Матеј
Глава 18
- 1
Во тој час учениците Му пристапија на Исус и прашаа: „Кој е најголем во небесното царство?“
- 2
Исус повика едно дете и го постави меѓу нив
- 3
и рече: „Вистина ви велам: ако не се обратите и не станете како деца, нема да влезете во небесното царство.
- 4
Кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е најголем во небесното царство;
- 5
и кој прима такво дете во Моето име, Мене Ме прима.
- 6
А кој ќе наведе на грев еден од овие малечки што веруваат во Мене, за него би било подобро да му обесат голем воденички камен околу вратот и да го потопат во морската длабочина.
- 7
Тешко му на светот поради нештата што ги наведуваат луѓето на грев! Таквите нешта неизбежно ќе дојдат, но тешко му на човекот преку кого доаѓаат!
- 8
Ако твојата рака или твојата нога те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе. Подобро е да влезеш во животот сакат или куц, отколку со две раце или две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган.
- 9
И ако твоето око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе. Подобро е да влезеш во животот со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во огнената геена.
- 10
Гледајте да не презрете едно од овие малечки, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот небесен Татко.
- 11
[Во подоцнежни ракописи стои: „Зашто Човечкиот Син дојде да го спаси загубеното.“]
- 12
Како ви се чини? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте во планината и да појде да ја бара загубената овца?
- 13
Па ако се случи да ја најде, вистина ви велам, ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте што не се загубиле.
- 14
Така и вашиот небесен Татко не сака да загине ниедно од овие малечки.
- 15
Ако згреши против тебе твојот брат, оди и укажи му на грешката насамо; ако те послуша, си го придобил својот брат.
- 16
ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па секој збор нека се потврди со исказот на двајца или тројца сведоци;
- 17
Ако не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; а ако не ја послуша ни црквата, нека ти биде како незнабожец и даночник.
- 18
Вистина ви велам: сѐ што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото.
- 19
Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата за што и да побараат, ќе им биде дадено од Мојот небесен Татко.
- 20
Зашто, каде се двајца или тројца собрани во Моето име, таму сум и Јас посреде нив.“
- 21
Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му простам на својот брат, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“
- 22
Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум.“
- 23
Затоа небесното царство личи на цар кој сакаше да ги расчисти сметките со своите слуги.
- 24
Кога почна да ги расчистува сметките, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти.
- 25
Па, бидејќи немаше со што да плати, неговиот господар нареди да го продадат него, неговата жена, неговите деца и сѐ што имаше, за да наплати.
- 26
Тогаш слугата падна пред него, му се поклони и рече: ‚Господаре, стрпи се со мене, и сѐ ќе ти платам.‘
- 27
А господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот.
- 28
Но кога слугата излезе, најде еден од своите другари кој му должеше сто денарии. Го фати, почна да го дави и му рече: „Исплати ми го долгот!“
- 29
Тогаш неговиот другар падна, го молеше и велеше: „Стрпи се со мене и ќе ти платам.“
- 30
Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека не му го исплати долгот.
- 31
Неговите другари, пак, кога видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи.
- 32
Тогаш неговиот господар го повика и рече: ‚Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше;
- 33
не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?‘
- 34
И се разгневи неговиот господар, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг.
- 35
Така и Мојот небесен Татко ќе направи со вас, ако секој од вас не му прости од срце на својот брат.“