Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 20

  1. 1

    „Зашто небесното царство е слично на домаќин кој излезе рано наутро да најми работници за своето лозје.

  2. 2

    Откако се договори со работниците за еден денариј на ден, ги испрати во своето лозје.

  3. 3

    Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа,

  4. 4

    им рече: ‚Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам.‘ И тие отидоа.

  5. 5

    Пак излезе околу шестиот и деветиот час и направи исто.

  6. 6

    А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: ‚Зошто стоите тука цел ден без работа?‘

  7. 7

    Тие му одговорија: ‚Никој не нѐ најми.‘ А тој им рече: ‚Одете и вие во лозјето.‘

  8. 8

    А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите.‘

  9. 9

    Кога дојдоа оние што беа најмени околу единаесеттиот час, секој доби по еден денариј.

  10. 10

    Кога дојдоа првите, помислија дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по еден денариј.

  11. 11

    Кога ја добија платата, почнаа да негодуваат против господарот

  12. 12

    и велеа: ‚Овие последните работеа само еден час, а ти ги изедначи со нас, кои го поднесовме тешкиот труд и жегата на целиот ден.‘

  13. 13

    Но тој му одговори на еден од нив: „Пријателе, не те онеправдувам. Зар не се договори со мене за еден денариј?

  14. 14

    Земи си го своето и оди си; и на овој, последниот сакам да му дадам колку и тебе;

  15. 15

    зар немам право да правам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, зашто сум добар?‘

  16. 16

    Така ќе бидат последните први, а првите последни.“

  17. 17

    И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече:

  18. 18

    „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Човечкиот Син ќе биде предаден на првосвештениците и учителите на Законот, и ќе Го осудат на смрт,

  19. 19

    и ќе Го предадат на незнабожците да Му се потсмеваат, да Го бичуваат и да Го распнат; и на третиот ден ќе воскресне.“

  20. 20

    Тогаш пристапи до Него мајката на Зеведеевите синови, заедно со своите синови и, клањајќи Му се, Го молеше нешто.

  21. 21

    А Тој ѝ рече: „Што бараш?“ Таа Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат кај Тебе, едниот од десната страна, а другиот од левата страна во Твоето царство!“

  22. 22

    Исус одговори: „Не знаете што барате. Можете ли да ја пиете чашата што Јас ќе ја пијам?“ Тие Му одговорија: „Можеме.“

  23. 23

    Тој им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете; но да седите од Мојата десна и од Мојата лева страна не е Мое да го дадам, туку тоа е за оние за кои е подготвено од Мојот Татко.“

  24. 24

    И десетте, штом чуја, негодуваа против двајцата браќа.

  25. 25

    Но Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека владетелите господарат над народите, а управниците имаат власт над нив;

  26. 26

    меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;

  27. 27

    и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб;

  28. 28

    Исто како што Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да го даде Својот живот како откупнина за мнозина.“

  29. 29

    Кога излегуваа од Ерихон, по Него тргна многу народ.

  30. 30

    И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине на Давид!“

  31. 31

    А народот им заповеда да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: „Смилувај ни се, Господи, Сине на Давид!“

  32. 32

    Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да ви направам?“

  33. 33

    Тие Му одговорија: „Да ни се отворат очите.“

  34. 34

    Исус се сожали над нив и им ги допре очите. Веднаш прогледаа и тргнаа по Него.