Матеј
Глава 21
- 1
Кога се приближија до Ерусалим и дојдоа во Витфагија, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца ученици
- 2
и им рече: „Одете во селото спроти вас. Веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа. Одврзете ги и доведете Ми ги.
- 3
Ако некој ви каже нешто, речете: ‚На Господ Му се потребни‘, и веднаш ќе ги испрати.“
- 4
А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели:
- 5
„Кажете ѝ на Сионовата ќерка: ‚Еве, твојот Цар доаѓа кај тебе, кроток и качен на ослица, на осле, рожба на товарно животно.‘“
- 6
Учениците отидоа и направија така, како што им заповедал Исус:
- 7
ги доведоа ослицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки, а Тој седна врз нив.
- 8
А многумина од народот ги постилаа по патот своите облеки; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот;
- 9
а народот, што одеше пред Него и по Него, викаше и велеше: „Осана на Давидовиот Син! Благословен е Оној Кој доаѓа во Господовото име! Осана на висините!“
- 10
И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, прашувајќи: „Кој е Овој?“
- 11
Народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од галилејскиот Назарет.“
- 12
И влезе Исус во храмот и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние што продаваа гулаби,
- 13
и им рече: „Напишано е: ‚Мојот Дом, дом на молитва ќе се нарече‘, а вие го направивте разбојничка пештера.“
- 14
И дојдоа кај Него во храмот слепи и куци, и Тој ги излекува.
- 15
А првосвештениците и учителите на Законот, гледајќи ги чудата што ги прави Тој, и слушајќи ги децата како викаа во храмот и велеа: „Осана на Давидовиот Син!“, се расрдија,
- 16
и Му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар не сте читале: ‚Од устата на децата и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба‘?“
- 17
Кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќи.
- 18
А утредента, враќајќи се во градот, огладне;
- 19
и виде покрај патот смоква, отиде до неа; па, кога не најде на неа ништо освен лисја, рече: „Отсега да нема плод на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши.
- 20
Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како веднаш се исуши смоквата?“
- 21
Исус им одговори и рече: „Вистина ви велам: ако имате вера и не се посомневате, не само тоа што стана со смоквата ќе направите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете: ‚Дигни се и фрли се во морето!‘ ќе биде.
- 22
И сѐ што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете.“
- 23
Кога влезе во храмот и поучуваше, Му пристапија првосвештениците и народните старешини и прашаа: „Со каква власт го правиш ова, и кој Ти ја даде таа власт?“
- 24
А Исус им одговори и рече: „И Јас ќе ве прашам нешто. Па ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам со каква власт го вршам тоа.
- 25
Јовановото крштавање од каде беше: од небото или од луѓето?“ А тие размислуваа меѓу себе и велеа: „Ако кажеме – ‚Од небото‘, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘
- 26
А ако речеме: ‚Од луѓето‘, се боиме од народот, зашто сите го сметаа Јован за пророк.“
- 27
Тие Му одговорија: „Не знаеме.“ А Тој им рече: „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го вршам тоа.“
- 28
„А како ви се чини ова? Еден човек имаше два сина; па отиде кај првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘
- 29
Тој одговори: ‚Не сакам!‘ Но потоа се премисли и отиде.
- 30
Кога дојде кај вториот, му го рече истото. Тој одговори и рече: ‚Ќе отидам, господаре.‘ Но не отиде.
- 31
Кој од двајцата ја исполни волјата на таткото?“ Тие одговорија: „Првиот.“ Исус им рече: „Вистина ви велам: даночниците и блудниците влегуваат пред вас во Божјото царство.
- 32
Зашто Јован дојде кај вас по патот на праведноста, а вие не му поверувавте; но даночниците и блудниците му поверуваа. А вие, иако го видовте тоа, ни потоа не се премисливте за да му поверувате.
- 33
Слушнете друга парабола! Еден домаќин насади лозје, го огради, ископа место за цедење грозје, изгради кула, им го изнајми на лозарите и замина.
- 34
И кога се приближи времето за берба, тој ги испрати своите слуги кај лозарите, за да му ги приберат плодовите.
- 35
Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камење го засипаа.
- 36
Потоа испрати други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто.
- 37
Најпосле го испрати кај нив својот син, велејќи: ‚Ќе се засрамат од мојот син.‘
- 38
Но лозарите, штом го видоа неговиот син, си рекоа помеѓу себе: ‚Овој е наследникот, ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство.‘
- 39
Па, кога го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.
- 40
А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“
- 41
Му одговорија: „Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите на време.“
- 42
Исус им рече: „Зар никогаш не сте прочитале во Писмата: ‚Каменот што го отфрлија градителите стана камен-темелник; тоа е од Господ и чудесно е во нашите очи‘?
- 43
Затоа ви велам дека Божјото царство ќе се земе од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови.
- 44
[Текстуално спорен стих: „И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“]
- 45
Кога ги слушнаа Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека зборува за нив.
- 46
Сакаа да Го фатат, но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк.