога си заминаа Јовановите гласници, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што излеговте да видите во пустината? Трска што ја ниша ветерот?

  25. 25

    Но што излеговте да видите? Човек облечен во мека облека? Ете, оние што носат раскошна облека и живеат во изобилство се во царските палати.

  26. 26

    Тогаш што излеговте да видите? Пророк? Да, ви велам, и повеќе од пророк.

  27. 27

    Тоа е оној за кого е напишано: ‚Еве, го испраќам Мојот гласник пред Твоето лице; тој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе.‘

  28. 28

    Ви велам: меѓу родените од жена нема поголем од Јован; но најмалиот во Божјото царство е поголем од него.“

  29. 29

    Сиот народ што Го слушаше, па и даночниците, Го призна Бог за праведен, зашто беа крстени со Јовановото крштевање.

  30. 30

    Но фарисеите и познавачите на Законот ја отфрлија Божјата намера за себе, бидејќи не се крстија од Јован.

  31. 31

    „Со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? На кого личат?

  32. 32

    Тие се како деца што седат на плоштадот и си довикуваат едни на други: ‚Ви свиревме, а вие не игравте; ви пеевме жални песни, а вие не плачевте.‘

  33. 33

    Зашто дојде Јован Крстител, кој не јаде леб и не пие вино, а вие велите: ‚Демон има.‘

  34. 34

    Дојде Човечкиот Син, Кој јаде и пие, а вие велите: ‚Еве ненаситен човек и пијаница, пријател на даночници и грешници.‘

  35. 35

    Но мудроста се потврдува преку сите свои деца.“

  36. 36

    Еден од фарисеите Го покани Исус да јаде со него. Тој влезе во домот на фарисејот и седна на трпезата.

  37. 37

    И ете, една жена од градот, која беше грешница, дозна дека Исус седи на трпезата во домот на фарисејот. Таа донесе алабастрен сад со миризливо масло.

  38. 38

    застана зад Него кај Неговите нозе и плачеше. Почна да Му ги мокри нозете со солзите, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги помазува со миризливото масло.

  39. 39

    Кога го виде тоа фарисејот што Го беше поканил, си рече: „Да беше Овој пророк, ќе знаеше која и каква е жената што Го допира – дека е грешница.“

  40. 40

    Исус му рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.“ Тој одговори: „Учителе, кажи.“

  41. 41

    „Еден заемодавец имаше двајца должници. Едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет.

  42. 42

    Бидејќи немаа со што да му вратат, им прости на двајцата. Кој од нив ќе го љуби повеќе заемодавецот?“

  43. 43

    Симон одговори: „Мислам оној кому повеќе му прости.“ Исус му рече: „Правилно пресуди.“

  44. 44

    Потоа се сврте кон жената и му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, а ти не Ми даде вода за нозете; таа, пак, со солзи Ми ги намокри нозете и ги избриша со својата коса.

  45. 45

    Ти не Ми даде бакнеж, а таа, откако влегов, не престана да Ми ги бакнува нозете.

  46. 46

    Ти не Ми ја помаза главата со масло, а таа со миризливо масло Ми ги помаза нозете.

  47. 47

    Затоа ти велам: простени ѝ се многуте гревови, зашто многу возљуби. А кому малку му се простува, малку љуби.“

  48. 48

    Потоа ѝ рече: „Ти се простени гревовите.“

  49. 49

    Оние што седеа со Него на трпезата почнаа да си велат: „Кој е Овој што и гревови простува?“

  50. 50

    А на жената ѝ рече: „Твојата вера те спаси; оди си со мир.“