Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 19

  1. 1

    Кога Исус ги заврши овие зборови, замина од Галилеја и дојде во јудејските предели, од другата страна на Јордан.

  2. 2

    По Него тргна големо мноштво, и Тој ги исцели таму.

  3. 3

    И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: „Може ли човек да ја остави својата жена за каква и да било причина?“

  4. 4

    Тој им одговори и рече: „Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, ‚маж и жена ги создаде‘ и рече:

  5. 5

    ‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до својата жена и двајцата ќе бидат едно тело.‘

  6. 6

    Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. Она што Бог го соединил, човек да не го разделува.“

  7. 7

    Тие Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповедал мажот да ѝ даде разводно писмо на жената и да ја остави?“

  8. 8

    Тој им рече: „Мојсеј, поради тврдоста на вашите срца, ви дозволи да ги оставате своите жени; но од почетокот не беше така.

  9. 9

    А Јас ви велам: кој ќе ја остави својата жена, освен поради блудство, и ќе се ожени со друга, прави прељуба.

  10. 10

    А Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таков односот на човекот со жената, тогаш не треба ни да се жени?“

  11. 11

    Но Тој рече: „Не сите го примаат овој збор, туку само оние, на кои им е дадено;

  12. 12

    зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; има и такви што луѓето ги направиле скопени, а има и такви што самите се откажале од бракот заради небесното царство. Кој може да прими, нека прими.“

  13. 13

    Тогаш доведоа кај Него деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа.

  14. 14

    Но Исус рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е небесното царство.“

  15. 15

    И кога ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму.

  16. 16

    И ете, еден човек Му пристапи и рече: „Учителе, какво добро треба да направам за да имам вечен живот?“

  17. 17

    А Тој му одговори: „Зошто Ме прашуваш за доброто? Еден е Добриот. А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите.“

  18. 18

    Тој му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прави прељуба, не кради, не сведочи лажно;

  19. 19

    почитувај го својот татко и својата мајка; сакај го својот ближен како себеси!“

  20. 20

    Младиот човек Му рече: „Сето тоа сум го запазил; што ми е уште потребно?“

  21. 21

    Исус му кажа: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им го на сиромашните, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и оди по Мене!“

  22. 22

    Кога младиот човек ги чу тие зборови, си отиде нажален, зашто имаше многу имот.

  23. 23

    А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам: богат човек тешко ќе влезе во небесното царство;

  24. 24

    и уште ви велам: полесно е камила да помине низ иглено уво, отколку на богатиот да влезе во Божјото царство.“

  25. 25

    Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“

  26. 26

    А Исус, кога ги погледна, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бог сѐ е можно.“

  27. 27

    Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ и одиме по Тебе: што ќе стане, пак, со нас?“

  28. 28

    А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие што одите по Мене, кај повторното раѓање, кога Човечкиот Син ќе седне на престолот на Својата слава, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелеви племиња;

  29. 29

    И секој што оставил куќи, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или деца, или ниви заради Моето име, ќе прими стопати повеќе и ќе наследи вечен живот.

  30. 30

    И многумина први ќе бидат последни, а последните први.“