Прескокни кон главната содржина

Матеј

Глава 24

  1. 1

    Кога Исус излезе од храмот и си заминуваше, Му пристапија Неговите ученици за да Му ги покажат храмските градби.

  2. 2

    А Тој им рече: „Го гледате ли сето ова? Вистина ви велам: нема да остане камен врз камен што нема да биде урнат.“

  3. 3

    Кога седеше на Маслиновата Гора, учениците Му пристапија насамо и рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на Твоето доаѓање и на крајот на овој век?“

  4. 4

    И Исус им одговори и рече: „Пазете се да не ве заведе некој;

  5. 5

    зашто многумина ќе дојдат во Моето име, зборувајќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат многумина.

  6. 6

    Ќе слушате војни и гласини за војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа сѐ уште не е крајот.

  7. 7

    Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство; и на разни места ќе има глад и земјотреси;

  8. 8

    а сето тоа е почеток на болките.

  9. 9

    Тогаш ќе ве предадат на страдање и ќе ве убиваат; и сите народи ќе ве мразат поради Моето име.

  10. 10

    Тогаш мнозина ќе се соблазнат, ќе се предаваат еден со друг и ќе се мразат еден со друг.

  11. 11

    Многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат многумина;

  12. 12

    и бидејќи беззаконието ќе се умножи, љубовта на мнозина ќе се олади.

  13. 13

    А оној што ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен.

  14. 14

    И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво за сите народи; и тогаш ќе дојде крајот.

  15. 15

    Затоа, кога ќе ја видите ‚мерзоста на запустението‘, за која зборуваше пророкот Даниел, како стои на светото место – кој чита, нека разбере –

  16. 16

    тогаш оние што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат во планините;

  17. 17

    кој е на покрив, нека не слегува да земе нешто од својата куќа;

  18. 18

    и кој е на нива, нека не се враќа да ја земе својата облека!

  19. 19

    Тешко на бремените и на оние што дојат во тие денови!

  20. 20

    Затоа молете се вашето бегство да не биде зиме, или во сабота;

  21. 21

    зашто тогаш ќе биде голема неволја, каква што немало од почетокот на светот досега, ниту некогаш ќе има.

  22. 22

    И ако не се скратат оние денови, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие денови.

  23. 23

    Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, овде е Христос, или таму е‘, не верувајте!

  24. 24

    Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе се покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните.

  25. 25

    Ете, однапред ви кажав.

  26. 26

    И така, ако ви речат: „Ете, во пустината е!“ – не излегувајте; „Ете, во тајните соби е!“ – не верувајте!

  27. 27

    Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа до запад, така ќе биде доаѓањето на Човечкиот Син.

  28. 28

    Зашто, каде што е трупот, таму се собираат и орлите.

  29. 29

    И веднаш, по маките на тие денови, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и небесните сили ќе се разнишаат.

  30. 30

    Тогаш ќе се појави на небото знакот на Човечкиот Син; тогаш ќе се расплачат сите племиња на земјата и ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на небесните облаци со сила и голема слава;

  31. 31

    И ќе ги испрати Своите ангели со силен звук на труба, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветрови, од едниот до другиот крај на небесата.

  32. 32

    Од смоквата научете ја параболата: штом се подмладат нејзините гранки и пуштат лисја, знаете дека е близу летото.

  33. 33

    така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата.

  34. 34

    Вистина ви велам: нема да премине овој род, додека сето тоа не се исполни.

  35. 35

    Небото и земјата ќе преминат, но Моите зборови нема да преминат.

  36. 36

    А за тој ден и час никој не знае, ниту небесните ангели, ниту Синот, туку само Таткото;

  37. 37

    но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Човечкиот Син;

  38. 38

    зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот.

  39. 39

    И не разбраа додека не дојде потопот и не ги однесе сите – така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син.

  40. 40

    Тогаш ќе бидат двајца на нива: еден ќе се земе, а другиот ќе се остави;

  41. 41

    две жени ќе мелат на рачна мелница: едната ќе се земе, а другата ќе се остави.

  42. 42

    Затоа бидете будни, зашто не знаете во кој ден доаѓа вашиот Господ.

  43. 43

    Но знајте го ова: кога домаќинот би знаел во која ноќна стража ќе дојде крадецот, би останал буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата.

  44. 44

    Затоа бидете и вие готови, зашто во час кога не мислите, ќе дојде Човечкиот Син.

  45. 45

    Кој е, пак, тој верен и разумен слуга, кого ќе го постави неговиот господар над своите слуги, да им дава навреме храна?

  46. 46

    Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде неговиот господар, го најде да постапува така;

  47. 47

    вистина ви велам дека над целиот имот ќе го постави него.

  48. 48

    А ако тој лош слуга си рече во своето срце: „Мојот господар доцни“,

  49. 49

    па почне да ги бие своите другари и да јаде и пие со пијаниците,

  50. 50

    господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога тој не очекува и во час што нема да го знае;

  51. 51

    и ќе го пресече на две и ќе му го одреди делот со лицемерите; таму ќе има плач и крцкање со заби.“